Скопје, 17 март 2021 година
Денес се одржа е-средба на европските вицешампиони од минатите две години, Марко Инѓилизов, Викторија Панова и Христијан Андовски, како и менторите на наградените ученици, со тимовите на учесници пријавени за Европскиот квиз на парите за оваа година. На настанот учествуваа околу 460 деца од целата земја, што укажува на масовноста на овој квиз и на големиот интерес на младите за финансиска едукација.
Вицешампионите и менторите ги споделија своите искуства од учеството на натпреварите од минатите години и одговараа на прашањата од учениците. Покрај тоа, учениците активно се вклучија во пополнувањето анкетен прашалник од областа на нивните знаења и подготовки за натпреварот. Значајно е што повеќето учесници се изјаснија дека се пријавиле на овој квиз затоа што учат нови работи од областа на финансиите.
Учесниците се запознаа и со функционалноста на електронската платформа „Кахут“ преку која ќе се изведува националниот натпревар на 24 март 2021 година, со која се изведе и конкретна вежба за натпреварот, како подготовка за националниот натпревар.
Нашата земја по третпат е дел од овој значаен проект, организиран од Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.
За националниот натпревар се пријавија вкупно 174 одделенија, односно класови со над 400 ученици од 72 училишта од целата држава. Националните победници ќе ја претставуваат нашата земја на Европското финале на 20 април 2021 година.
