Состојбата претставува позиција на директните инвестиции на крајот на одреден период и вклучува податоци за сопственички капитал (со реинвестирање на добивката) и за должнички инструменти. 
Во зависност од структурата на директните инвестиции, статистичкото истражување на НБРСМ за директните инвестиции во земјата опфаќа податоци за состојбата на новите, постојните и останатите инвестиции. Новите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во нови претпријатија (гринфилд-инвестиции). Постојните инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во постојни претпријатија преку преземање претпријатија или спојување на претпријатија. Останатите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од основање подружници, филијали, фондации и останато.
Податоците за состојбата на директните инвестиции се вреднуваат по книговодствена вредност. Промените во состојбата помеѓу два извештајни периода произлегуваат од: трансакции, ценовни и/или курсни промени и промени во обемот. 



Најнови остварувања:


На 31.12.2023 година, состојбата на директни инвестиции во Република Северна Македонија изнесува 7.532 милиона евра (или 55,2% од проценетиот податок за БДП), од кои 5.256 милиони евра се вложувања во сопственички капитал, додека 2.276 милиони евра се вложувања во должнички инструменти. 

Анализирано по земји, највисоки директни инвестиции, во вредност од 1.199 милиони евра се регистрирани од Австрија, по што следува Грција, со директни инвестиции во вредност од 751 милион евра. Во групата на петте најголеми странски инвеститори во земјава спаѓаат и Турција (со 715 милиони евра), Германија (со 652 милиона евра) и Холандија (со 597 милиони евра). На овие пет земји отпаѓаат 51,9% од вкупните директни инвестиции во анализираниот период. 

Анализирано по дејности на инвестирање, од вкупните директни инвестиции, 2.470 милиони евра, или 33% се инвестирани во дејноста „производство“,  додека 1.724 милиона евра, или 22,9% во дејноста „финансиски и осигурителни активности“.












Архива на директни инвестиции   


За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)