Ние, Народната банка, ви даваме можности за активно учење и постојано развивање на професионално и лично ниво. Во тоа напредување, ние, како современ работодавач:

Се грижиме за постигнување на примарната цел на Народната банка и за исполнувањето на своите задачи, како и за угледот во домашната и меѓународната средина, со високо ниво на професионализам во работата;
 Користиме соодветни стратегии за избор, развој, мотивирање и задржување на професионалци кои со својот потенцијал ќе ни помогнат во постигнување на целите;
 Го поддржуваме развојот на индивидуалниот потенцијал преку инвестиција во обуки и учење на работното место, како и менторство од искусни и стручни колеги;
 Постојано го зајакнуваме нашиот тим на професионалци со кандидати со долгогодишно искуство, како и со оние кои се на самиот почеток на својата кариера;
 Управуваме со знаењата, вештините и способностите (компетенции) на вработените и обезбедуваме пријатна средина за работа и корпоративно однесување; 
 Обезбедуваме високо ниво на ангажираност на секој вработен на работното место и на тимот, заради остварување успешни резултати и додадена вредност во работата;
 Ги вреднуваме вработените кои имаат постигнато значителен придонес во работата и ги поттикнуваме кон развојни решенија.

Покрај тоа, обезбедуваме награди за придонес, можности за истражувања, посети во европските централни банки и пошироко, поддршка во академските студии, спортски активности, интерни обуки за личен развој, тимски дружења, синдикални придобивки, Библиотека со најсовремена стручна литература и многу други предизвици! 


Во внатрешното управување со човечките ресурси и во градењето на организациската и индивидуалната свесност, се водиме од следниве постулати:

Почитување на другите ‒ соработка и комуникација, на секое ниво, притоа грижејќи се за праведноста, почитта, чесноста и довербата;

Прифаќање на различностите ‒ градење средина на прифаќање на различностите кај вработените, нивните ставови, карактеристики и идеи, притоа поттикнувајќи ја нивната инклузивност; 

Транспарентност ‒ поттикнување отворена комуникација и информираност на секое ниво;

Подготвеност за промени и иновации ‒ отвореност кон нови можности, постојано учење, поттикнување на креативноста, како и преземање активности за постојано подобрување на работата и резултатите;

Правичен третман – воспоставување праведно однесување за еднаков третман во управувањето со вработените. Поточно, обезбедување еднакви можности за вработените во однос на унапредувањето во работата, пристапот до сите видови стручно оспособување, условите за работење и сите права и обврски од работниот однос;

Подигнување на свесноста – преземање лична одговорност во работата, мотивирање и самомотивирање за поголем придонес, активна ангажираност и задржување на квалитетните кадри;

Свесност – одговорност при непочитување на редот, дисциплината и договорните обврски;

Недискриминација – почитување на различностите во однос на расното или етичкото потекло, бојата на кожата, полот, возраста, религиозното, политичкото или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост итн.

Визијата, мисијата и постулатите во водењето на вработените и нивната меѓусебна соработка произлегуваат од Политиката на Народната банка за управување со човечките ресурси (преземи).


Зборот „тим“ е клучен во нашата работа!


Бидете и Вие дел од нашиот тим!