Говор на Инге ван Дијк ‒ Обликување на платежните иновации
Добро утро на сите!
Би сакала да ѝ се придружам на гувернерката Бежоска во топлото добредојде на сите на оваа конференција којашто со голема чест ја организираме заедно со Народната банка на Северна Македонија.
Нашето долгогодишно партнерство датира од доцните 1990-ти. Во тоа време, Конституенцата на ММФ предводена од Холандија значително се зголеми на тринаесет земји, од кои многу беа во транзиција од економија контролирана од државата во пазарно ориентирана економија. Банката на Холандија имаше можност да им обезбеди билатерална помош на централните банки на овие земји, меѓу кои и Северна Македонија. Низ годините, се покажа дека плаќањата постојано се важна тема на нашата програма, а денешната програма само го потврдува тоа.
Годинава го славиме 15-тото издание на годишната конференција во Охрид. Задоволството е големо затоа што можеме да го прославиме со лично присуство по пандемијата, и тоа токму во Охрид. Познат како Ерусалим на Балканот, поради фактот што некогаш во овој град имало ни помалку, ни повеќе туку 365 цркви, по еднa за секој ден од годината. Не е ни чудо што тој е и важно место за духовно патување, за размислување. Место каде што се измислени нови стилови на фрески, а некои дури тврдат дека Охрид е лулка на ренесансата, што е најсоодветна илустрација за тоа колку е важна размената на идеи и информации. Или кажано во економска смисла, соработката никогаш не е игра без добивка.
Неодамнешните кризи покажаа дека недостатокот на соработка може да биде дури и полош од играта со нулта сума: нејзините први денови ни служат како груб потсетник дека, во нашите глобализирани економии, затворените политики речиси секогаш водат кон игра со негативен резултат. Дефинитивно е корисно да се соработува. Начинот на соработка во Европа, додека бевме нападнати, мораше целосно да се преосмисли, со што таа стана посилна.
Во светот на плаќањата, технолошкиот развој, дигитализацијата и глобализацијата се главните движечки сили. Тие нудат многу можности во нашата потрага по силни, сигурни и иновативни плаќања. И тука соработката е клучна за да се искористат потенцијалните придобивки. Во овој контекст сакам да го споменам преминувањето кон стандардот ИСО 20022.
Стандардот за пораки ИСО 20022 обезбедува заеднички и најбогат јазик што може да се користи за секаков вид финансиска трансакција. Целните услуги на Евросистемот успешно преминаа кон овој стандард оваа година, додека пазарот во еврозоната, којшто е усогласен со СЕПА од 2014 година, се надградува на верзијата ИСО 20022 од 2019 година до крајот на оваа година. Многу земји ширум светот го спроведуваат или го имаат спроведено овој ИСО-стандард, отворајќи го патот кон иднината.
Прекуграничните плаќања се во центарот на меѓународната трговија и економската активност. Меѓутоа, прекуграничните плаќања предолго се соочуваат со четири посебни предизвици: високи трошоци, мала брзина, ограничен пристап и недоволна транспарентност. Побрзите, поевтини, потранспарентни и инклузивни прекугранични плаќања ќе дадат големи придобивки за поддршка на економскиот раст, меѓународната трговија, глобалниот развој и финансиската вклученост. Целта што треба да се постигне до 2027 година е вршење уплата, без разлика дали како граѓанин или деловно претпријатие, на другиот крај на светот, за само неколку часа и по мал дел од денешната цена.
Во 2020 година, лидерите на Г20 ги поддржаа овие цели во Насоките за подобрување на прекуграничните плаќања и оттогаш Комитетот за плаќања и пазарни инфраструктури и Одборот за финансиска стабилност постигнаа многу во поставувањето на темелите преку потребните анализи за деветнаесетте т.н. „градежни блокови“. Во следната фаза, ќе се премине кон практично спроведување на програмата, фокусирајќи се на три теми: меѓусебната соработка, регулативната рамка и усогласените стандарди за податоците и пораките. Годините што доаѓаат ќе бидат важни за целосно искористување на потенцијалот за побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични плаќања.
