Почитувани присутни,
дами и господа,
Задоволство ми е да се обратам на денешниот настан по повод Светскиот ден на штедењето, на којшто традиционално се потсетуваме на придобивките коишто ги носи штедењето, како за секој поединец, така и за економиите во целина.
Домашното штедењето е особено значајно за мали економии со пониско ниво на доход бидејќи од штедењето зависат инвестициите, а без инвестиции со кои се зголемува долгорочниот потенцијал за раст не е можно достигнување повисоки нивоа на доход. Впрочем, една од клучните причини за побавниот економски раст и забавената конвергенција во регионот на ЦЈЕ во декадата пред пандемијата се токму помалите инвестиции во услови на намалено домашно штедење и намален прилив на странски капитал. Оттаму, и обемот на физички капитал во земјите во регионот, вклучително и кај нас, сè уште е низок, само околу 45% од капиталот во ЕУ-15.
Домашното штедење, како разлика помеѓу вкупниот создаден доход и потрошувачката, особено добива на значење во услови на затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари. По декада од ниска инфлација и исклучително ниски каматни стапки, оваа година глобалниот амбиент ненадејно се промени. Инфлацијата значително забрза достигнувајќи историски високи нивоа, а одговорот на ова е синхронизираниот циклус на затегнување на монетарните политики. Ова во основа доведува до отежнат пристап и значително повисока цена на странските извори на финансирање (странско штедење).
Така, приносите на еврообврзниците на земјите во регионот од почетокот на годината ненадејно пораснаа (во просек за 500 базични поени), што доведе и до помал износ на издадени државни хартии од вредност за околу 55% во споредба со минатата година, а за сметка на тоа им се посветува поголемо внимание на домашните пазари (домашното штедење).
Штедењето во форма на банкарски депозити е една од најтрадиционалните, а со тоа и најзастапените форми на штедење во многу земји, вклучително и кај нас. Околу 60% од финансиската актива на домаќинствата е во форма на банкарски депозити. Гледано низ годините, депозитите на домаќинствата речиси постојано растат со солидни стапки на раст и со само повремени осцилации и минливи реакции на економските и политичките случувања. Ова укажува на изградена традиција и постојана доверба на граѓаните, вклучително и во изминативе неколку години коишто се одбележани со силни последователни шокови, коишто се одразуваат врз расположливиот доход на домаќинствата и на неговиот потенцијал и склоност за штедење.
Што поконкретно ни покажува досегашното искуство за динамиката на штедењето во развиените и во помалку развиените економии?
Во развиените земји, за време на пандемијата штедењето оствари висок раст. Во еврозоната, стапката на штедење на домаќинствата го оствари историскиот максимум од 25% од БДП во вториот квартал од 2020 година, при што главно растеа банкарските депозити. Анализите[1] за еврозоната покажуваат дека главен фактор зад ваквите придвижувања е т.н. „принудно“ штедење во услови на воведени заштитни мерки коишто ја ограничија потрошувачката, како и обемниот фискален стимул за поддршка на доходот. Исто така, сè уште постои претпазливоста поради неизвесноста предизвикана од пандемијата.
Според анкетите, поголемиот дел од домаќинства сепак не биле во можност да ги зголемат заштедите за време на пандемијата. Штедење било концентрирано кај 20% од населението, и тоа главно кај поимотните и повозрасни слоеви на општеството. Ваквата структура ја намалува улогата на овие заштеди за ублажување на енергетскиот шок, бидејќи домаќинствата што штеделе во основа се помалку чувствителни на енергетската криза. Според податоците од почетокот на оваа годината, стапката на штедење во еврозоната се намалува и се очекува дека до крајот на годината ќе се сведе на претпандемичното ниво[2].
Во земјите од ЦИЈЕ, депозитите исто така забележаа раст во пандемичниот период, но послаб во споредба со еврозоната. Според истражување на Австриската централна банка[3], стапката на штедење (мерена преку учеството на штедачите во вкупната популација) во просек била стабилна за време на пандемијата, односно изнесувала околу 50%. Македонската економија е меѓу земјите што оствариле мал раст на бројот на штедачи. Сепак, пандемијата влијаела врз способноста за штедење. Од 40 до 50% од испитаниците пријавиле дека помалку штеделе во пандемијата, а помал дел од нив (под 20%) ги користеле своите заштеди за ублажување на шокот. Како и во развиените земји, и во земјите од ЦИЈЕ антикризните мерки главно биле насочени кон домаќинствата со пониски приходи, што немаат заштеди за заштита од шоковите. Анализата ги истражува и факторите што влијаат врз штедењето, при што утврдува дека водечки фактор, од којшто најмногу зависи состојбата и прирастот на штедењето, се очекувањата за идната економска состојба на земјата. Притоа, анализата упатува дека зголемените инфлациски очекувања, а во помала мера и негативните искуства од минатото (хиперинфлација, банкарски кризи, замрзнување депозити) неповолно се одразуваат врз новото штедење.
