Скопје, 11 декември 2020 година
Најновите макроекономски проекции на Народната банка презентирани пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции – очекуваме дека проектираниот економски раст од 3,9% за следната година би бил поддржан од сите извори на растот
Вчера, на видеоконференциски состанок, беа презентирани најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции.
Презентирајќи ги проекциите, гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, посочи дека макроекономското сценарио и ризиците околу него пред сѐ се условени од развојот на здравствената криза во глобални рамки, односно од справувањето со пандемијата и нејзините последици врз однесувањето и очекувањата на економските субјекти.
„Очекуваме дека економскиот раст проектиран за следната година би бил поддржан од сите извори на растот, при што домашната побарувачка би имала позитивен придонес. Очекуваме постепено намалување на воздржаноста и зголемување на склоноста кон потрошувачка. Потрошувачката на домаќинствата би била и поддржана преку растот на расположливиот доход и солидната кредитна активност од страна на банките. Очекуваме и зголемена инвестициска активност и зголемена склоност за преземање нови инвестициски одлуки, оцена што е во согласност со натамошниот раст на кредитирањето на компаниите, засилувањето на државните инфраструктурни проекти, како и со стабилизирањето на глобалната економија, растот на извозот и зголемените странски директни инвестиции.“ – истакна гувернерката.
На среден рок, како што беше напоменато и на состанокот, се очекува натамошен раст на економијата, но неизвесноста и ризиците сѐ уште постојат.
Во презентацијата, Ангеловска-Бежоска посочи и дека инфлацијата и натаму е ниска и стабилна, а дека и покрај шокот предизвикан од пандемијата, надворешната позиција на македонската економија е умерена, при што тековните проекции на билансот на плаќања посочуваат на раст на девизните резерви во периодот на проекција.

На состанокот, гувернерката се осврна на кредитната активност, посочувајќи на нејзиниот досегашен солиден раст, значително поддржан и од релаксираната монетарна политика и регулаторната флексибилност овозможена од страна на Народната банка. Во следниот период се очекува натамошно зголемување на кредитната поддршка, којашто и натаму ќе биде клучна за закрепнувањето на економијата, а во услови на раст на изворите на финансирање и поповолни очекувања.
Како што веќе е и соопштено, главниот надолен ризик за проекциите се поврзува со евентуалното повторно воведување строги рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот, како и евентуалното побавно справување со вирусот од тековните очекувања. Но, од друга страна, позитивен ризик се побрзиот напредок во третманот на корона-вирусот, како и во развивањето вакцина. Оттука, и во рамките на состанокот беше нагласено дека доколку заканата од корона-вирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне економската активност.

Презентирањето на макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции е традиционална практика, а овојпат имајќи ги предвид околностите со пандемијата, за првпат се одржа преку видеоконференциска врска.