Макропрудентната политика претставува збир на активности со кои се придонесува за постигнувањето и одржувањето на финансиската стабилност. Основниот интерес на макропрудентната политика е финансискиот систем како целина, но и врските со реалната економија. Mакропрудентната политика вклучува активности за следење и оцена на системскиот ризик, преземање макропрудентни мерки за спречување или намалување на системскиот ризик и јакнење на отпорноста на финансиските институции и со тоа одржување на финансиската стабилност.

Финансиската стабилност претставува состојба во која сите сегменти на финансискиот систем функционираат без нарушувања и имаат капацитет да издржат потенцијални шокови, односно финансискиот систем може да ги апсорбира последиците од силни егзогени или ендогени шокови, без да се користат средствата на даночните обврзници. Одржувањето здрав и стабилен финансиски систем ја намалува појавата на нарушувања во финансиското посредување, коишто доколку се остварат, би имале силни негативни последици врз реалната економска активност.

Основната цел на макропрудентната политика на Република Северна Македонија, утврдена со закон, е да придонесува за постигнување и одржување на стабилноста на финансискиот систем во целина преку спречување и намалување на системскиoт ризик, зајакнување на отпорноста на системот и обезбедување одржлив придонес на финансискиот систем за економскиот раст. Остварувањето на основната цел се постигнува преку посредните цели на макропрудентната политика со употреба на расположливите макропрудентни инструменти коишто се насочени кон системскиот ризик (види Стратегија за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија). Макропрудентната политика и нејзините инструменти и мерки не може во целост да го отстранат системскиот ризик, но делуваат превентивно во однос на прекумерното натрупување на ризиците и ја намалуваат веројатноста за остварување на тие ризици.

Системскиот ризик претставува ризик од нарушувања во финансискиот систем коишто може да предизвикаат сериозни негативни последици за финансискиот систем и целата економија. Системскиот ризик може да се јави во две димензии: циклична и структурна димензија. Цикличната димензија на системскиот ризик се поврзува со процикличноста на финансиските институции, односно склоноста да преземаат повисоки ризици кога економијата е во раст и да ја зголемат одбивноста кон ризици штом настапи рецесија. Таложењето и остварувањето на ризикот се одвива низ времето, што ја претставува временската димензија на системскиот ризик. Цикличната димензија на системскиот ризик ги вклучува ризиците поврзани со прекумерен кредитен раст, ризиците поврзани со растот на цените на недвижностите и на финансиската актива, растот на задолженоста, рочната неусогласеност во билансите на финансиските институции и други. Таложењето на овие ризици вообичаено се јавува во услови на раст на економијата и зголемен оптимизам, што може да доведе до нерамнотежи и остварување на ризиците кај финансиските институции по свртувањето на фазата на финансискиот циклус. Оттука, важно е во „добрите времиња“ финансиските институции да ги јакнат капацитетите за ублажување на шоковите што ќе им обезбеди подобра подготвеност за справување и поголема отпорност во кризните времиња. Структурната димензија на системскиот ризик се однесува на распределбата на ризиците внатре во рамките на финансискиот сектор. Развојот и остварувањето на оваа димензија на ризикот се одвива во даден временски момент вклучувајќи различни сегменти од финансискиот сектор, што ја претставува меѓусекторската димензија на системскиот ризик. Структурната димензија на системскиот ризик се врзува со системски значајните финансиски институции, коишто се големи и/или меѓусебно/меѓусекторски поврзани, со што шоковите врз една или неколку финансиски институции може да ја загрозат стабилноста на целиот финансиски сектор. Структурниот системски ризик се остварува преку меѓусебните изложености на финансиските институции, директни или индиректни. Притоа, за да се спречи, неопходно е да се намали концентрацијата на ризиците, да се попречат механизмите на зараза и преносот на шокови и да се зајакне отпорноста на системски значајните финансиски институции.

Макропрудентната политика на Република Северна Македонија е насочена кон следење и спречување/намалување на двете димензии на системскиот ризик.

Со оглед на сложената природа на системскиот ризик, за остварување на основната цел на макропрудентната политика (одржувањето на финансиската стабилност), Комитетот за финансиска стабилност утврдува посредни цели на макропрудентната политика. Во согласност со препораките на Европскиот одбор за системски ризици и структурата и карактеристиките на домашниот финансиски сектор, посредните цели на макропрудентната политика на Република Северна Македонија се следниве:

1) Спречување и намалување на ризиците од прекумерен кредитен раст и прекумерна задолженост. Прекумерниот кредитен раст, особено кога е проследен и со растечка задолженост на должниците, претставува еден од основните причинители на финансиски нерамнотежи;

2) Спречување и намалување на ризиците од прекумерна рочна неусогласеност во билансите на финансиските институции и изложеноста на ликвидносен ризик. Високото потпирање на краткорочни и нестабилни извори на финансирање може да предизвика ликвидносни проблеми кај финансиските институции и прелевање на ризиците во рамките на системот при шокови и промена на фазата на финансискиот циклус;

3) Спречување и намалување на ризикот од концентрација на изложеностите, директна и индиректна. Присуството на висока концентрација на изложеностите ја зголемува чувствителноста на финансискиот систем на шокови. Каналите на пренос на шоковите може да бидат директни, преку изложеностите во билансите на финансиските институции или индиректни, преку итни продажби на средства и прелевање на ризиците во системот;

4) Спречување и намалување на склоноста за непримерно поведение и пад на моралот (англ. misaligned incentives and moral hazard). Оваа посредна цел е насочена кон намалување на ризиците поврзани со системски значајните финансиски институции и кон зголемување на нивната отпорност на шокови;

5) Зајакнување на отпорноста на инфраструктурата на финансиските пазари. Оваа посредна цел главно е насочена кон намалување на кредитниот, ликвидносниот и оперативниот ризик кај платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност.

6) Намалување на стапката на евроизација. Високото ниво на евроизација во билансите на финансиските институции ја зголемува изложеноста на валутниот ризик кај клиентите на банките и следствено на кредитниот ризик кај банките.

Комитетот за финансиска стабилност ги менува и ги дополнува посредните цели на макропрудентната политика во согласност со движењата во финансискиот систем, промените во неговата структура, деловниот модел на финансиските институции, нивото на развиеност на финансискиот систем, појавата на нови или намалувањето на значењето на одредени ризици, како и промените во соодветните меѓународни (ЕУ) стандарди.