Обликување на платежните иновации
Дами и господа, добар денПочитувани гости,
Ми претставува огромно задоволство да ви се обратам на сите вас на денешното затворање на 15-тата јубилејна конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура: Обликување на платежните иновации. По 15-ти пат, оваа конференција ни обезбеди единствена платформа за истражување на предизвиците и можностите во рамките на пејзажот на плаќањата и пазарната инфраструктура.
Во текот на Конференцијата, истраживме различни теми од исклучително значење за нашиот регион и пошироко. Програмата опфати широк спектар теми, покривајќи ја интеграцијата на Западен Балкан во СЕПА, потпирајќи се на искуството на членките на СЕПА, како Романија, и на земјите кандидатки за членство, како Грузија, навлегувајќи и во темите за T2 и ТИПС, ЦБДЦ, отвореното банкарство, како и за други важни теми. Дозволете ми да ги опфатам и дополнително да се осврнам на идеите, дискусиите и заклучоците коишто колективно ги формулиравме во текот на изминативе два дена:
На отворањето, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска го истакна брзиот технолошки напредок во платежната индустрија, што доведе до појава на нови платежни производи, услуги и даватели на платежни услуги. Таа нагласи дека овие иновации се изградени врз три клучни столба, како што утврди Светската банка во 2022 година, коишто беа темелно објаснети, со концизност и сликовитост. Севкупниот резултат од ова модернизирање на платежниот пејзаж укажува на значителен пораст на дигиталните плаќања на глобално ниво. Според базата на податоци Финдекс на Светската банка, процентот на возрасни лица коишто извршуваат или примаат дигитални плаќања се зголеми од 44% во 2014 година на 64% во 2021 година. Иако бројот на дигитални плаќања по лице во Северна Македонија можеби е помал во споредба со земјите наведени во Црвената книга за статистика, нашата нација, исто така, посведочи за забележителна промена кон поголема дигитализација на плаќањата. Всушност, бројот на дигиталните плаќања по лице се зголеми за повеќе од трипати во текот на изминатите седум години, од 20 плаќања во 2016 година, до 70 плаќања колку што се искачи оваа бројка во 2022 година.
Госпоѓата Инге ван Дијк се осврна на идниот развој на европските плаќања и ги истакна проектите остварени во рамките на Евросистемот. Таа ја нагласи важноста од соработката во плаќањата во услови на технолошки напредок и глобализација, нагласувајќи ја потребата од побрзи, поевтини, транспарентни и инклузивни прекугранични плаќања. Госпоѓата Ван Дијк зборуваше за напредокот постигнат преку Комитетот за плаќања и пазарна инфраструктура и иницијативата на Одборот за финансиска стабилност за подобрување на прекуграничните плаќања. Таа се осврна и на предизвиците што ги носат технологијата и финтек-компаниите на европскиот пазар на плаќања. Понатаму, таа ја нагласи улогата на СЕПА во усогласувањето на европските плаќања, поддршката на иновациите и изрази поддршка за ТИПС, Европската иницијатива за плаќања и дигиталното евро.
Темата за интеграцијата на Западен Балкан во СЕПА беше главната точка на нашите дискусии. Од суштинско значење за нашиот регион е да се усогласат нашите платежни инфраструктури со рамката на СЕПА, овозможувајќи непречени прекугранични трансакции и поттикнувајќи го економскиот раст. Преку прифаќање на принципите и стандардите на СЕПА можеме да ја подобриме ефикасноста, да ги намалиме трошоците и да ја олесниме трговијата и инвестициите во и надвор од нашите граници. На оваа тема, г-ѓа Силвија ди Лило, која беше претседавач на дискусијата за премостување на јазот кон СЕПА со нашите истакнати учесници на панел-дискусијата од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Северна Македонија, истакна дека придржувањето кон СЕПА овозможува пристап до алатки за дигитализирање и модернизирање на плаќањата, промовирајќи финансиска вклученост. Тоа е долг процес којшто бара еднакво вложување политички, деловни и регулаторни напори. Европскиот совет за плаќање преку своето искуство и агилност, е посветен на поттикнување експедитивен процес, овозможувајќи непречена процедура за вклучување откако ќе се воспостават рамноправни услови за учество и ќе се исполнат сите критериуми.
