Супервизија

Преку супервизијата, Народна банка на Република Македонија ја оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банките со прописите. Посебен акцент се става на квантификација и следење на изложеноста на банките на различни видови ризици како што се: кредитен ризик, ликвидносен ризик, оперативен ризик, валутен ризик и други ризици. Банкарската супервизија ја оценува соодветноста на воспоставените процедури и системи од страна на банките кои се користат за идентификување, мерење, следење и контрола на ризиците.

Супервизорската функција се остварува преку: 

  • Перманентно вонтеренско следење на работењето на банките со прибирање и анализа на извештаите и податоците кои се доставуваат до Народна банка на Република Македонија.
  • Непосредна целосна или делумна контрола која се извршува во самите банки, односно контрола на нивното работење со непосреден увид во нивната документација и во воспоставените системи и процедури. Одржување контакти со членовите на органите на банката и со друштвото за ревизија
  • Соработка и размена на податоци и информации со други супервизорски органи