Кој може да биде акционер на банка?
"Акционер на банка" може да биде секое правно или физичко лице.
Што е квалификувано учество во банка?
„Квалификувано учество во банка" е директно или индиректно поседување на најмалку 5% од вкупниот број на акции или од издадените акции со право на глас во банка или кои овозможуваат значително влијание врз управувањето на банката.
Дали е потребна согласност за стекнување квалификувано учество во банка?
Секое лице кое има намера, директно или индиректно, постапно или одеднаш, да стекне акции чиј вкупен кумулативен номинален износ изнесува или надминува 5%, 10%, 20%, 33%, 50% и 75% од вкупниот број на акции, односно од вкупниот број на издадени акции со право на глас во банката, без оглед на тоа дали акциите ги стекнува само или заедно со други поврзани лица, директно или индиректно, е должно да поднесе барање до Народната банка за добивање претходна согласност.
Кои критериуми се анализираат оценка на соодветноста на потенцијалниот акционер?
При одлучувањето врз основа на доставената документација се оценува дали лицето кое има намера да стекне акции во банка ги исполнува критериумите пропишани со Законот за банките, со што ќе се озвозможи банката да биде организирана и способна да работи согласно со прописите и пропишаните супервизорски стандарди, најмалку преку:
- утврдување на идентитетот на лицето кое има намера да стекне акции во банката, лицата поврзани со него и нивната правна форма;
- утврдување дали финансиската состојба на лицето кое има намера да стекне акции во банката е соодветна во однос на вредноста на акциите кои има намера да ги стекне;
- утврдување на изворите на средства, нивното потекло и легалност;
- репутацијата на лицето кое има намера да стекне акции во банката;
- оценка на прописите и практиките на земјата од каде доаѓа лицето кое има намера да стекне акции во банката, во поглед на тоа дали Народната банка ќе може ефикасно да ја врши супервизорската функција и дали ќе може да оствари соработка со надлежниот супервизорски орган на таа земја;
- утврдување дали степенот на усогласеност на прописите и практиките на земјата од каде доаѓа лицето кое има намера да стекне акции во банката со меѓународните стандарди во доменот на финансиите, финансиското известување и сметководство, спречувањето перење пари и финансирање на тероризмот и слично, не упатува на можноста за постоење висок ризик кој би ги загрозил стабилноста, сигурноста и репутацијата на банката, односно нејзиното работење во согласност со прописите (ако се работи за странско лице кое има намера да стекне акции во банката).
Во кој рок се одлучува по поднесеното барање?
Народната банка донесува решение за издавање на согласност или за одбивање на барањето во рок од 30 дена, но не повеќе од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето (во зависност од потребата за комплетирање на поднесеното барање и периодот од поднесување на барање од страна на Народна банка до надлежни домашни и странски органи и институции за добивање документи и информации потребни за одлучување по барањето).