И тука, соработката ќе биде клучна за да се искористат потенцијалните придобивки, и тоа соработката меѓу властите за усогласување на надзорните рамки, а особено со сите пазарни страни вклучени во финансиската индустрија коишто треба да го исполнат тоа.
Дозволете ми сега да им обрнам посебно внимание на европските плаќања. Големите технолошки компании, заедно со специјализираните финтек-компании, стануваат сѐ поактивни во синџирот на плаќања, доведувајќи ја во прашање традиционалната улога на банките во доменот на плаќањата веќе неколку години по ред. Европа треба да најде одговор на овие предизвици. Како да ги заштитиме стабилноста и достапноста на плаќањата за сите европски граѓани соочени со овие случувања?
Понатамошната интеграција на европскиот пазар на плаќања е неопходен чекор за да се изгради посилна Европа. Меѓутоа, ова не е толку едноставно на традиционално фрагментиран пазар.
Претходно бев одговорна за развојот на СЕПА и за корпоративното спроведување низ Европа за една голема меѓународна холандска банка и можам да ве уверам дека тоа не беше лесна задача. Поставувањето на стратегијата за усогласување и стандардизирање беше тешка одлука за донесување, со оглед на вклучените инвестиции, но трајното поврзување на сите пазарни страни со ИСО 20022 беше еден од најсложените оперативни процеси што морав да ги спроведам, особено имајќи предвид дека тоа немаше вистинска корист за јавноста во земјата од каде што доаѓам.
Сепак, уште од спроведувањето на СЕПА, во Холандија сме сведоци на многу иновации, како што е спроведувањето на инстант плаќањата во 2019 година и кодовите за брз одговор (QR) како најважни на оваа нова дигитална шина, при што се овозможува лесно извршување на плаќањата во земјата.
Технолошката дигитална шина што ја обезбеди СЕПА, не само што ги усогласи европските плаќања, обезбедувајќи поголема брзина и ефикасност, туку и го отвори патот за поголема конкуренција и иновации, нудејќи нови решенија за плаќања за јавноста и за трговците на мало, со што станавме помалку зависни од големите компании за картички.
Затоа, насловот на Конференцијата е многу соодветен. Избирањето на СЕПА секако може да се гледа како начин на обликување на платежните иновации.
Денес и утре, меѓу другото, ќе разговараме за ТИПС, односно за целните услуги за инстант плаќања и за неговите можности за плаќања во повеќе валути, што би можело да биде тема од интерес, како и за Европската иницијатива за плаќања, како исклучителен обид за усогласена Европа што ние многу го поддржуваме. На Програмата за оваа конференција не е ставена темата за дигиталното евро, но секако и оваа последна иницијатива на Евросистемот надополнета со законскиот предлог од Европската комисија токму вчера, има за цел да изгради посилна Европа и да обезбеди достапност на јавните средства за сите, и тоа во опкружување коешто станува сѐ подигитално. Веруваме дека дигиталното евро ќе ја надополни физичката готовина, којашто и натаму е важна и ќе постои заеднички покрај значајните приватни иницијативи како што се ЕПИ и СПАА, шемата за пристап до платежна сметка на СЕПА, којашто ги поставува темелите за отворено банкарство надвор од ПСД2.
Ниту една од овие важни иницијативи никогаш немаше да биде успешна да не беше блиската соработка помеѓу банките, клириншките куќи, претставниците на заинтересираните страни, централните банкари, министерствата и законодавците. За ова е потребно време, како и за сите големи платежни инфраструктури, но сите тие влеваат голема надеж за градење усогласена и посилна Европа и како такви треба да ја добијат нашата целосна поддршка и посветеност.
На крајот, би сакала да ѝ се заблагодарам на Народната банка на Република Северна Македонија за организирањето на настанот и за конструктивната и плодотворна соработка. Оваа конференција секогаш претставувала важна платформа за размена на мислења, во духот на меѓусебното почитување и соработка. Во овој контекст, сакам да цитирам една стара африканска изрека којашто секако има вредност во нашиов случај: „Ако сакате да одите брзо, одете сами. Ако сакате да стигнете далеку, одете заедно.“
Ви посакувам инспиративни дискусии и одлична соработка во двата дена.
Ви благодарам!