„Комуникацијата со јавноста и транспарентноста на Народната банка низ годините: приоритет, предизвици и постигнувања”
Зад нас одамна ги оставивме времињата кога мотото “централните банки треба да зборуваат што е можно помалку” беше општо прифатена конвенција. Денес постои јасен консензус дека јасната, ефективна и едноставна комуникација со јавноста на централните банки e една од клучните алатки во исполнувањето на нејзиниот мандат. Преку својата комуникација централните банки делуваат на очекувањата, ја намалуваат неизвесноста и создаваат попредвидлив амбиент, а на тој начин ги прават попредвидливи реакциите на економските субјекти. Оттука, не само преку конкретните мерки, туку и преку комуникацијата со јавноста централните банки влијаат на ефикасноста на исполнувањето на своите цели, го јакнат својот кредибилитет и довербата на јавноста.
Сосема накусо да се осврнам на клучните причини, коишто низ времето доведоа до еволуција на транспарентноста и комуникацијата на централните банки. Прво, појавата на растечката инфлација во седумдесеттите години, кога централните банки почнаа активно да управуваат со инфлациските очекувања, преку појасна и отворена комуникација во насока на нивно стабилизирање, а со тоа и смирување на инфлацијата. Второ, воведувањето на стратегијата на целење на инфлацијата во деведесеттите години, којашто подразбира јавна објава на квантитативна инфлациска цел, а со текот на времето доведе до тоа речиси сите централни банки да ги објавуваат своите цели, макроекономски проекции, а некои централни банки дури и идната патека на каматните стапки. Трето, во поновата историја тоа е појавата на глобалната финансиска криза која што беше катализатор на тектонски промени во начинот на којшто централните банки комуницираат. Нарушеното праќање на монетарните сигнали, воведувањето на лепеза на неконвенционални мерки во тој период од страна на многу централни банки, вклучително и нашата, за кратко време наметна потреба од почеста и појасна отвореност на централните банки кон јавноста. Глобалните централни банки започнаа и со т.н. “forward guidance”, однапред најавувајќи ја патеката на каматните стапки, временската точка до која тие би се држеле на ниско ниво, обемот и динамиката со коишто би продолжиле со вбризгување ликвидност во економијата, пред да почнат со повлекувањето и слично. Можеби најдобра илустрација на промените во комуникацијата на централните банки е споредбата на познатата мантра на Жан Клод Трише “we never pre - commit” и историската изјава на Mарио Драги во 2012 година “whatever it takes” , којашто покажува целосна промена во отвореноста на централните банки.
Добро е трендовите во отвореноста и комуникацијата на централната банка да ги видиме и низ призмата на конкретни индекси коишто се обидуваат да ја квантифицираат транспарентноста[1]. Еден од најсеопфатните индекси, содржи пет димензии поврзани со транспарентноста на централните банки. Првата се однесува на отвореноста на централните банки во однос на целите на политиката, втората димензија е економска и се однесува на економските информации што централните банки ги комуницираат (податоците врз основа на кои се носат одлуките, моделите за проекции и оцена на политиката и самите прогнози), третата е процедурална, односно покажува дали има експлицитни правила и стратегија и механизам за носење на одлуките, четвртата се однесува на тоа колку брзо централните банки ги објавуваат своите одлуки, заедно со соодветно образложение на причините и последиците од носењето на одлуката и последната се однесува на тоа дали централните банки јавно објавуваат информации околу можните проблеми и пречки во спроведувањето на политиката. Вкупниот индекс значајно се зголемува од 1998 година до 2019 година речиси кај сите земји, вклучително и кај водечките централни банки. На пример во случајот на еврозоната овој индекс се зголемува од 8 на 12, додека за ФЕД промената е од 7 на 12,5. Она што е важно дека ваков изразен тренд на зголемување на транспарентноста има и кај нашата централна банка, чијшто индекс од 5 во 1998 се зголемува на 9 во 2019 година, со најголеми позитивни придвижувања во однос на податоците, моделите и проекциите коишто се комуницираат во контекст на носење на одлуките, како и во однос на брзината на објавување и образложенијата поврзани со одлуките.
Но во централно банкарската заедница не се менува само отвореноста и обемноста на информациите коишто се даваат. Голема промена во последниве години се случува и во однос на целната група на централните банки – периметарот се проширува од финансиските пазари и експертите кон пошироката јавност. Зошто ова се случува и зошто нашето свртување кон пошироката јавност е императив? Прво, долго време опстојуваме во периоди на кризи (финансиската криза, ковид кризата, војната во Украина), поради што сме принудени освен со стандардните, да реагираме и со “неконвенционални” мерки коишто дотогаш не биле применувани, но и да бидеме присутни во јавноста многу почесто и пофокусирано од претходно. На пример во ковид кризата, и ние и многу други централни банки воведовме низа мерки за намалување на последиците од пандемијата. Освен монетарното релаксирање се прибегна и кон други мерки коишто дотогаш не беа начин на којшто централните банките реагираат. На пример, се воведоа т.н привремени мораториуми во отплатата на кредитите на фирмите и населението, со коишто им се олесни привремено товарот во услови кога економијата принудно мораше да хибернира. Второ, и мандатите на централните банки постепено се модифицираат, од воведувањето на финансиската стабилност во нашиот периметар па се до зелените финансии, за коишто на пример во 2021 година околу 63% од централните банки се изјаснуваат дека треба да бидат нивен мандат, поради влијанието на климатските промени врз исполнувањето на основните цели. Ова значи дека нашите цели, инструменти, мерки стануваат покомплексни, поврзани со конкретни прашања што се од директно значење за општата популација, а тоа бара поедноставен, полесен, побрз и подиректен начин на комуникација. Последните глобални случувања и растечката инфлација, се уште една епизода којашто е незапаметена во последниве неколку децении и во глобални рамки прераснува во т.н. “криза на трошоци на живот”. Самото име кажува дека оваа криза има влијание врз секоја индивидуа во општествата, што уште повеќе ја нагласува оваа потреба да се биде “разбран” од пошироката јавност, да се делува на очекувањата за иднината за да може и да се намали притисокот врз цените, а кај нас особено и за да се “стесни” просторот за шпекулации и деструктивни изјави коишто чинат дополнителна општествена штета.
