Извештај со податоци на физичките лица од Кредитниот регистар на Народната банка на Република Северна Македонија

Народната банка го има воспоставено и го води Кредитниот регистар, согласно со член 39 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 I 83/2018) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2021). 

Банките и штедилниците доставуваат податоци и информации до Народната банка за водење на Кредитниот регистар. Корисници на Кредитниот регистар се Народната банка и банките и штедилниците коишто имаат добиено дозвола за основање и работење од гувернерот на Народната банка.

Во согласност со Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар („Службен весник на РМ“ бр. 186/2013, 74/2015 и 77/2015) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 146/2020), банките се должни да достават податоци за сите домашни и странски банки, нерезиденти, сите домашни небанкарски финансиски институции, сите останати домашни нефинансиски институции со вкупна изложеност на кредитен ризик над 300 илјади денари, како и за сите домашни физички лица, трговци поединци, физички лица коишто согласно со Законот за трговските друштва не се сметаат за трговци, со вкупна изложеност на кредитен ризик над 5 илјади денари.

Штедилниците задолжително доставуваат поединечни податоци за сите правни лица со вкупна изложеност на кредитен ризик над 50 илјади денари и за сите домашни физички лица, трговци поединци, физички лица кои согласно со Законот за трговските друштва не се сметаат за трговци, со вкупна изложеност на кредитен ризик над 5 илјади денари.

Народната банка ги користи податоците од Кредитниот регистар како дел од спроведувањето на својата супервизорска функција, од аспект на анализа на кредитниот ризик на кој се изложени банките и штедилниците во своето работење. Банките и штедилниците ги користат податоците од Кредитниот регистар како помошно средство во оценка на кредитната способност на секој нов или постоен клиент кредитокорисник.

Напоменуваме дека податоците содржани во Кредитниот регистар не можат да бидат единствена основа за донесување судска одлука или друга одлука што произведува правно дејство спрема некое лице или значително го засега тоа лице. Во случај на нецелосни, неточни или неажурирани лични податоци, барателите на податоци треба да се обратат во банката/штедилницата којашто ги доставила личните податоци и којашто треба да ги изврши соодветните измени во доставените податоци.

Извештајот што го издава Народната банка на барање на физичките лица содржи податоци за износот на обврските и институциите коишто ги имаат пријавено на последниот датум на доставување податоци од страна на банките/штедилниците. Покрај ова, извештајот содржи и збирен податок за обврските на барателот како жирант.


Поднесување барање

Услугата за поднесување на барања за добивање на Извештај со податоци од Кредитниот регистар на НБРСМ може да се врши електронски (дигитално) или со лично/физичко присуство кај архивата на Народната банка.

А) Поднесување барање и добивање извештај по електронски пат

Дигитализацијата на услугата за издавање на Извештаи од Кредитниот регистар, за физичките лица кои се јавуваат како баратели на податоци од Кредитниот регистар, претставува поедноставен и побрз пристап до потребните информации.

Оваа електронска услуга за секое физичко лице се обезбедува преку Националниот портал за услуги www.uslugi.gov.mk, каде на едно место може да се најдат информации и за останатите услуги кои ги нудат државните институции.

За да го добиете вашиот извештај, користете го линкот https://uslugi.gov.mk/service/izdavanje-podatoci-na-fizichki-lica-od-kreditniot-registar-na-nbrsm-5721 најавете се со вашиот кориснички профил и одберете ја услугата издавање на податоци од Кредитниот регистар. Единствено регистрирани корисници имаат право на овој сервис, при што автоматски се преземаат вашите лични податоци.

За кус временски период, на вашиот кориснички профил, ќе добиете известување за изгенериран документ „Извештај од Кредитниот регистар“, којшто содржи податоци за вкупната кредитна изложеност на барателот за последен датум со којшто располага Народната банка.

Б) Поднесување барање преку архивата на Народната банка

Извештајот може да го побара физичко лице лично или преку полномошник. Народната банка одговара само на барањата коишто се поднесени во формата пропишана во Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар.

Барањата се поднесуваат лично од барателот или полномошникот, преку писарницата на Народната банка, на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр.1, во Скопје, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот.

Образецот за барањето и полномоштвото може да се подигнат на портирницата на Народната банка или се преземаат од интернет-страницата на Народната банка (преземи образец).


Поднесување на барањето преку полномошник

Доколку извештајот се бара преку полномошник, задолжително се приложува полномошно заверено на нотар. Образецот за полномоштво, коешто се однесува единствено на добивање податоци од Кредитниот регистар, се презема од портирницата на Народната банка или од интернет-страницата на Народната банка (преземи образец).

Извештај од Кредитниот регистар не се издава на ополномоштеници, чиишто полномоштва не се специфицирани за барање податоци од Кредитниот регистар.


Одговори во врска со поднесените барања

Одговорите, односно извештаите се издаваат во форма на пропишан образец, во период од 8:15 до 16 часот. Рок за изработка на одговорот на поднесеното барање е пет работни дена. По изработката на барањата, вработените од Народната банка контактираат со барателите или со овластените лица на телефонските броеви за контакт коишто се запишани во барањето. Во случаите кога барателот не е жител на Скопје, доколку барањето е поднесено до 11 часот, извештајот со податоците се изработува и се издава во текот на истиот работен ден.


Подигање на одговорите врз основа на поднесените барања

Одговорите, односно извештаите врз основа на барањата поднесени од физичките лица се подигаат лично или преку ополномоштеник. Барателот го потврдува својот идентитет со прикажување валиден документ за лична идентификација (лична карта или пасош). Кога одговорот го подига ополномоштеното лице, тоа се легитимира со валиден документ за лична идентификација (лична карта или пасош).

При подигањето на одговорот врз основа на поднесеното барање, лицето коешто го подига извештајот се потпишува на примерокот од одговорот којшто останува во Народната банка. Примерокот што му се дава на барателот, задолжително, заради личните податоци, се издава во затворен плик.

Народната банка нема да изврши повторно издавање извештај во период пократок од 30 дена, односно во период помеѓу два извештајни датума во кој банките/штедилниците немаат извршено измени во базата на податоци.