Гувернер
Гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија ја претставува Народната банка, управува и раководи со секојдневното работење на Народната банка, одговорен е за извршувањето на одлуките на Советот на Народната банката и врши други работи коишто не се во надлежност на Советот на Народната банка и Извршниот одбор.
Овластувањата и задачите на гувернерот на Народната банка се пропишани во член 48 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.
БИОГРАФИЈА
Анита Ангеловска-Бежоска
Д-р Анита Ангеловска-Бежоска стапи на функцијата гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија во мај 2018 година. Таа е гувернер за Република Северна Македонија во Одборот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и член на Управниот одбор на Виенската иницијатива 2, како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија (ЕУ). Таа стапи на функцијата гувернер по речиси дванаесетгодишно претходно работно искуство во Народната банка, и тоа, најпрво како главен економист, а потоа, безмалку осум години како вицегувернер задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика, при што беше и заменик-гувернер за Република Македонија во Одборот на гувернери на ММФ. До крајот на 2019 година, таа беше член на Комитетот за централнобанкарска статистика „Ирвинг Фишер“ при Банката за меѓународни порамнувања во Базел.
Пред да пристапи кон тимот на централната банка, таа има двегодишен работен ангажман во ММФ, во Вашингтон, САД, првенствено како економист во Одделот за макроекономски политики во европските земји, а краток период и во Одделот за фискални политики. Истовремено има и членувано во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани со земји членки. Од 2006 година наваму, како експерт, постојано е ангажирана во тимови на ММФ за обезбедување техничка помош за повеќе земји од Европа.
Својата работна кариера ја има започнато како стручен соработник за финансискиот систем во Министерството за финансии, во кое на различни работни позиции минува осум години од својата работна кариера. Притоа, меѓу другото, најпрво како раководител на Проектот за воспоставување трезорски систем во нашата земја, а потоа и како раководител на секторот Трезор при ова министерство, дава исклучително значаен придонес за спроведувањето клучни реформи во системот на јавни финансии во државата: воспоставувањето единствена трезорска сметка, воспоставувањето систем за редовни проекции на буџетската ликвидност и управувањето со ликвидноста, унапредувањето на буџетското сметководство, развојот на пазарот на државни хартии од вредност и унапредувањето на буџетското известување во согласност со меѓународните стандарди. Нејзиниот придонес за развојот на јавните финансии во нашата држава е валоризиран и со награда од Амбасадата на САД во нашата земја, којашто ѝ е доделена во 2004 година.
Во текот на 2003 и 2004 година е државен секретар во Министерството за финансии, при што е одговорна за: координирањето на активностите на сите сектори во рамки на Министерството, координирањето на процесите поврзани со европската интеграција, буџетските реформи и преговорите со меѓународните финансиски институции. Истовремено, во 2004 година е и раководител на тимот за подготовка за издавање на првиот кредитен рејтинг на нашата земја.
Автор е на повеќе стручни и научни трудови од областа на монетарната политика и макроекономската политика, воопшто, но и на трудови од областа на фискалната политика и управувањето со јавните финансии. Во текот на нејзината досегашна кариера, ангажирана е и како предавач на повеќе домашни и меѓународни образовни и научни институции. Својата докторска дисертација ја има одбрането во 2015 година, на Економскиот факултет во Љубљана, Република Словенија, на тема „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.