Минимална стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ)
Минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски е нова регулативна обврска којашто се воведува со Законот за решавање, со цел да се обезбедат услови за соодветна примена на инструментите за решавање. За таа цел, банките треба да располагаат со соодветен износ на сопствени средства и дозволени обврски којшто треба да овозможи покривање на следниве две компоненти: (1) износот за покривање на загубите и (2) износот за докапитализација. Висината на овие две компоненти зависи од профилот на ризичност на банката, нејзиниот деловен модел, критичните функции што ги врши, но и од стратегијата за решавање којашто Народната банка ја определила како пожелна стратегија за решавање на соодветната банка (пред сѐ од инструментот за решавање).
Износот за покривање на загубите е еднаков на износот на сопствени средства и дозволени обврски којшто ќе ѝ овозможи на банката да ги покрие сите загуби по примената на соодветниот инструмент за решавање. Доколку се работи за банка за која во случај на престанок со работа е предвидена стечајна постапка, тоа значи дека банката нема да продолжи со работа, па во тој случај МРЕЛ се состои само од износот за покривање на загубите.
Во случаите кога се смета дека банката е од јавен интерес и дека треба и натаму да се извршуваат нејзините критични функции по примената на соодветниот инструмент за решавање, банката треба да располага со сопствени средства и дозволени обврски коишто ќе овозможат, покрај покривање на загубите, да се достигне и да се одржува соодветно ниво на капитал којшто ќе овозможи непречено работење и исполнување на барањата пропишани со Законот за банките. Ова се овозможува преку износот на докапитализација којшто е составна компонента на МРЕЛ.
Народната банка ќе ги донесе првите одлуки за потребното ниво на стапката на сопствени средства и дозволени обврски за секоја банка во рок од 12 месеци од денот на започнувањето со примената на Законот, односно најдоцна до 13.10.2026 година, а крајниот рок на исполнување на потребното ниво МРЕЛ е 31.12.2032 година.