Конкретни мерки за зелени финансии во Стратегискиот план на Народната банка
Париз-Скопје, 3 ноември 2021 година
На почетокот на оваа година, Народната банка стана членка на меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, во којашто тековно членуваат 100 членки и 16 надбљудувачи од редот на централните банки и супервизорските институции од целиот свет. Со тоа се вброи меѓу централните банки коишто имаат јасни и цврсти определби во рамките на своите надлежности да придонесат за развој на управувањето со ризиците во финансискиот сектор коишто произлегуваат од климатските промени.
Денес, Мрежата за зелен финансиски систем, со учество на нашата централна банка, објави заедничка декларација за зелени финансии – Декларација од Глазгов. Декларацијата е достапна на следнава врска: https://www.ngfs.net/sites/default/files/medias/documents/ngfsglasgowdeclaration.pdf
„По повод Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени во 2021 година, ја повторуваме нашата подготвеност за придонес во глобалниот одговор потребен за исполнување на целите на Парискиот договор и за таа цел ќе ги прошириме и ќе ги зајакнеме нашите колективни напори за озеленување на финансискиот систем“ – е истакнато при објавувањето на Декларацијата од Глазгов, поддржана и од Народната банка.
Во Декларацијата е наведено дека следејќи го својот извештај за „повик за акција“, Мрежата развива широк сет анализи и практични алатки за споделување, особено во областите на претпазлив надзор, анализа на климатски сценарија, одговорни инвестиции итн.
Народната банка како членка на мрежата има и свој план на делување, со конкретни активности во рамките на своите надлежности. Овие заложби веќе се утврдени во Стратегискиот план на Народната банка за периодот 2022‒2024 година, каде што за првпат како посебна стратегиска цел е наведено и зголемувањето на свесноста за климатските промени и придонесувањето за одржлива зелена економија.
Меѓу другото:
- Ќе се спроведат истражувања за климатските промени и ризиците поврзани со нив, заради согледување на нивното влијание врз домашната економија.
- Ќе се разгледува можноста за оцена на ефектите од климатските промени врз банкарскиот сектор преку спроведување анализа на климатските сценарија и спроведување стрес-тестови на банкарскиот сектор.
- Ќе се спроведе анкета помеѓу банките за да се добијат податоци и информации со коишто ќе се овозможи анализа на евентуалните ранливости во банкарскиот сектор коишто произлегуваат од ризиците од климатските промени.
- Народната банка ќе ги разгледа и ќе ги процени перспективите за изградба на портфолио на зелени обврзници, преку инвестирање во финансиски инструменти коишто поддржуваат проекти со позитивно влијание врз животната средина, при истовремено обезбедување конкурентни финансиски приноси.
Основна цел на Мрежата за зелен финансиски систем е членките, на доброволна основа, да разменат искуства и да споделат најдобри практики. Народната банка веќе е активно вклучена во активностите на Мрежата.