Кога станува збор за изворите на финансирање на решавањето, значајна улога во рамката за решавање банки има Фондот за решавање. Средствата на Фондот треба да изнесуваат најмалку 1% од вкупните покриени депозити во банкарскиот систем и ова ниво треба да се достигне во рок од 10 години од денот на започнувањето со примената на Законот за решавање банки (13.10.2035 година). Средствата на Фондот ќе се формираат преку уплата на придонеси од страна на банките, а може и преку заеми и други облици на финансирање. Средствата можат да се користат во определени случаи пропишани во Законот, како што се уплата на капитал на преодната институција или на друштвото за управување со активата, купување имот од банката што се решава, издавање гаранции за средствата и обврските на банката, за одобрување кредити на банката којашто се решава и слично.