Скопје, 11 февруари 2024 година
Малата вклученост на жените во општеството не е загуба само за жените, туку и за целото општество, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адрија“. Според спроведената анализа на Светската банка, економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18% од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата. За да се подобрат состојбите потребен е холистички пристап во носењето политики коишто ќе го подобрат квантитативното и квалитативното учество на жените во работната сила, а со тоа ќе се придонесе кон економскиот раст и унапредување на животниот стандард, истакнува гувернерката.
Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. Кај нас, податоците се слични, со стапка на активност на жените од 45 − 46%, за разлика од стапката на активност кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п. „Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“, истакнува гувернерката.
Гувернерката посочува и на податоците дека кај нас учеството на работоспособното население во вкупното население низ годините се намалува, што укажува дека постои структурен проблем со недостиг на човечки потенцијал, којшто е еден од клучните фактори за раст. Од друга страна, има голем потенцијал кај жените кои не се активни. Оттаму, треба да се преземат политики за нивно активирање на пазарот на труд.
Народната банка во соработка со Европската банка за обнова и развој ќе работи на проект за поголема финансиска инклузија на жените, најави гувернерката. Народната банка ќе биде национален координатор на овој проект, во кој ќе бидат вклучени повеќе институции, во зависност од надлежностите. Целта на проектот е да се овозможи поголема вклученост на жените во општеството, особено да им се помогне на жените во сферата на претприемаштвото, што подразбира поголем пристап до финансии.
Ангеловска-Бежоска во интервјуто истакна и дека Народната банка е добар пример во земјата, но и во меѓународни рамки, каде што застапеноста на жените е висока, вклучително и на раководните функции, со околу 70%, во просек. Ова е препознаено неколку години наназад и од страна на британскиот форум ОМФИФ, којшто ја рангира нашата централна банка како прва во светот според бројот на раководните позиции на кои стојат жени.