Скопје, 10 февруари 2024 година
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Конференцијата во Брисел посветена на независноста на централните банки, на која зеде учество и директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
„Постои јасна врска помеѓу макроекономската стабилност и независноста на централните банки, како кај развиените, така и кај економиите во развој, што е докажано и преку емпириските истражувања. Само независна централна банка може да ја задржи кредибилноста и стабилните инфлациски очекувања“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата посветена на перспективите на независноста на централните банки, во рамките на конференцијата од високо ниво за гувернерите од Холандската конституенца, под наслов „Независноста на централните банки во светот кој се менува“.
Гувернерката истакна дека за да се зачува независноста на централните банки од голема важност се соодветните законски механизми, што во случајот со нашата централна банка е регулирано со Уставот, а за што ЕУ оценува дека е високо усогласено со европските директиви. „Според оцената на независноста на централната банка, како и според емпириските истражувања, таа низ годините се зголемила и Народната банка има високо ниво на независност и така и мора да остане заради зачувување на макроекономската стабилност“, посочува гувернерката. Таа наведе и други фактори од кои е условена независноста, како квалитетот на истражувачките капацитети, интегритетот на вработените во банката, но и заложбите на централната банка да биде транспарентна кон јавноста.
Во својата дискусија гувернерката се осврна на зголемениот интерес на јавноста за независноста и работењето на централните банки, што се должи и на зголемувањето на опфатот на мандатот на централните банки, коишто покрај одржувањето на ценовната стабилност, по Големата финансиска криза, добија и нови надлежности, како што е финансиската стабилност и носењето макропрудентни политики. Исто така, тука е „зелениот мандат“ на сѐ повеќе централни банки во светот, коишто се вклучуваат во поддршката на зелената транзиција, преку поддршка на зелените финансии. Окружувањето во кое работат централните банки стана покомплексно и понеизвесно, имајќи ги предвид изминатите неколку години, кога нивните политики од флексибилни требаше да се заменат со затегнати за релативно кус период.