Народната банка на Република Северна Македонија е посветена за постигнување на високо ниво на усогласеност и зачувување на интегритетот во работењето, пред сѐ преку обезбедување правна рамка (Политика за усогласеност на Народната банка и Упатство за начинот на работење на функцијата усогласеност) за постигнување усогласеност на сите засегнати страни: Советот на Народната банка, гувернерот, вицегувернерите, неизвршните членови на Советот на Народната банка, останатите стратегиски и тактички раководители и вработените и се залага за постојан развој и напредок на усогласеноста на ниво на банката.
Функцијата усогласеност е независна организациска единица којашто се грижи и придонесува за законито и етички усогласено работење во банката, односно работење во согласност со регулативата за усогласеност и законската регулатива којашто го засега работењето на банката, од страна на членовите на Советот на Народната банка и вработените, при исполнувањето на целите и вршењето на нејзините задачи. Таа претставува дополнителен механизам за поддршка и зајакнување на усогласеноста на вработените и членовите на Советот, за зајакнување на институционалната способност на Народната банка и за ограничување на нејзината изложеност кон ризикот од неусогласеност.
Функцијата усогласеност им посветува внимание на прашања коишто по својата природа секогаш се од правна и етичка природа, особено на ризиците коишто би произлегле од нив во однос на репутацијата, загрозувањето на угледот и/или загрозувањето на интегритетот на Народната банка:
-
етика и професионален интегритет, судир на интерес, корупција, поткуп, заштитено внатрешно пријавување, вознемирување, подароци и слично;
-
законските обврски на вработените и членовите на Советот согласно со регулативата за усогласеност;
-
подзаконската регулатива којашто ја донесува Советот на Народната банка и друго.
За постигнување високо ниво на усогласено работење во банката, оваа организациска единица презема активности за превенција, откривање и реакција како што се: идентификација и процена на ризикот од неусогласеност, информирање и советување во однос на регулативата за усогласеност, редовни проверки и ад хок проверки за усогласеноста од доменот на нејзината надлежност, спроведување едукативни активности и обуки за промовирање и подигнување на свеста и значајноста на усогласеноста, соодветна примена на регулативата за усогласеност, советување / давање препорака со укажување за намалување на ризикот од неусогласеност, предлози за подобрување на актите од доменот на нејзиното работење и друго.
Функцијата усогласеност му посветува особено внимание на спречувањето појава на корупција и судир на интереси во рамките на работењето на Народната банка, односно таа се грижи за спроведување на активностите за спречување појава на корупција утврдени со Политиката за спречување на појава на корупција во Народната банка и советува за соодветно постапување и примена на регулативата со која се уредува спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.
За спречување корупциско, незаконско или неетичко постапување во рамките на работењето на Народната банка, функцијата усогласеност го промовира заштитеното внатрешно пријавување и запознавање на вработените со Законот за заштита на укажувачите и со останатата регулатива од оваа област.
Функцијата усогласеност е воспоставена во согласност со меѓународните принципи за усогласеност и најдобрите применети практики за усогласеност и за функцијата усогласеност на ЕЦБ и националните централни банки во Евросистемот.