Издавање дозволи
Информации за добивање дозвола за платежни институции, институции за електронски пари и оператори на платни системи
1. Платежни институции и институции за електронски пари
Платежни услуги и издавање електронски пари може да вршат единствено трговски друштва коишто од Народната банка имаат добиено дозвола за вршење на овој вид активности. Добивањето дозвола е процес на лиценцирање којшто Народната банка го спроведува со цел да се оцени исполнувањето на законските услови за вршење платежни услуги/издавање електронски пари, соодветноста на членовите на органите на управување и сопствениците со квалификувано учество, како и способноста на друштвото за обезбедување непрекинатост и сигурност во извршувањето на услугите и заштита на интересите на корисниците. Со тоа, Народната банка обезбедува дека сите учесници кои влегуваат на пазарот се стабилни и финансиски одржливи, а нивните органи поседуваат професионална компетентност и имаат репутација. Овој процес вклучува поднесување барање и соодветна документација, којашто понатаму е предмет на проверка и анализа од страна на Народната банка. По добивањето на дозволата, давателите на платежните услуги се предмет на постојан теренски и вонтеренски надзор со којшто се проверува усогласеноста на работењето со законската регулатива.
Народната банка ги охрабрува сите коишто се заинтересирани за добивање дозвола да воспостават контакт со Народната банка и да изразат интерес за поднесување барање за добивање дозвола. Отворени сме за соработка и подетално информирање на потенцијалните подносители на барањата за процесот на лиценцирање и сите други фактори коишто можат да влијаат на овој процес.
Пред да се започне со процесот на лиценцирање, се препорачува подносителот на барањето да направи одредени подготвителни активности за да се осигури дека ги исполнува законските услови и барања и истовремено да се оствари првичен состанок со претставниците на Народната банка за да им се одговори на сите прашања што би можеле да се појават при подготовката на барањето и документацијата. Некои од овие активности вклучуваат најмалку:
- Проверка на законските услови и барања коишто го регулираат издавањето дозвола и вршењето платежни услуги/издавањето електронски пари – Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти;
- Претставување на сопственичката, организациската и управувачката структура ‒ барателот треба да даде информации за своите организациски делови, за сопствениците на друштвото и органите на управување;
- Презентирање на бизнис-моделот, којшто треба да ги содржи деталите за видот на платежните услуги коишто планира да ги врши или издавањето електронски пари, начинот на кој ќе ги врши овие услуги, како и финансиските проекции за наредните 3 години;
- Опис на системот на управување којшто подразбира претставување на системите на внатрешна контрола;
- Поставеност на информативниот систем.
За време на првиот состанок со претставниците на Народната банка, се препорачува наведените информации да бидат однапред дадени во форма на презентација.
Следниот чекор е поднесување формално барање за добивање дозвола за давање платежни услуги/издавање електронски пари. За да се поднесе барањето, подносителот на барањето треба претходно да биде регистриран како трговско друштво во Република Северна Македонија, со почетен капитал во паричен облик запишан како основна главнина, во износ којшто зависи од видот на платежните услуги коишто има намера да ги дава или електронските пари коишто има намера да ги издава.
Кон барањето за добивање дозвола за давање платежни услуги/издавање електронски пари треба да бидат приложени документите, податоците и информациите коишто се предвидени со Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконскиот акт ‒ Одлуката за издавање дозволи и согласности на платежна институција и институција за електронски пари и за содржината и начинот на водење на регистрите.
На следнава врска е достапна кратка презентација во која се разработени основните барања од Законот и подзаконската регулатива коишто треба да се исполнат во однос на добивањето дозвола за платежна институција или институција за електронски пари и регулаторните извештаи како систем на известување којшто треба да се воспостави.
(
презентација Закон за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС))
За сите информации и прашања поврзани со процесот на лиценцирање на платежната институција/институцијата за електронски пари, можете да се обратите на следнава е-адресa: [email protected]
2. Оператори на платните системи
Трговско друштво може да управува со платен систем само доколку добие дозвола од Народната банка за оператор на платен систем. Добивањето дозвола за оператор на платен систем е процес којшто Народната банка го спроведува со цел да оцени дали подносителот на барањето ги исполнува условите за вршење на дејноста оператор на платен систем пропишани со закон, соодветноста на членовите на управниот одбор, односно извршните членови на одборот на директори, лицата кои стекнуваат квалификувано учество, соодветноста на правилата за работење на платниот систем, како и способноста на друштвото за обезбедување стабилно, сигурно и ефикасно работење на платниот систем. Овој процес вклучува поднесување барање за добивање дозвола за оператор на платниот систем и соодветни документи, податоци и информации, коишто понатаму се предмет на проверка и анализа од страна на Народната банка. По добивањето на дозволата, операторите на платните системи се предмет на постојан теренски и вонтеренски надзор со којшто се проверува усогласеноста на работењето на платните системи со меѓународните стандарди за работење на платните системи пропишани со законската и подзаконската регулатива.

