Скопје, 24 ноември 2022
„Глобален шок ги погодува сите економии, но домашните структурни фактори во секоја од економиите го одредуваат интензитетот на инфлацијата... Зависноста од увоз и степенот на трговска отвореност на нашата економија се значително поголеми во споредба со Европската Унија. Отвореноста и зависноста од увоз се одразуваат на увозот и неговата структурата, понатаму на структурата на потрошувачката и следствено, на домашните цени. Овие структурни фактори во голема мера ја објаснуваат разликата меѓу домашната инфлација и инфлацијата во еврозоната“, истакна Анета Крстевска, главна економистка на Народната банка, која ги презентира најновите макроекономски проекции пред бизнис-заедницата, на конференцијата на М6 Едукативен центар под наслов „Чекор напред ‒ македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“.
Таа истакна дека натамошните геополитичките тензии од воената инвазија врз Украина, во услови кога светот сè уште трпи последици од пандемијата, придонесоа кон влошување на глобалниот амбиент, неповолно делуваа на економските изгледи и создадоа дополнителни притисоци врз светските цени на основните производи. Централните банки ширум светот одговорија со затегнување на монетарната политика поради засилениот и подолготраен раст на инфлацијата во светски рамки, што се одразува на условите за финансирање.
„Глобалните движења се одразија и врз домашната економија, преку понизок раст во споредба со априлските проекции. Инфлацијата за оваа година е ревидирана нагоре, со оглед на повисоките досегашни остварувања, но битно е да се нагласи дека следната година се очекува забавување на стапката на инфлација, којашто ќе изнесува 8 – 9 % во 2023 година, при постепено стивнување на ценовните притисоци од увозните цени, субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија и затегнувањето на монетарните услови“. Крстевска нагласи дека инфлацијата согласно со проекциите на Народната банка, и натаму ќе се стабилизира, сведувајќи се на нивото од 2,4 % и 2% во 2024 и 2025 година.
Пред бизнис-заедницата беа објаснети сите мерки преземени досега од страна на Народната банка во однос на инфлацијата, преку повеќе инструменти. Воедно, беше нагласено дека пристапот на постепено, но постојано затегнување на монетарната политика веќе дава ефекти во одредени сегменти, а се очекуваат и натамошни ефекти, во онаа мера колку што е можно при ваков тип инфлација – инфлација на трошоците. „Народната банка е одлучна во справувањето со инфлацијата и инфлaциските притисоци, имајќи предвид дека ценовната стабилност е основен предуслов за економски раст“ – заклучи Крстевска.
На одржаната конференција реализирана во рамки на проектот „М6 Чекор напред“, се дискутираше за краткорочните и среднорочните предизвици на македонската економија, од страна на претставници на институциите и на бизнис секторот.