Вашингтон, 3 ноември 2020 година
За македонската економија, ММФ во април издвои заем во висина од 176 милиони евра, и засега ситуацијата е стабилна, но може да се смени, изјави Антони де Ланој, од позиција на извршен директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и член на Извршниот одбор на ММФ, задолжен за Северна Македонија и 15 земји во светот. Во интервју за Гласот на Америка, тој ги коментираше последните случувања во банкарскиот систем, но и актуелните предизвици со кризата со ковид-19 врз домашната економија, но и регионот.
Во интервјуто, тој се осврнува и на укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“.
Глас на Америка: Какво влијание имаат ваквите одлуки од Народната банка врз севкупниот банкарски систем во Северна Македонија?
„Генерално, со оглед на актуелниот контекст, Централните банки понекогаш мора да преземат тешки одлуки со супервизорски мерки. Влијанието од Централната банка е секогаш да ја гарантира стабилноста на севкупниот систем. Таа не поаѓа од интересот на одредена институција“, изјави де Ланој.
Тој и коментира:
„Важно е централните банки да се независни, согласно мандатот на монетарни власти, но и како супервизори. Ја надгледуваат стабилноста на банкарскиот систем во целина, и доколку има проблеми со некоја банка, преземаат мерки, понекогаш, за жал, и со затворање и престанок на работењето на проблематичната банка“, изјави де Ланој.
Според него, севкупно финансискиот систем е стабилен, но Народната банка мора да го надгледува банкарскиот систем, и како, тој, функционира.
Глас на Америка: Кризата со ковид – 19 има опустошувачки ефекти врз многу земји во светот, но Северна Македонија, барем, според последните вести, како да не е толку погодена?
„Апсолутно, сте во право. Влијанието од оваа криза врз светот е значително. Северна Македонија прими итна помош со финансирање од ММФ во април во висина од 176 милиони евра, и засега ситуацијата во земјата е стабилна, но може да се смени.“, изјави де Ланој.
Глас на Америка: Од позицијата на извршен директор во ММФ, каков совет би упатиле до македонската Влада, банките, стопанството, во ублажување на економската штета, која би уследила следната година, поради ударот од коронавирусот?
„Треба да преземат веднаш неколку мерки. Најпрво, треба да се справат со актуелната здравствена криза, и владата треба да ја поддржи економијата и здравствениот сектор. Кога мислам на економијата треба се има предвид да не создадат долготрајни економски последици поради кризата. Кога размислувате за обновата, треба да се гледа кон долготрајните предизвици. Не треба да се занемари и одржливоста на задолжувањето, но ѝ да се размислува за транзицијата кон по еколошка економија“, оцени извршниот директор на ММФ.
Глас на Америка: Дали 2021-ва ќе биде подобра од оваа година, за регионот, но и за Северна Македонија. Кои се проекциите од ММФ?
„Предвидуваме скок во 2021-ва, ситуацијата би била подобра од 2020-та, но тоа може да се смени, ако кризата трае подолго. Да предупредам, нема да се вратиме на економската слика и да го надоместиме загубеното во 2020-та. Ќе биде потребно подолг период, неколку години“, оцени де Ланој, во разговор за Гласот на Америка.
И Светската банка во најновиот извештај предупредува на предизвиците, но и ризиците кои ја демнат македонската економија во услови на глобална криза. Меѓународната финансиска институција укажува дека ударот е врз сите сектори на економијата, која годинава ќе биде во минус од 4,1%.
Интервјуто е достапно тука.