Скопје, 26 октомври 2024 година
Макропрудентната политика на Народната банка придонесе за дополнително зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор во изминатите неколку години на постојани кризи. Поради соодветната комбинација на мерки и политики, повеќе показатели за стабилноста на банкарскиот систем во моментов се подобри и во однос на преткризните нивоа. Ова беше посочено на состаноците на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска, со високи претставници на Светската банка, потпретседателката Антонела Басани, извршниот директор на Конституенцата на која ѝ припаѓаме, Јуџин Ругенаат, како и тимот на Светската банка за платните системи, за време на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто се одржуваат во Вашингтон, САД. Средбите беа одржани заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот тим.
На средбата со претставниците од Светската банка беше посочено дека и покрај шоковите од невидени размери, банкарскиот сектор ја зголеми својата отпорност, што јасно се гледа од повеќе показатели. Адекватноста на капиталот е значително зголемена на 19%, што е највисоко ниво во изминатите две децении. Ликвидноста на банките е на високо ниво. Квалитетот на кредитното портфолио е подобрен во однос на претпандемичниот период со учество на нефункционалните во вкупните кредити од околу 3%.
На средбите стана збор за натамошната соработка со Светската банка, којашто преку повеќе проекти дава техничка помош за дополнително јакнење на капацитетите на земјата и на централната банка за унапредување на макропрудентната рамка, управување со климатските промени, оформување на регулативната рамка за справување со банки со проблеми, како и за модернизирање на платните системи. Светската банка обезбеди техничка помош за Народната банка во процесот на изработката на Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, како и за зајакнување на рамката за следење на системските ризици, заради јакнење на отпорноста на финансискиот систем, како основа за макроекономската стабилност. Светската банка дава поддршка и во изработката на подзаконската регулатива за Законот за решавање банки, којшто ќе стапи во сила од октомври 2025 година, а ќе се побара и техничка помош за усогласување со Законот за банките.
Во делот на зелените финансии, Светската банка ѝ пружи поддршка на Народната банка за подготовката на тригодишниот план на активностите на Народната банка, во доменот на управувањето со ризиците од климатските промени. Во следниот период, Народната банка ќе биде посветена на приспособувањето на супервизорскиот пристап, методологијата за стрес-тестирање на банките од аспект на климатските ризици и за вршење подлабински анализи на овие ризици во банкарскиот сектор.
За спроведување на активностите на Берлинската иницијатива и Акцискиот план за заеднички регионален пазар за периодот 2021 ‒ 2024 година, поддржан од Европската комисија и Светската банка, со кој е предвиден и развој на модерен платен систем за инстант плаќања во земјите од Западен Балкан, на средбата со тимот на Светската банка се разгледаа и можностите за воведување на клонот на системот ТИПС во нашата земја. Клонот на системот ТИПС којшто го развива Банката на Италија за извршување инстант плаќања во земјите од Западен Балкан се разгледува од Народната банка како една од можностите за обезбедување побрзи, поедноставни и поевтини плаќања за граѓаните и компаниите.