Искуствата на земјите од СЕПА и земјите кандидатки се покажаа како непроценливи во нашата потрага по посилна финансиска рамка. Романија, како земја на СЕПА, се стекна со драгоцено знаење во изградбата на потребната инфраструктура и усогласувањето на платните системи. Исто така, Грузија, како земја кандидатка, го започна своето патување кон СЕПА, збогатувајќи го нашето поимање на предизвиците и можностите што претстојат. Учејќи од нивните искуства, можеме да се движиме кон обемен и интегриран финансиски екосистем. Сумирајќи ја интересната дискусија со нашите учесници од Романија и Грузија, г-ѓа Инге ван Дијк истакна дека патот на приклучување кон СЕПА е долг и сложен. Треба да им се посвети внимание на сите релевантни аспекти на процесот на придржување кон СЕПА и важно е правилно да се спроведе. Така, тоа не треба да се прави набрзина со оглед на тоа што не се работи за натпревар, туку треба да одвоиме време да ги вклучиме сите засегнати страни. И покрај разликите меѓу земјите, може многу да се научи од меѓусебните искуства.
За време на оваа конференција, се впуштивме и во истражување на потенцијалите за трансформација на новите технологии. T2 и ТИПС се појавија како катализатори за иновациите во платните системи. Како што спомена г. Фабрицио Диначи, амбициите на Евросистемот излегуваат од рамките на обичните пазарни инфраструктури, бидејќи тој се стреми да поттикне зголемена соработка со централните банки коишто не користат евро во рамките на Европската економска област, на тој начин поттикнувајќи подлабоко чувство за соработка. ТИПС им овозможува и на поединците и на деловните субјекти да се вклучат во трансферите на пари во реално време, коишто работат деноноќно, 365 дена во годината. Вреди да се напомене дека сегашната цел на ЕЦБ е да ја прошири пристапноста на ТИПС на паневропско ниво. Во однос на проектот T2, којшто започна во март 2023 година, тој изјави дека проектот T2-T2С Консолидација (ЦСЛД) има за цел да постигне намалени оперативни трошоци, заедничко управување со референтните податоци, подобрено управување со ликвидноста, целосна миграција кон стандардот ИСО 20022, флексибилност на давателот на мрежни услуги, можност за повеќевалутни услуги на РТГС-системот и заеднички компоненти.
Темата за дигиталната валута на централната банка (ЦБДЦ), исто така, го привлече нашето внимание. Неговиот потенцијал да ги трансформира плаќањата, финансиската вклученост и монетарната политика не може да се потцени.
Госпоѓата Анеке Косе нагласи дека интероперабилноста е клучот за успехот на дигиталните валути на централната банка (ЦБДЦ). Од клучно значење е да се осигури дека ЦБДЦ се компатибилни со другите начини на плаќање, што го поттикнува нивното усвојување, со што се овозможува прекугранична функционалност. Со проширувањето на ЦБДЦ со прекуграничните плаќања, можеме да обезбедиме лесен пристап до другите валути, да поттикнеме поголема прифатеност и да поттикнеме иновации. Споделувањето на знаењата во раната фаза и меѓународната соработка играат клучна улога во обликувањето на иднината за ЦБДЦ коишто промовираат транспарентност, инклузивност и иновации во глобалниот финансиски пејзаж.
Господинот Џон Велисариос, зборувајќи на темата за ЦБДЦ, истакна дека централните банки ширум светот опширно истражувале и активно експериментирале со ЦБДЦ преку различни апликации, вклучувајќи ги и малопродажните, големопродажните и прекуграничните контексти. Зголемената популарност на ЦБДЦ е силен показател дека дигиталните валути наскоро ќе станат составен дел од нашиот секојдневен живот.
