Скопје, 03 октомври 2025 година
„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка секогаш ги темели своите одлуки на опсежни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и го јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на светска неизвесност и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика.“ Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“, организирана од Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.
Понатаму, гувернерот Славески се осврна на анкетното истражување на „Глобал централ банкинг“ (Global central banking) околу приоритетите на централните банки, оперативната поставеност, како и нивната истражувачка активност во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки им даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните светски предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се за нејзино сведување на историските нивоа од околу 2%. Третата област ги опфаќа кибербезбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата е и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Гувернерот Славески посочи дека е неопходно централните банки да носат одлуки засновани на докази за да можат успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено при епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и при геоекономска дезинтеграција.
Во своето обраќање, гувернерот Славески порача и дека Народната банка посветено и постојано работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјава.