
На конференцијата на високо ниво „Економско-финансиски дијалог со ЕУ – од препораки во реформски мерки“, посветена на Програмата на економски реформи 2020-2022, активно учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Во своето излагање на конференциската панел-дискусија, таа се осврна на дел од заклучоците и оцените од Програмата, коишто се во директна или индиректна надлежност на централната банка. Притоа, одделен акцент стави на прашањата за нефункционалните кредити, евроизацијата на економијатa и за растот на потрошувачките кредити, како и на тековните активности за попрецизно дефинирање и формално поставување на макропрудентната функција на Народната банка.
„Проблемот со нефункционалните кредити, кај нас е многу помалку изразен отколку во други земји од регионот. Благодарение на прудентноста на банките и на соодветната регулатива којашто ја имаме воспоставено, тековно, таквите кредити во земјава изнесуваат околу 5%. За одржување здрав банкарски систем, како и за овозможување одржлив кредитен раст, од клучно значење е и натаму да имаме системски пристап и да се продолжи со активностите за намалување на нивниот обем“ – истакна гувернерката, посочувајќи дека токму затоа, со цел да се утврдат повеќе мерки за поефикасно справување и подобро управување со нефункционалните кредити, кон крајот на минатата година беше усвоена и посебна стратегија којашто се однесува на ваквите пласмани кај банките, а заеднички ја подготвија Народната банка и Министерството за финансии.
Во однос на евроизацијата, Ангеловска-Бежоска, меѓу другото посочи дека кај нас, таа постојано се намалува и дека е најниска на регионално ниво, што е резултат на стабилноста на економијата и на банките во земјава, како и на низата мерки преземени досега. „Постигнат е голем напредок во намалувањето на евроизацијата. Учеството на девизните депозити и на депозитите со валутна клаузула во вкупните депозити е намалено на околу 40%, но и натаму постои потреба од дејствување во оваа сфера“ – порача гувернерката, при што искажа уверување дека дополнителните насоки и мерки дефинирани во усвоената Стратегија за денаризација ќе придонесат за натамошно зголемување на употребата на домашната валута.
Осврнувајќи се на прашањето за растот на потрошувачките кредити, Ангеловска-Бежоска истакна дека иако тој е рeлативно висок, сепак во услови на ниска задолженост на населението, добар финансиски капацитет и добар квалитет на портфолиото, засега ризиците се ниски. „Континуирано ги следиме состојбите и истовремено работиме на унапредување на аналитичката инфраструктура за развивање показатели за ранливост во овој дел, заради навремена заштита од евентуални ризици“ – истакна таа.

Конференцијата „Економско-финансиски дијалог со ЕУ – од препораки во реформски мерки“ ја организира Министерството за финансии. На конференциската панел-дискусија учествуваа и министрите за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и за образование и наука, Арбер Адеми, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и државниот секретар во Министерството за правда, Фатон Сељами.