Господинот Макс Герлинг го нагласи значењето на Европската иницијатива за плаќања (ЕПИ) при купувањето на производот на „идеал“ и потенцијалната вредност што може да им ја донесе на различни пазарни учесници. Производот на ЕПИ е осмислен како разновиден дигитален паричник и унифицирано инстант решение за плаќање од сметка на сметка низ европските земји, и сето ова со единствен назив.
Отвореното банкарство се појави како трансформативна сила, револуција во начинот на кој пристапуваме кон и ги користиме финансиски услуги. При прифаќањето на оваа промена на парадигмата, од клучно значење е да воспоставиме стабилни рамки, големи механизми за заштита на податоците и да ја охрабриме соработката помеѓу учесниците на пазарот. Госпоѓата Сања Илиев го истакна искуството на „Комерцбанк“ со отвореното банкарство, нагласувајќи ја промената на индустријата кон персонализирани решенија за клиентите и клучната врска помеѓу управувањето и технологијата во отвореното банкарство.
Од одличното излагање на г. Јан Вермулен разбравме дека поттикот што го дава отвореното банкарство е силен. Господинот Вермулен и ценетите учесници на панел-дискусијата посветена на отвореното банкарство на која присуствуваме денес заклучија дека отвореното банкарство е иновативен чекор во платежните услуги, но нагласија дека не се искористени сите очекувани придобивки. Иако нивоата на безбедност се подобрија и се појавија можности за конкуренција, учесниците на пазарот се соочија со предизвици при техничката примена на отвореното банкарство, а конкуренцијата помеѓу новите учесници во финтек-секторот и актуелните компании беше само делумна. Сепак, искуството беше интересно, а неодамнешните случувања даваат уверување дека има можности за подобри искуства во следната фаза од отвореното банкарство и отворените финансии.
Подемот на финтек и биктек, поновите платежни услуги и безбедносните ризици поврзани со нив, ги мотивираа регулаторите во ЕУ да проценат дали ПСД 2 треба да претрпи измени за да се земат предвид размислувања во врска со нив. Тогаш се очекува дека ПСД3 ќе предложи натамошна примена на рамката на Директивата за платежни услуги којашто ги регулира електронските плаќања и банкарскиот систем во Европа и Европската економска област.
Со примената на знаењето стекнато од оваа конференција, можеме да го придвижиме нашиот финансиски пејзаж кон поголема интеграција, ефикасност и издржливост. Интеграцијата на регионот на Западен Балкан (ЗБ6) во ЕУ, вклучувајќи го усогласувањето со стандардите на СЕПА, е од клучно значење за поттикнување на усогласувањето на платниот систем, прекуграничните трансакции и економскиот раст, обликувајќи поинтегриран и поефикасен европски финансиски пејзаж. Со нашата колективна соработка имаме моќ да постигнеме извонредни резултати во обликувањето на иднината на плаќањата и пазарните инфраструктури.
Во текот на оваа конференција, бевме сведоци на моќта на размената на знаењата и соработката. Споделените согледувања, негуваните односи и насобраните идеи несомнено го отворија патот за напредок во областа на плаќањата и пазарните инфраструктури. Наша колективна одговорност е да продолжиме со овие разговори и надвор од рамките на оваа конференција, што ќе доведе до конкретни акции и опипливи резултати.
На крајот, би сакала да изразам искрена благодарност до сите истакнати говорници, експерти и учесници кои придонесоа за успехот на оваа 15-та јубилејна конференција за плаќањата и пазарните инфраструктури. Вашето присуство и активен ангажман придонесоа овој настан да биде навистина незаборавен.
Исто така, би сакала да ја изразам мојата најдлабока благодарност до организацискиот одбор, составен од нашите вработени во Банката и од Централната банка на Холандија, за нивното прецизно планирање и организација на овој навистина исклучителен настан.
Уште еднаш ви благодарам и ви посакувам среќен пат и натамошни успеси во вашата работа!