Ако ги анализираме најновите движења од почетокот на годината, тие јасно покажуваат забавен раст на депозитите и во развиените и во помалку развиените економии. Во домашната економија, растот на вкупните депозити исто така забави, што во поголем дел произлегува од депозитите на претпријатијата, додека кај домаќинствата, движењата се постабилни. Просечната годишна стапка на раст на депозитите на домаќинствата во првите девет месеци од оваа година изнесува 5,1%, што е блиску до просекот од претходната година (5,6%). Во споредба со претходни кризи, растот на депозитите на домаќинствата во овој период е послаб во однос на глобалната економска криза, но е неколкукратно повисок од просечниот раст што беше остварен во 2016 година (1,8%), како споредлив период со оглед на присутните шпекулации за стабилноста на домашните банки и за курсот на домашната валута. Како и тогаш, така и сега, шпекулациите беа со краток здив и очекувањата релативно брзо се стабилизираа. Стабилноста на девизниот курс беше успешно задржана, со што уште еднаш се потврди кредибилитетот на стратегијата на фиксен девизен курс.
Преземавме и поцелни мерки за поттикнување на денарското штедење преку измени во инструментот задолжителна резерва. Најновите податоци, особено од третиот квартал, даваат рани сигнали за влијанието на овие мерки, односно се зголемува придонесот на денарските депозити кон растот на вкупните депозити на домаќинствата. Растат и долгорочните депозити, по подолг период на нивно намалување од почетокот на пандемијата, што е поддржано од проактивниот пристап на банките со понуда на нови депозитни производи со повисоки каматни стапки.
За поттик на штедењето е исклучително важна и стабилноста на банкарскиот сектор, којашто и покрај бројните шокови успешно се одржува, а од почетокот на пандемијата всушност е и дополнително зајакната. Банките се со подобрена капитализираност, одржуваат солидна ликвидност, а го намалија учеството на нефункционалните кредити под претпандемичното ниво. Сето ова е показател за солидната отпорност на банкарскиот сектор на шокови. Сепак, се соочуваме со големи глобални шокови, висока неизвесност, започнат е циклус на раст на каматните стапки коишто повторно можат да ја тестираат отпорноста на реалната економија, особено кога просторот за фискалната поддршка е ограничен, а преку тоа и отпорноста на банкарскиот систем.
Оттаму, Народната банка делуваше превентивно и донесе макропрудентна мерка, со која се воведе стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што дополнително ќе ја зајакне капиталната сила на домашните банки. Впрочем, една од лекциите коишто сите ги научивме од глобалната економска криза е дека најважно е да се направи темелна процена на ризикот којшто се презема, да се издвојува соодветна исправка на вредноста при првите знаци на негово остварување, како и да се зголемува капиталот за да се зголеми моќта за ублажување на евентуалните загуби, особено во услови на солидна стапка на профитабилност на банкарскиот систем.
И на крајот, многу важна улога за штедењето има и финансиската едукација, особено во вакви услови на динамичност и иновативност на финансискиот систем, поради што се нагласува важноста од правилно разбирање на финансиските концепти и веродостојно информирање при носењето на финансиските одлуки. Ова е особено значајно во банкарските системи како нашиот, каде што преовладуваат т.н. „мали штедачи“ – 94% од депозитните сметки на физичките лица (вклучително и трансакциски сметки) се однесуваат на депозити во вредност до 5.000 ЕУР.
Оттука, финансиската едукација и финансиската инклузија се важни како за стабилноста на постојните, така и за поттикнување нови заштеди. Во овој контекст, Народната банка во изминативе години сè повеќе вложува во оваа сфера, а со носењето на првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, нашата земја се издвои меѓу првите во регионот.
Почитувани,
Живееме во време на исклучителна геополитичка и економска неизвесност, но и на структурни поместувања во глобалната економија, предизвикани од климатските промени и сè поголемата дигитализација. Време во коешто концептот на штедливост станува уште позначаен, и тоа сфатен во поширока смисла – од разумна потрошувачка и користење на ресурсите до вложувања во обновливи извори на енергија и еколошки одржливи проекти. Се разбира, за трансформација на економиите најважна е поддршката од финансискиот систем, а неговиот капацитет се темели токму на заштедите на граѓаните. Во овој контекст, би издвоила еден цитат од големиот мислител и филозоф Аристотел, кој зборува за парите воопшто, но јас би го пресликала на штедењето: „Штедењето е гаранција дека во иднината можеме да го имаме она што го посакуваме. Иако, можеби во моментот немаме никаква потреба, штедењето ни ја осигурува можноста да си ја дозволиме потребата, тогаш кога таа ќе се појави“.
Ви го честитам Светскиот ден на штедењето, а на добитниците на плакети за најдобри банкарски службеници им ги честитам признанијата за постигнатиот успех.
Ви благодарам!
[1] Households saving during the COVID 19 pandemic and implications for the recovery of consumption, ECB Economic Bulletin, Issue 5/2022.
[2] ECB staff macroeconomic projections for the euro area, September 2022.
[3] Households savings in CESEE: expectations, experiences and common predictors, Focus on European Economic Integration Q1/22 и Households in CESEE and the COVID-19 pandemic: a focus on savings.