Скопје, 1 јули 2025 година
Денес, во просториите на Македонската банкарска асоцијација (МБА), се одржа свечен настан по повод освоеното второ место на Европскиот квиз на пари од страна на македонскиот тим, составен од учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска.
Финалето на овој престижен натпревар за финансиска писменост се одржа на 23 мај 2025 година во Брисел, Белгија, во организација на Европската банкарска федерација.
Настанот го отвори д-р Маја Стевкова-Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација, а на присутните им се обратија и д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка, м-р Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, и д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Во своето обраќање, претседателката на МБА, д-р Стевкова-Штериева, го истакна значењето на успехот како извор на мотивација и национална гордост:
„Ова признание нека биде поттик и за други ученици да се охрабрат, да учат, да истражуваат и да сонуваат. Зашто образованието е клучот што ги отвора сите врати – и во личниот и во професионалниот живот. Вашиот успех не е само ваш личен успех. Тој е успех и на вашите наставници, вашите семејства, училиштето, и на сите нас кои веруваме во вредноста на знаењето и вложувањето во младите.“ – изјави Стевкова-Штериева.
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето обраќање истакна дека постојаната надградба на знаењата на младите, вклучително и во областа на финансиите, е најдобрата инвестиција за стабилна и одговорна иднина на секое општество. Народната банка постојано настојува преку разни едукативни активности да ја зголеми свесноста кај младите за важноста на финансиската писменост. „Првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, донесена од страна на Народната банка и другите финансиски регулатори, предвидува и активности за поголема застапеност на финансиската едукација во формалното образование, за што соработката и поддршката од надлежното министерство ќе биде од огромно значење“, потенцираше гувернерот Славески.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност м-р Бујаре Абази рече: ,,Овој проект е дел од поширока мисија – да ги поттикнеме младите да станат финансиски писмени, одговорни и самоуверени во носењето одлуки што се однесуваат на нивните пари и иднина. Денес квиз, утре живот. Живееме во свет на безброј информации, финансиите се се покомплексни, а дигиталните технологии секојдневно го менуваат начинот на кој ги користиме ресурсите, затоа како регулатор на пазарот на хартии од вредност, нашата улога ја гледаме не само во надзорот, туку и во едукацијата. Нашиот интерес е да имаме кадри кои ги разбираат финансиските услуги што ги користиме и на тој начин да не влегуваат во непотребни ризици, а истовремено се избегнуваат и се минимизираат последиците, со што креираме постабилен финансиски систем. Финансиската писменост и квалификуваната работна сила во денешно време се сметаат за особено ретки ресурси и се основен предуслов за создавање на ефикасни и конкурентски ориентирани финансиски пазари,, заврши м-р Бујаре.
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека второто место меѓу тимови од 30 држави е многу високо достигнување и потврда дека македонските ученици добро ги познаваат економските процеси, имаат одлични знаења за управување со парите, планирање на буџетот и правење финансиски инвестиции.
„Министерството се заложува да ја подигне финансиската писменост меѓу сите млади и затоа ќе ја продлабочиме соработка со финансиските институции како Народната банка, Македонската банкарска асоцијација, Комисијата за хартии од вредност и така натаму и заеднички ќе го обликуваме моделот преку кој уште поефективно, финансиски ќе ги едуцираме новите генерации“, рече Јаневска.
Додаде дека Министерството и Владата веќе ги зголемија средствата за поддршка на талентираните ученици, за да можат без било какви грижи, во иднина да учествуваат на големи меѓународни олимпијади.
На свеченоста земаа збор и самите европски вицешампиони, на кои им беа доделени признанија и подароци. Награди беа доделени и на второ- и третопласираните екипи од националниот натпревар:
- Ана Грбиќ и Мила Игњатовска од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, под менторство на професорката Билјана Ниновска,
- Катја Ивановска и Никифор Кискоски од ООУ „Љубен Лапе“ – Аеродром, Скопје, под менторство на наставничката Андријана Савеска.
Овогодинешниот Европски квиз на пари забележа рекорден одѕив – над 73.000 ученици од 2.877 училишта учествуваа на националните натпревари во 30 европски земји. Финалето, кое траеше два дена и вклучуваше активности за вмрежување на младите, собра 60 финалисти. Тимот од Италија го освои првото место, додека третото место ѝ припадна на Шведска.
Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, со поддршка од Министерството за образование и наука, останува посветена на унапредувањето на финансиската писменост како клучен елемент во подготовката на младите за активно и одговорно учество во економијата.