Скопје, 28 септември 2021
Поттикнувањето на продуктивноста и зајакнувањето на отпорноста на економијата се одговорот за побрзо надминување на последиците коишто ги нанесе пандемијата врз економијата. Повисока продуктивност може да се постигне преку инвестиции во човечкиот капитал, иновации и технолошки напредок, што, пак, ќе придонесе за забрзан и одржлив економски раст. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и советникот за политички прашања во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава, Џерек Бас.

Преку користењето на придобивките од дигитализацијата и усвојувањето нови производи и процеси приватниот сектор може побрзо да им одговори на потребите коишто ги наметнува новата состојба. Оттаму, со вложувањето во новите технологии, со паралелно инвестирање во човечкиот потенцијал ‒ подобрување на квалификациите и градење нови вештини, ќе се постигне побрзо враќање на економиите на патеката на повисок и одржлив економски раст, беше посочено на средбата.
На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на ефектите од пандемијата врз домашната економија, којашто минатата година забележа пад од 4,5,%, слично на просечниот пад во земјите од регионот. За ублажување на ефектите, уште од почетокот на кризата, монетарната политика беше олабавена, а воедно беа преземени мери со кои се овозможи регулаторна флексибилност и привремено олеснување на финансискиот товар на приватниот сектор. Ваквите мерки овозможија зголемување на ликвидноста во економијата, полесен пристап до финансирање и поддршка на економската активност. Имено, беше посочено дека кредитната активност постојано расте, а воедно се намалува и цената на кредитирањето. Овие движења на кредитниот пазар се поддржани и од стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, што се огледа во неговите добри остварувања и ниската стапка на нефункционални кредити.
Во вакви околности, како и во услови на подобрување на епидемиолошката состојба и стабилизирање на довербата, беше заклучено дека домашната економија постепено закрепнува. Во првата половина од годината е остварен раст на бруто домашниот производ од 5,2%, што речиси се совпаѓа со проекциите на Народната банка за овој период (5,4%).