Пред да поднесе официјално барање за добивање дозвола за оператор на платен систем, се препорачува подносителот на барањето да направи одредени подготвителни активности заради обезбедување соодветните документи, податоци и информации и притоа да оствари првичен состанок со претставниците на Народната банка со цел да се разговара за деловниот план и услугите коишто има намера да ги нуди на пазарот. Ова ќе му овозможи на подносителот на барањето да стекне подобро разбирање за регулаторната средина, како и за постапката за добивање дозвола, додека на Народната банка ќе ѝ овозможи подобро разбирање за бизнис-моделот и сопственичката, организациската и управувачката поставеност на подносителот на барањето. На тој начин, се овозможува разјаснување на одредени дилеми и прашања коишто може да се појават при подготовката на барањето и на соодветните документи. За време на првиот состанок со претставниците на Народната банка, се препорачува одредени информации да бидат однапред дадени во форма на презентација. Некои од овие информации вклучуваат најмалку:
- Проверка на законските услови и барања коишто го регулираат издавањето на дозволата за оператор на платен системи пропишани со Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон;
- Претставување на сопственичката, организациската и управувачката структура – подносителот на барањето треба да даде информации за своите организациски целини, за сопствениците на друштвото и членовите на органите на управување;
- Презентирање на деловниот план за дејноста оператор на платен систем, којшто треба да содржи сеопфатен опис на досегашната дејност, податоци за видот на платните инструменти коишто ќе се користат за извршување на платежните трансакции во платниот систем, како и планот за развој и планирање на буџетот со финансиски проекции за првите три деловни години;
- Опис на системот на управување којшто го опфаќа и системот на внатрешна контрола и
- Поставеност на информативниот систем.
Следниот чекор е поднесување формално барање за добивање дозвола за оператор на платен систем. За да се поднесе барањето, подносителот на барањето треба претходно да биде регистриран како акционерско друштво во Република Северна Македонија, со почетен капитал во паричен облик запишан како основна главнина, во износ од најмалку 7.800.000 денари.
Кон барањето за добивање дозвола за вршење дејност оператор на платен систем потребно е да бидат приложени документите, податоците и информациите коишто се предвидени со Законот за платежни услуги и платни системи и Одлуката за издавање дозволa и согласности на оператор на платен систем и за содржината и начинот на водење регистар на оператори на платните системи.
Подолу е достапна кратка презентација во која се разработени основните барања од Законот и подзаконската регулатива коишто треба да се исполнат во однос на добивањето дозвола за оператор на платен систем.
(
презентација Постапка за добивање дозвола за оператор на платен систем)
Народната банка ги охрабрува сите коишто се заинтересирани за добивање дозвола да воспостават контакт со Народната банка и да изразат интерес за поднесување барање за добивање дозвола. За сите прашања и потребни информации во врска со добивањето дозвола за оператор на платен систем, можете да се обратите на следнава е-адреса: [email protected]
3. Надзор над работењето на давателите на платежни услуги и мерки коишто може да ги преземе Народната банка
Народната банка врши надзор над работењето на платежните институции, институциите за електронски пари и операторите на платни системи (во натамошниот текст: субјектите на надзор). Преку надзорот, Народната банка ја проверува усогласеноста на субјектите на надзор со одредбите на Законот за платежни услуги и платни системи или друг закон и/или прописите донесени врз нивна основа според кои Народната банка го врши надзорот над работењето на субјектите на надзор.
Народната банка го врши надзорот преку:
1) вонтеренско следење на работењето на субјектите на надзор со собирање и анализа на извештаи и податоци коишто ги доставуваат субјектите на надзор до Народната банка;
2) целосен или делумен теренски надзор во субјектите на надзор;
3) изрекување мерки кон субјектите на надзор и
4) одржување контакти со членовите на органите на субјектите на надзор и со нивните друштва за ревизија.
Доколку при вршењето на надзорот на субјектите се утврдат слабости, неусогласености и/или непочитувања на одредбите од законската и/или подзаконската регулатива, Народната банка презема мерки кон субјектите на надзор. Во зависност од видот, тежината и зачестеноста на утврдените наоди, Народната банка може да преземе повеќе мерки кон субјектите на надзор, како на пример да издаде писмена препорака или писмено предупредување, да донесе решение со кое изрекува една или повеќе мерки или да ја укине дозволата којашто е издадена во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи.