Скопје, 16 септември 2023 година
„Преку трговската, финансиската и технолошката интеграција, глобализацијата во последните четири децении придонесе за забрзан економски раст, а особено на помалку развиените економии, вклучително и на земјите од Западен Балкан. Трговската интеграција на регионот во ЕУ значително се зголеми, а особено на нашата економија чија трговска интеграција достигна 158% од бруто домашниот производ, што е највисоко ниво на Западен Балкан и петто во регионот на Централна Источна и Југоисточна Европа. Оттука, од големо значење се ризиците за домашната економија коишто произлегуваат од засилената геоекономска фрагментација во последните неколку години“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Геополитика, креирање политики и финансии“ во рамките на платформата за дискусија за јавните политики на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ), којашто се одржа под мотото „Европа – ДА, Европа – СЕГА“.
Гувернерката се осврна на придобивките од трговската и финансиска интеграција коишто делуваат како катализатор за економскиот раст и конвергенција, преку прелевање на знаењето, технологиите и финансиите. „Конвергенцијата на доходот во регионот и во нашиот случај во последните две децении се зголеми за близу 20 п.п. од БДП, во просек, или речиси двојно. Сепак, јазот во доходот сѐ уште е голем ‒ нашиот доход сѐ уште е само 40% од просекот на ЕУ. Доколку ја задржиме историската брзина на економскиот раст, ќе ни требаат околу 40 години за да се приближиме до просекот на ЕУ. Оттука, потребни се зајакнати структурни реформи во трите клучни сегменти за забрзан раст – продуктивноста, инвестициите/иновациите и образованието/работната сила, но и политики коишто ќе овозможат соодветно справување со сѐ поголемите геополитички ризици, пред сѐ искористување на придобивките коишто ги нудат новите трендови кај европските синџири на производство“, истакна Ангеловска-Бежоска.
На панел-дискусијата, гувернерката посочи дека на регионот му е потребна натамошна интеграција во ЕУ и во глобални рамки, заради натамошно забрзување на процесот на економска конвергенција. Сепак, во овој процес се нагласени ризиците од засилените геополитички случувања во последните две години. Според последниот Извештај на Светскиот економски форум, геоекономскиот ризик е еден од трите најзначајни глобални ризици заедно со зголемените трошоци на животот и климатските ризици, како на среден, така и на долгорочен план. Ова не треба да нѐ изненадува бидејќи една од главните закани од геополитичките тензии е пресвртот во глобализацијата, а веќе се забележуваат сѐ поголем број наметнати трговски и други ограничувања.
Скопскиот економски и финансиски форум е основан од страна на Министерството за финансии и е годишна конференција којашто се одржува по третпат. Овогодишната конференција ја отворија претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерот за финансии, Фатмир Бесими и еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан. На Конференцијата присуствуваа претставници на меѓународните финансиски организации, претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, како и претставници од бизнис-секторот и академската фела.