Статистиката на финансиските сметки е исклучително важна и воедно една од најкомплексните статистики. Таа е составен дел на интегрираниoт систем на национални сметки, којшто ги прикажува финансиските средства и обврски на одделните сектори во одреден временски период. Процесот на изработка на статистиката на финансиските сметки е исклучително сложен, бидејќи претпоставува користење различни извори на податоци, коишто многу често се наменети за други статистички потреби и може да бидат поставени на различни методолошки основи. Сето ова бара вонреден напор за соодветна комбинација и воспоставување хиерархија на изворите на податоци од примарните статистики и бројни други дополнителни извори на податоци.
Употребливата вредност на статистиката на финансиските сметки е голема, со оглед на тоа што таа овозможува детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврски на одделните сектори, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и меѓусебната финансиска изложеност на одделните сектори. Поради тоа, финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.
Oд декември 2020 година, Народната банка за првпат започна со објавување податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија (ГФСМЕ). Почнувајќи од октомври 2023 година, податоците се изработуваат со квартална периодичност.


Должнички хартии од вредност

  
Прегледот за должнички хартии од вредност (ХВ) ги прикажува финансиските врски врз основа на финансискиот инструмент должнички ХВ помеѓу секторите во националната економија, како и помеѓу секторите во националната економија и секторот странство. Податоците се прикажани во матрица којашто го следи принципот „од кого на кого“, според секторот на имателите и секторот на издавачите на должнички ХВ. Поконкретно, податоците се однесуваат на состојбите на поседувани домашни и странски должнички ХВ од страна на резидентните иматели, како и за состојбите на поседувани домашни должнички ХВ од нерезидентни иматели. Податоците се изготвуваат согласно со меѓународните и европските статистички стандарди.

Прегледот за должнички ХВ е систематизиран детален приказ на податоците за должнички ХВ, коишто се расположливи на поагрегирано ниво во рамките на статистиката за финансиски сметки каде што се прикажани податоци за сите финансиски инструменти.