Обраќање на Фадил Бајрами, вицегувернер на НБРМ, на првиот состанок на Управниот комитет на регионалниот проект за соработка помеѓу ЕЦБ и централните банки од Западен Балкан, во Тирана, Албанија, 17 април 2014 година
Почитуван гувернере Фулани,
Почитуван гувернере Хамза,
Почитуван г. Стурм,
Почитуван г. Рамболд,
Претставници од централните банки,
Дами и господа,
Ми претставува чест и задоволство да бидам овде, во Тирана, со вас, по повод одржувањето на првиот состанок на Управниот комитет за заедничкиот проект за соработка помеѓу Европската централна банка и националните централни банки од Евросистемот, од една, и централните банки од Западен Балкан, од друга страна.
Како што веќе истакнаа моите колеги претходно, најголемиот дел од активностите на проектот ќе бидат посветени на утврдувањето на потребите на централните банки на Албанија и Косово во процесот на нивното приклучување кон Европскиот систем на централни банки, преку зајакнување на нивните капацитети и усогласување со стандардите на централното банкарство во ЕУ.
Народната банка на Република Македонија уште минатата година, во соработка со ЕЦБ и Евросистемот, успешно спроведе еден ваков проект. Со остварувањето на проектот јасно се утврдија промените кон коишто треба да се насочи НБРМ при нејзината подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки. Имено, во финалниот извештај, Анализа на потребите на НБРМ, беа содржани 138 препораки за надминување на јазовите во однос на утврдените одредници на ЕУ во 11 области од централнобанкарското работење. Со задоволство можам да истакнам дека некои од нив се веќе остварени, а дел од нив се веќе вградени во Стратегијата на работењето на НБРМ, односно во Планот за работа за оваа година. Сепак, за севкупното спроведување на препораките ќе биде потребна дополнителна техничка помош во однос на искуството и знаењето од ЕЦБ и националните централни банки од ЕУ.
Затоа, токму вклучувањето на НБРМ во овој регионален проект, којшто има за цел да ги олесни подготовките за спроведувањето на препораките што ги добивме во извештајот Анализа на потребите на НБРМ, преку утврдување План за нивно спроведување, е мошне значајно. Тоа ќе претставува основа за подготовка и остварување на последователен проект, но и основа за натамошно планирање и унапредување на билатералната соработка со централните банки со коишто НБРМ веќе има традиционална соработка, како и за воспоставување соработка со други европски централни банки.
Остварувањето на ваквите и слични проекти од страна на ЕЦБ и ЕУ во последниве неколку години недвосмислено го потврдува нивниот постојан ангажман и посветеност во давањето помош на централните банки од земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон приклучувањето во ЕСЦБ, а подоцна и во Евросистемот. Од друга страна, пак, со остварувањето на ваквите проекти се овозможува јакнење на соработката помеѓу централните банки од регионот и централните банки од ЕУ, којашто е неминовна во процесот на интегрирање на целиот овој регион во ЕУ.
Дозволете ми на крајот да им се заблагодарам на ЕЦБ и ЕУ за овозможувањето на НБРМ да учествува во овој проект, да им посакам успех на сите институции вклучени во проектот, во очекување на уште поголемо продлабочување на нашата соработка, и да им се заблагодарам на нашите домаќини за организирањето на овој настан.