Надворешниот долг на една економија ги претставува тековните обврски помеѓу резиденти и нерезиденти врз основа на должнички инструменти, на одреден датум. Статистичкото истражување на надворешниот долг опфаќа стандардни извештаи за бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања.

Најчесто користен показател за надворешниот долг е бруто надворешниот долг, кој во даден момент е еднаков на износот на тековните и безусловни обврски коишто бараат плаќања на главнина и/или камата од страна на должникот во некое идно време и коишто се должат кон нерезиденти од страна на резидентите на една економија.
 
Статистиката за надворешниот долг исто така вклучува индикатори за нето надворешен долг т.е. разлика помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања. Нето надворешниот долг, во својата структура е идентичен со бруто надворешниот долг и побарувања, при што стандардниот приказ на сите категории е поделба по институционални сектори, рочност и видови должнички инструменти. 



Најнови остварувања:

   

На крајот на декември 2024 година, бруто надворешниот долг изнесува 12.320 милиони евра (или 79,9% од БДП за 2024 година) и бележи квартално зголемување од 449 милиони евра, додека бруто надворешните побарувања се зголемија за 265 милиони евра и изнесуваат 7.690 милиони евра (или 49,9% од БДП). Поголемото квартално зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 183 милиони евра, така што на крајот на декември 2024 година тој изнесува 4.630 милиони евра (или 30% од БДП). Зголемувањето на нето надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од зголемувањето на приватниот нето-долг за 328 милиони евра, при намалувањето на јавниот нето-долг за 144 милиони евра. Прочитај повеќе...      

                


 






 


Архива на надворешен долг 

    

За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)