Скопје, 16 септември 2026
Во рамки на редовната годишна ревизија на податоците за Екстерните статистики (ЕС) и објавувањето на податоците за финансиските сметки (ФС), планирана е и ревизија на податоците во текот на подолг временски период. Оваа ревизија се спроведува како дел од т.н. голема (англ. benchmark) ревизија и е во согласност со воспоставената политика на европско ниво за периодично усогласено ревидирање на податоците од областа на националните сметки и платниот биланс/меѓународната инвестициска позиција.
Главна цел на ревизијата е да се подобри квалитетот на податоците преку подобар опфат и класификација, примена на нови методи за пресметка во согласност со меѓународните стандарди и зголемување на усогласеноста меѓу различните статистики. Ревизијата, исто така, е дел од процесот на усогласување со европските регулативи и статистички стандарди.
Оттука, покрај редовната ревизија на податоците за платниот биланс за 2024 и 2025 година, податоците за меѓународната инвестициска позиција и странските директни инвестиции за 2025 година, големата ревизија ќе опфати и подолга временска серија на неколку компоненти од платниот биланс. Ревизијата ќе се однесува на периодот 1998 ̶ 6.2026 година за податоците изразени во САД-долари и на периодот 2003 ̶ 6.2026 година за податоците изразени во евра.
Најголема промена е направена кај подбилансот на секундарниот доход. Во тие рамки, поткомпонентата нето менувачко работење преку метод на процена соодветно се распределува во неколку категории од билансот на плаќања. Овие процени се одразуваат кај следниве компоненти – лични дознаки, надомест за вработени, капитални трансфери, услуги за патување и извоз на стоки. Притоа, не се очекува ревизијата да предизвика поголема промена кај тековната и капиталната сметка.
Од аспект на финансиските сметки, ревизијата произлегува од потребата од обезбедување конзистентност во сериите, методолошко унапредување и подобрување на проценките, како и поради ревизии во примарните статистики. Ревизиите во финансиските сметки нема да имаат позначително влијание врз нето финансиската вредност и нето-позајмувањето/задолжувањето на вкупната економија, додека кај одделни институционални сектори од економијата се очекуваат одредени промени.
Ревидираните податоци за екстерни статистики ќе бидат објавени на 23 септември 2026 година, додека податоците за финансиски сметки ќе се објават на 30 октомври 2026 година. Заедно со објавувањето на податоците, ќе бидат објавени и соопштенија за печат, односно презентации кои ќе содржат подетални објаснувања за спроведената ревизија.