Биографија
Проф . д-р Борче Треновски
Проф. д-р Борче Треновски [1981] е македонски економист, редовен професор на Катедрата за економија на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломира како истакнат студент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што ги завршува и постдипломските студии од областа на монетарната економија, а во септември 2013 година докторира на тезата „Клучните макроекономски политики во услови на современа економска криза“.
Автор е на 4 книги, има објавено над 160 публикации (119 индексирани трудови во реномирани списанија и трудови за политиките, 49 истражувачки монографии), покажувајќи силна академска и експертска проникливост последниве години.
Како економски експерт Треновски има учествувано во над 100 истражувачки и апликативни проекти во земјата и регионот, поддржани од различни организации - УНДП, УСАИД, ИРИ, ЕУ, ЕБОР, Светската банка, Швајцарската агенција за развој, МОТ, ГИЗ, ОСИ итн.
Треновски има значаен придонес во развојот и изработката на повеќе од 40 национални и локални стратешки документи, каде од посебна важност е неговата улога како клучен експерт при креирањето на највисокиот национален стратешки документ - Националната развојна стратегија 2024-2044. Дополнително, забележливи се неговите активности за унапредување на легислативата во доменот на доброто управување/јавните финансии/ регионалниот/локалниот развој/образованието, како и во детектирање на реформските потреби во повеќе економски области.
Како предавач/обучувач во изминатиот период Треновски има одржано повеќе од 90 обуки/стручни едукации и предавања за кои има изготвено специјализирани модули, успевајќи да стекне големо искуство во поврзувањето и соработката со различни чинители (министри, градоначалници, пратеници, државни ревизори, инспектори, организации од областа на граѓанското општество, општински советници, деловни субјекти, студенти, јавна администрација итн.).
Проф. Треновски, како респектиран економист/економски аналитичар, има силна видливост во јавноста – со повеќе од 500 интервјуа, ТВ-гостувања, искажани стручни ставови, напишани текстови во весници и стручни списанија во земјата и регионот.
Неговите бројни анализи, истражувања, публикации и учества во проекти во последните години се фокусирани на реформите во економската политика, координацијата на фискалната и монетарната политика, современите економски теории и политики, ефикасноста на управувањето со јавните финансии, монетарната политика и финансиските пазари, фискалната политика и оданочувањето, развојната економија, регионалниот развој, јавните политики, економијата на трудот, економијата на животна средина, доброто владеење и институционалниот развој, монетарната и фискалната транспарентност/отчетност, локалните финансии и децентрализацијата итн.
Како дел од неговите академски, научни, истражувачки и проектни активности, Треновски е дел и од бројни меѓународни студиски посети, конференции, академски предавања реализирани во голем број земји - САД, Финска, Италија, Албанија, Турција, Словачка, Хрватска, Словенија, Бугарија, Србија, Австрија, Грција, Германија, Шпанија и др. Учествува и на бројни меѓународни обуки и образовни програми организирани од меѓународни институции - ММФ, Светската банка, УНДП, Универзитетот во Илиноис во Чикаго, Стејт департментот на САД, АТТФ Луксембург и други реномирани меѓународни институции и организации.
Како резултат на својата работа и искуство проф. Треновски е член на бројни професионални тела/здруженија/реформски и советодавни работни групи како што се: член на Советот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ (2022-2026); Почесен член на Асоцијацијата на пазарни техничари во Југоисточна Европа (SEEMT); член на Алијансата за родова еднаквост на работното место; член на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, како и член на Комитетот за оперативна монетарна политика при Народната банка (2021-2028) и многу други.
Исто така, проф. Треновски е добитник на повеќе награди и признанија за најдобар истражувач и реномиран економист како што се: добитник на највисокaта награда на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за најдобар научник и истражувач кој покажал исклучителни резултати во научноистражувачката и образовната дејност од областа на општествените и хуманистичките науки (2020); добитник на најпрестижната награда од областа на макроекономијата во С. Македонија - Прва награда за најдобар труд во областа на макроекономијата за 2014 година, доделена од страна на Народна Банка на Република Македонија; прва награда од Светската Банка за најдобро истражување во земјава, во областа на утврдување на факторите кои обезбедуваат дека бенефитите од економскиот раст ќе ги почувствуваат сите граѓани и утврдување на клучните предизвици за обезбедување одржлив економски раст (2017); посебно признание за Истакнат економист со посебен придонес во областа на економијата, доделена од страна на Здружението на Менаџери на Македонија (2017) и др.