Скопје, 8 мај 2022
Македонската економија нема да биде заобиколена и секако ќе ги почувствува последиците од руско-украинската криза. Очекуваме забавување на економскиот раст, како и забрзување на инфлацијата, посочи во изјава за ХТВ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Десеттиот регионален состанок на гувернерите на централни банки, којшто се одржува во Ровињ, Хрватска.
Темите на овогодишниот состанoк се економското закрепнување во контекст на конфликтот во Украина и санкциите кон Русија, неизвесноста и финансискиот сектор, инфлацијата и монетарната политика.
Гувернерката истакна дека, слично со останатите земји во регионот, директните трговски и финансиски врски на Република Северна Македонија со Русија и Украина се слаби, како и дека конфликтот ќе влијае на македонската економија преку други канали. Трговијата со овие две земји е помалку од 2% од вкупната трговија. Уделот на странски директни инвестиции од Русија и Украина е исто така многу низок, или 0,5% од вкупните странски директни инвестиции во 2020 година.
Сепак, индиректните влијанија, преку глобалната, но пред сѐ европската економија врз земјите од регионот нема да изостанат. Тие ќе се почувствуваат преку четири главни канали: трговијата, цената на примарните производи, затегнувањето на меѓународните финансиски пазари и довербата кај потрошувачите, посочува гувернерката. ММФ прогнозира дека глобалната трговија ќе расте но побавно, односно со 5%, цените на примарните производи од почетокот на годинава сѐ уште имаат нагорен тренд, каматните стапки на меѓународните финансиски пазари се зголемија, а поради неизвесноста може да забават инвестициите и потрошувачката. Сепак, меѓународните финансиски институции тековно очекуваат дека економиите ќе растат, но забавено, а инфлацијата од втората половина на годината постепено ќе се стабилизира.
Гувернерката нагласи дека повторно се на потег монетарната и фискалната политика, монетарната политика преку одржување на стабилноста, додека фискалната преку мерки за поддршка за ублажување на ефектите врз економската активност на краток рок. На среден и на долг рок, потребно е спроведување на агендата на структурни реформи, што е единствениот начин за постигнување долгорочни ефекти.