Скопје, 2 октомври 2021
Новите технологии создаваат нови работни места и потреба за нови квалификации и вештини. Важно е во текот на студиите, младите професионалци да се стекнат со вештини коишто ќе им овозможат побрзо вклучување на пазарот на работна сила по нивното завршување. Ова им го порача, во своето обраќање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на студентите од прва година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на настанот организиран од Факултетот по повод почнувањето на новата академска година. Таа посочи и дека тимот на Народната банка преку тематски предавања и практична работа ќе им помогне во овој процес.
- Дигитализацијата ја обликува иднината на работните места. Новите технологии создаваат нови работни места во областа на вештачката интелигенција, анализата на податоци, дигиталниот маркетинг, развојот на бизнис, како и технолошките иновации во финансискиот сектор. Сите овие аспекти се поврзани токму со студиите коишто ги одбравте вие ‒ им порача Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна дека во новото и динамично окружување се менуваат потребите за човечки ресурси на централните банки во согласност со промените во реалната економија и финансискиот сектор. Во овој контекст, како што рече, сѐ повеќе доаѓа до израз и потребата од теоретско и практично познавање на квантитативните методи и модели, како основа за правилно осмислување на политиките на централната банка и остварување на нејзините основни цели – стабилноста на цените и финансиската стабилност.
- Како и досега, тимот на централната банка активно ќе биде вклучен во надополнувањето на вашите вештини и знаења, преку тематските предавања коишто ги одржува на вашиот факултет и практичната работа којашто ја организираме во рамките на Народната банка ‒ истакна Ангеловска-Бежоска.
Народната банка и Економскиот факултет, во јуни годинава, склучија меморандум за засилување на соработката со заеднички вложувања во истражувањата и оформувањето квалитетен кадар. Соработката се однесува и на осмислувањето нови студиски програми, со активна вклученост на Народната банка во однос на знаењата и вештините во делот на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем.
На настанот на Економскиот факултет, покрај гувернерката на Народната банка, се обратија и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Предраг Трпески и претседателката на Управниот одбор и извршна директорка на „УНИ банка“, Милка Тодорова.