Скопје, 25 октомври 2024 година
Преку одржувањето стабилен курс на денарот за време на инфлациската криза, преземањето одлучни чекори за намалување на инфлацијата и зачувувањето на стабилноста на банкарскиот сектор, Народната банка имаше клучна улога во одржувањето на стабилноста во економијата, придонесувајќи кон попредвидливо окружување за фирмите и поддршка и заштита на домаќинствата. Ова беше посочено на состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, Жероен Клик кој ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај кој ќе ја преземе функцијата алтернативен извршен директор, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат во Вашингтон, САД. Средбите беа одржани заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот тим.
На средбите беше искажано признание за Народната банка, којашто преку комбинација на монетарни и макропрудентни мерки, успеа да ги стабилизира инфлациските очекувања и истовремено да ја задржи финансиската стабилност. Соодветната поставеност на монетарната политика придонесе кон намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември 2024 година. Банкарскиот сектор за целиот кризен период ја задржа и ја подобри отпорноста и беше значајна потпора за фирмите и домаќинствата.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека најновите оцени за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и постојаните поволни движења на девизниот пазар, овозможуваат и натаму постепено и претпазливо да се нормализира монетарната политика. Сепак, таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе има внимателен пристап при носењето одлуки за монетарната политика и ќе ги следи ризиците од надворешното и домашното окружување. „Водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина и Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок“, посочи гувернерката.
Според есенските проекции на Меѓународниот монетарен фонд, објавени во октомврискиот Светски економски преглед, инфлацијата во земјава ќе се намалува и годинава (3,3%), и следната (2,3%), а до 2026 година ќе се сведе на 2%. Од ММФ препорачуваат натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.
Во рамките на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли.