Воведна изјава на г-дин Френк Мос, директор на Генералниот директорат за меѓународни и европски односи при Европската централна банка, на прес-конференција во Скопје на 22 Јануари 2013 година по повод првиот состанок на Управниот комитет
Ваша Екселенцијо амбасадор Орав
Дами и господа,
Задоволство ми е што сум денес во Скопје по повод првиот состанок на Управниот комитет за проектот за соработка помеѓу ЕЦБ и други национални централни банки од Евросистемот и НБРМ, која е домаќин на денешниот настан. Овој проект доби зелено светло на 15 октомври 2012 година и е финансиран од Европската унија. Би сакал да му се заблагодарам на амбасадорот Орав и неговиот персонал за нивната поддршка на проектот.
Дозволете ми прво да кажам неколку збора за природата и целите на проектот. Потоа, ќе ја објаснам пошироката перспектива на ангажманот на ЕЦБ во регионот на Западен Балкан, и од аспект на техничката соработка, и од аспект на политиките. На крајот, ќе завршам со некои забелешки за предизвиците кои претстојат како за еврозоната така и за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ од овој регион.
Прво, како што веќе спомена гувернерот Богов, целта на проектот е да утврди кон кои промени треба да се насочи вашата централна банка при подготовката за пристапување кон Европскиот систем на централни банки до денот кога вашата земја ќе стане членка на Европската унија. Тој спомена дека проектот е поделен на 3 различни фази, така што не треба да го повторувам тоа.
Проектот го координира ЕЦБ, а се спроведува во партнерство со централните банки на десет земји од еврозоната: Германија, Естонија, Ирска, Шпанија, Италија, Малта, Холандија, Австрија, Словенија и Словачка. Бугарската централна банка, исто така, ќе обезбеди експерти за проектот. Анализата на потребите вклучува десет области: сметководство, банкноти, економски анализи и истражувања, човечки ресурси, информатичка технологија, внатрешна ревизија, правни услуги, монетарна политика и политика на девизниот курс, платни системи и статистика.
Што се однесува до ангажманот на ЕЦБ во регионот, мојата втора поента, дозволете ми да споменам дека успешно завршивме ваков тип на проекти и во другите земји од регионот на Западен Балкан. Општо земено, во последните пет години, ЕЦБ, во партнерство со националните централни банки од Евросистемот и Европскиот систем на централни банки, спроведе четири проекти за билатерална техничка соработка и еден регионален проект.
Ние веруваме дека клучните фактори за успех на нашите проекти за техничка соработка се базираат на фактот дека, прво, нашите проекти имаат јасни цели коишто се поставени заедно со корисникот на проектот пред да започне нивното спроведување, и, второ, дека проектот е имплементиран од страна на експерти од ЕЦБ и од националните централни банки кои секојдневно работат на одредените области од централно-банкарското работење. Вработените во централните банки од целиот свет зборуваат заеднички јазик и непречено водат отворен и искрен дијалог. Очигледно, потпирањето на експерти кои секојдневно работат на одредените области од централно-банкарското работење во моментов претставува предизвик. Се разбира, ова време на економски и финансиски предизвици додаде работен притисок врз вработените во сите наши централни банки, и фактот дека успеавме да ја вклучиме ЕЦБ и единаесет други централни банки во овој проект го докажува интересот што сите го имаме за вашата земја и регионот. Би сакал да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на експертите од сите наши централни банки - партнери, за нивната посветеност во преземањето на оваа дополнителна задача во вакви тешки времиња.
Ангажманот на ЕЦБ во регионот на Западен Балкан во последниве години не е ограничен само на областа на техничка соработка, туку, исто така, се протега и во доменот на политиките. Дозволете ми да ви дадам неколку примери во оваа насока. ЕЦБ учествуваше како набљудувач во иницијативата на Европската банка за координација, "Виена" и продолжува да учествува и во иницијативата Виена II, која има за цел да се постигне уреден процес на растоварување на билансите на странските банки (deleveraging) присутни во економиите на Централна, Источна и Југоисточна Европа. ЕЦБ одржува редовни дијалози на високо ниво со централните банки на земјите-кандидати со кои Европската унија има отворено преговори за пристапување. ЕЦБ ги надгледува внимателно економиите на целиот регион, и меѓу другото дава оценка за монетарната политика и политиката на девизниот курс на земјите-кандидати како што се прикажани во нивните Претпристапна економска програми (ПЕП), како инпут во дијалогот на регионот со Советот ЕКОФИН. Исто така, би ја споменал нашата редовна конференција за економиите на Централна, Источна и Југоисточна Европа во Франкфурт, чиешто издание за 2013 година се подготвува за јуни, која се разбира го вклучува регионот на Западен Балкан.
Земени заедно, овие различни примери исто така покажуваат дека ЕЦБ не се сврти кон себе како резултат на должничката криза во еврозоната и потребата за зајакнување на управувањето со Економската и монетарна унија во Европа. Изминативе години ни покажаа колку можат да станат важни прекуграничните прелевања и како земји во различни региони, со различни економски структури, сѐ уште се соочуваат голем број на слични предизвици. Ако ми дозволите, гувернере Богов, во последната минута од моето обраќање би се осврнал кон некои од заедничките политички предизвици со кои се соочуваме во периодот што претстои.
Поголемиот дел од економиите во Југоисточна Европа треба да го сменат фокусот од домашните кон надворешните генератори на раст, но тоа исто така важи и за некои економии во еврозоната кои на сличен начин се соочуваат со потребата од подобрување на ценовната и неценовната конкурентност. Земји со де јуре или де факто фиксен режим на девизен курс, како и земји во рамките на монетарната унија кои имаат заедничка валута, треба да ја зголемат флексибилноста на нивната работна сила и пазари на производи, и генерално да се приспособат, во смисла на структурната политика, со цел да го зголемат аутпутот и порастот на вработеноста во нивните земји, како и отпорноста на шокови во иднина. Земји кои се потпираат на надворешно финансирање, дали во овој регион или во еврозоната, треба да спроведуваат политики кои спречуваат развивање прекумерни надворешни нерамнотежи и ескалација на нивоата на приватен или јавен долг. Сите земји треба да се фокусираат на решавање на ризиците за нивната финансиска стабилност, и сите земји имаат потреба од безбедносна мрежа за справување со вонредни ситуации.
Но, ние не само што споделуваме заеднички предизвици во политиките, туку делиме историско минато, а имаме и заедничка иднина. Проектот кој ви го презентираме денес, покрај тоа што ќе даде техничко знаење и препораки, ќе ги зајакне врските помеѓу централните банки на ЕУ и вашата централна банка. Како што покажува искуството од завршените програми во регионот, оваа врска ќе продолжи долго после завршувањето на тековниот проект. Тоа ќе биде уште една потврда на корисноста од меѓународната соработка, не само во кризни времиња.
Гувернере Богов, за време на првата фаза од овој проект веќе видовме дека вие и вашиот тим сте посветени на постигнување на целите кои сте ги поставиле пред себе. Имате посветено големи ресурси за оваа цел, а ЕУ обезбедува вредни финансиски ресурси. Од наша страна, ЕЦБ и Евросистемот се заложуваат за постигнување на најдобри можни резултати од овој проект. ЕЦБ го координира проектот од Франкфурт, и ја има испратено г-ѓа Кристине Древина како резидентен координатор на проектот, којашто ќе остане во Скопје до неговото завршување. Ние сме подготвени да ви помогнеме на вашиот кон пристапувањето во ЕСЦБ. Посакувам за сите нас успех во остварувањето на амбициозните цели на овој проект за централно-банкарска соработка.
Ви благодарам многу.