
Целта на Деновите на финансиската писменост е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги. Ова беше истакнато на денешниот почетен настан по повод Деновите на финансиската писменост, којшто се организира пред платото на Министерството за финансии. На настанот, со инфо-пултови, учествуваа институциите од Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија – Народната банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и МАПАС. Учествуваа и банки, осигурителни друштва, штедилници и други финансиски компании коишто ја поддржаа акцијата.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека централната банка презема низа активности за проширување на знаењето на помладите генерации, но и на повозрасното население. „Во рамки на годинешново издание на оваа, веќе традиционална манифестација, Народната банка ќе спроведе концепт поразличен од претходните ‒ концепт на отворени врати за сите заинтересирани граѓани. Имено, во следниве три дена, во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка ќе одржи информативно-едукативни презентации за возрасната популација за дел од своите клучни функции: монетарната политика, банкарскиот систем и платниот систем и платежните услуги. Сите заинтересирани граѓани ќе може да го посетат информацискиот пулт во Народната банка заради добивање одговори на прашањата коишто се во доменот на централнобанкарското работење“ – рече Ангеловска-Бежоска.
Инаку активностите на институциите за Деновите на финансиската писменост продолжуваат и следните неколку дена. Во Народната банка ќе има инфо-пулт до петок, од 10 до 13 часот. Информативни пултови по повод на Деновите на финансиската писменост ќе има и во експозитурите и филијалите во дел од банките во земјава, како и во штедилниците. За првпат, банките и штедилниците, вакви пултови ќе имаат во повеќе градови низ земјава, со што ќе се обезбеди подобар опфат на популацијата.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека се преземаат активности за финансиска едукација на различни целни групи. „Изминатиот период опфатени се повеќе основни и средни училишта, но одржани се и стручни предавања на факултетите. Преземаме активности за поголема финансиска инклузија. За таа цел во изработка е Законот за платни системи и платежни услуги кој го подготвуваме во соработка со Народната банка. Тој предвидува воведување платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин. Исто така, со Законот ќе се воведат решенија што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги“ – рече министерот за финансии Тевдовски и посочи дека Министерството презема и мерки за заштита на правата на потрошувачите преку совети за безбедно користење на финансиските услуги.
Претседателката на КХВ, Нора Алити, најави дека граѓаните ќе можат следните три дена да се информираат и на пулт што ќе биде поставен во Комисијата. „Во наредните три дена пред платото на седиштето на Комисијата ќе има поставено инфо-пулт каде што сите граѓани ќе можат да пристапат и да добијат одговор на сите прашања кои ги имаат во врска со работата на регулаторот на пазарот на хартии од вредност, финансиските инструменти, заштитата на акционерските права. Во оваа кампања се вклучени и Македонската берза, Централниот депозитар на хартии од вредност, брокерските куќи, дирекциите кои работат со хартии од вредност во банките, како и друштвата за управување со инвестициски фондови кои во наредните три дена ќе бидат отворени за граѓаните“ – рече Алити.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС, Максуд Али, истакна дека тие како институција за Деновите на финансиска писменост упатиле јавен повик до граѓаните за отворени денови во оваа институција. „Од утре сите граѓани ќе можат да се информираат за прашања поврзани со капитално пензиско осигурување во просториите на МАПАС, но и кај пензиските друштва“ – истакна тој.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Климе Попоски, истакна дека АСО уште од самото формирање се залага за унапредување на финансиската писменост, организирање финансиски едукативни активности, подготовка на информативни брошури и интерактивни игри за децата преку кои ќе добијат повеќе знаење во областа на осигурувањето.
Инфо-пултовите на денешниот почетен настан ги посетија над 300 ученици од основните и средните училишта, како и голем број заинтересирани граѓани.
| |
Галерија на фотографии 28.05.2019 Денови на финансиска писменост |