Обраќање на Фадил Бајрами, вицегувернер на НБРМ, на третиот состанок на Управниот комитет на регионалниот проект за соработка помеѓу ЕЦБ и централните банки од Западен Балкан, во Приштина, 27 март 2015 година
Почитуван гувернере Хамза,
Почитувана заменик-гувернерке Ѓони,
Почитуван г. Фелкер,
Почитуван г. Хлад,
Претставници од централните банки,
Дами и господа,
Задоволство ми е што сум денес тука, во Приштина, со вас, по повод одржувањето на третиот и последен состанок на Управниот комитет, со што и официјално ќе го одбележиме успешното завршување на заедничкиот проект за соработка помеѓу ЕЦБ и националните централни банки од Евросистемот од една, и централните банки од Западен Балкан, од друга страна.
Вклучувањето на три централни банки во овој проект, кој има за цел зацврстување на нивниот институционален капацитет и усогласување на нивното работење со стандардите за централно банкарство во ЕУ, е од посебно значење за целиот регион, имајќи ја предвид улогата на централните банки во процесот на пристапување кон ЕУ.
Имено, ваквиот регионален пристап на ЕЦБ овозможува подигање на нивото на усогласеност со стандардите и политиките на ЕУ, но исто така создава можност за продлабочување на соработката помеѓу централните банки од регионот и централните банки од ЕУ. Затоа се надевам дека заемната соработка ќе продолжи во истиот дух, но и дека уште повеќе ќе се продлабочи преку други облици на соработка во различни области од централнобанкарското работење.
Во однос на НБРМ, со задоволство можам да истакнам дека заедно со колегите од ЕЦБ го утврдивме досегашниот напредок во однос на спроведувањето на препораките од извештајот Анализа на потребите на НБРМ, а ги дефиниравме и идните чекори што ќе се преземат во насока на нивно натамошно исполнување.
Во оваа прилика би сакал да нагласам дека НБРМ и во иднина со несмалена посветеност ќе продолжи да работи во поглед на применувањето на препораките дадени во Извештајот, имајќи го предвид фактот што голем дел од нив се веќе инкорпорирани во Стратегискиот план на НБРМ. Оттука, од големо значење е натамошната помош на ЕЦБ и Евросистемот во однос на искуството и знаењето, како и на нашите досегашни стратегиски партнери, со кои, се надеваме, во наредниот период заеднички ќе работиме на целосното исполнување на препораките.
Дозволете ми на крајот да им се заблагодарам на ЕЦБ и на останатите централни банки од Евросистемот вклучени во проектот, како и на домаќините, со надеж дека во блиска иднина повторно ќе имаме можност да се сретнеме на ваков или сличен настан.