Скопје, 20 април 2024 година
Народната банка води соодветни политики, коишто придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и за задржување на стабилноста на банкарскиот сектор. Ова беше истакнато од страна на заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, за време на состанокот со македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, којашто ја предводат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, а од која е дел и вицегувернерот Фадил Бајрами. Притоа, високиот претставник на ММФ укажа на потребата од натамошна внимателност во водењето на политиките, со оглед на неизвесниот глобален контекст, каде што инфлацијата забавува, но побавно, додека стапките на глобален раст се под историскиот просек.
Во рамките на Пролетните средби, делегацијата оствари средба и со Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, којшто исто така заклучи дека резултатите од соодветното водење на монетарната политика од страна на Народната банка, се видливи преку надолниот тренд на инфлацијата, позитивните движења кај девизните резерви и стабилноста на банкарскиот систем.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и покрај повеќе шокови, преку бројните монетарни, но и макропруденти мерки е задржана макроекономската стабилност. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап.
Исто така, делегацијата оствари средба и со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, и со заменикот на извршниот директор, Лук Дресе, на која се зборуваше за најновите макроекономски трендови и потребата за натамошна внимателност при водењето на макроекономските политики.