Инструменти за решавање
Поаѓајќи од целите и основните начела на решавање банка, Законот за решавање банки предвидува четири инструменти за решавање:
- Продажба на дејноста
- Преодна институција
- Издвојување на активата и
- Внатрешна распределба на загубите
Целта на сите овие инструменти е решавањето на банката да се спроведе во што е можно пократок период (најчесто за време на викенд), а првиот нареден ден банката, односно новиот купувач (се мисли на субјектот на кој му се пренесени акциите, средствата, обврските, правата, којшто ги вклучува и преодната институција и друштвото за управување со активата) да може да продолжи со непречено вршење на критичните функции на банката којашто се решава. Преносот на акциите, средствата, правата и обврските се врши без да се бара согласност од акционерите и доверителите на банката којашто се решава или кое било друго лице.
Продажбата на дејноста е инструмент со кој Народната банка може да му ги пренесе на купувачот којшто не е преодна институција акциите, сопственичките инструменти, сите или дел од средствата, правата или обврските на банката којашто се решава. Доколку при преносот купувачот се стекнал со средства, права и обврски од банката којашто се решава, мора да има согласност од соодветниот надлежен орган за супервизија за вршење на финансиските активности поврзани со пренесените средства, права или обврски. Доколку при преносот купувачот се стекнал со акции коишто претставуваат квалификувано учество во банката којашто се решава, мора да има претходна согласност од Народната банка како надлежен орган за супервизија за издавање согласност за стекнување квалификувано учество во банката.
Преодната институција е нов инструмент којшто се воведува со Законот за решавање банки. Се работи за правно лице коешто целосно или делумно е во сопственост на Владата на Република Северна Македонија, а коешто се основа со цел привремено да ги стекне сите или дел од акциите, средствата, правата и обврските на банката, заради одржување непречен пристап до критичните функции на банката којашто се решава. Народната банка остварува контрола врз работењето на преодната институција. Преодната институција може да се основа како преодно акционерско друштво или како преодна банка. Преодната банка треба да ги исполнува условите што важат за издавање дозвола за основање и работење на банка во согласност со Законот за банките. Периодот за кој се основа преодната институција по правило не може да биде подолг од две години од денот кога е извршен последниот пренос на акциите или другите сопственички инструменти, како и сите или дел од средствата, правата и обврските на банката којашто се решава.
Издвојувањето на активата е инструмент со кој средствата, правата и обврските на банката којашто се решава или на преодната институција му се пренесуваат на друштво за управување со активата коешто е целосно или делумно во сопственост на Владата на Република Северна Македонија и е контролирано од страна на Народната банка. Друштвото за управување со активата не може да врши банкарски активности, а треба да управува со пренесените средства, права и обврски заради зголемување на нивната вредност заради понатамошна продажба или впаричување. Инструментот за издвојување на активата секогаш се применува заедно со некој од другите инструменти за решавање.
Внатрешната распределба на загубите е нов инструмент којшто во голема мера ја определува суштината на Законот за решавање банки и чијашто цел е загубите првенствено да се покријат од страна на акционерите и од другите доверители на банката. Овој инструмент вообичаено се користи доколку Народната банка оцени дека постои реална можност, со неговата примена, заедно со примената на други мерки, вклучително и мерките предвидени во планот за реорганизација, да се обезбеди стабилно и долгорочно непречено работење на банката. Овој инструмент се користи заради:
- зголемување на сопствените средства на банката на ниво коешто ќе овозможи непречено работење на банката и одржување на довербата на пазарот во банката или
- претворање во акции или намалување на главнината на побарувањата од банката и должничките инструменти на банката коишто се пренесуваат: 1) на преодна институција заради обезбедување на основната главнина, односно на почетниот капитал на оваа институција или 2) преку продажба на дејноста или преку издвојување актива.
Инструментот за внатрешна распределба на загубите може да се примени за обврските коишто не исклучени од опфатот на овој инструмент, во согласност со Законот за решавање банки (на пр.: исклучени се покриените депозити). Доколку во процесот на решавање банка се примени инструментот за внатрешна распределба на загубите, Управниот одбор на банката што се решава или лицата задолжени од Народната банка, најдоцна во период од еден месец се должни да изработат план за реорганизација на банката што се решава и да го достават до Народната банка.