Како централните банки се обидуваат да дојдат поблиску до пошироката јавност? Една од повидливата промени се каналите на комуникација, но и се поголемиот фокус на економската и финансиска едукација. Новите канали се однесуваат на интернет страниците, социјалните мрежи, но и организација на различни настани. Во анкета спроведена на крајот на 2021 година на примерок од 75 централни банки констатирано е дека 80% од банките ја користат интернет станицата како модул на комуникација, при што некои банки имаат “слојна комуникација” – еден ист концепт има едноставни, но и многу комплексни објаснувања согласно целната публика. Кај 40% од анкетираните банки економската/финансиската едукација е директно посочена како област на интернет страниците, а над 90% од анкетираните банки го користат твитер профилот за куса, јасна и директна комуникација. Голем е процентот на банки (над 80%), коишто користат и комуникација и преку јутјуб канал, а околу 40% од банките организираат посебни средби и настани со пошироката јавност. Слично, во анкета за Central banking од оваа година, иако традиционалните канали на комуникација (соопштенија за печат, прес конференции) остануваа доминантни и клучни инструменти, сепак централните банки посочуваат дека нешто над 50% од пораките кои ги праќаат до јавноста се праќаат преку социјалните мрежи, каде постои и интеракција со јавноста и можност да се оцени мислењето/сентиментот во врска со централната банка.
Каде сме ние како централна банка во овие обиди да се зголеми транспарентноста, но и да се редизајнира начинот на којшто комуницираме, со цел да бидеме поедноставни, разбрани и да можеме ефективно да ги пратиме пораките до јавноста? Споменав дека нашата транспарентност расте, слично како и кај останати централни банки. Оцените се позитивни и во рамки на неодамнешната мисија на ММФ, во рамки на пилот проектот за оцена на нашиот профил согласно новиот Кодекс за транспарентност на централните банки, преку којашто добивме и насоки на коишто работиме за да ја подигнеме комуникацијата и транспарентноста на повисоко ниво. Го зголемуваме присуството преку традиционалните канали на комуникација. На пример, за илустрација бројот на соопштенијата за јавност од околу 50 соопштенија во 2013 година, достигна над 200 соопштенија во 2022 година. Видливи се и напорите коишто ги правиме да ги диверзифицираме каналите на пренесување на нашите пораки – покрај редовните алатки, се почесто ги користиме социјалните мрежи, ги поедноставуваме информациите, користиме алатки за визуелизација. Народната банка го засили присуството на социјалните медиуми[2] и воедно го подобри квалитетот на објавите. На една од овие мрежи којашто најмногу се користи, од 2018 до 2022 година има зголемување од 23,4% на објавените постови на профилот на Народната банка. Со цел пренесување на активностите на Народната банка преку овие канали на комуникација, наменети за широката јавност, значително е поедноставен јазикот и концептот на содржината. Започнавме и со користење на дизајнирани илустрации со цел поттикнување на интеракција на публиката со објавите.
Oчигледно е дека централните банки постојано работат на зголемување на својата транспарентност и промени во комуникацијата. Промени коишто значат не само поголема присутност на централната банка во просторот на информации, туку и промена во квалитетот на комуницирање, прилагодување на комуникацијата на новите бранови на дигитализацијата и се поголемо приближување кон пошироката јавност. Овие чекори се неопходни, во свет во којшто централните банки се соочуваат со деликатни предизвици, проширување на мандатот, промени во инструментите со коишто делуваат на исполнувањето на своите цели. Уште повеќе, пошироката комуникација на централните банки добива на тежина и како неопходна алатка во битката со невистинити и лажни вести, шпекулации, неодговорни изјави коишто можат да го загрозат остварувањето нa целите на централната банка, коишто се јавно добро. За жал, во последниов период кај нас ваквите шпекулативни и неодговорни напади и изјави се многу чести, нанесувајќи општествена штета и подривајќи ги темелите на некои прашања за коишто треба да имаме општествен и професионален консензус.
Оттаму и потребата освен до традиционалните целни групи и преку традиционалните канали, да се направи поголем исчекор и да се праќаат пораки кои се блиски, разбирливи и најважно од се релевантни за широката јавност. Во секој случај, независно од начинот на комуникација останува потребата пораките да се јасни, конзистентни и транспарентни. Само на таков начин можеме да имаме ефективна комуникација, да управуваме соодветно со очекувањата и да ги остваруваме своите цели бидејќи, како што посочува Michael Woodford - “For not only do expectations about policy matter, […]but very little else matters”.
[1] Dincer/Eichengreen/Geraats revised Central Bank Transparency Data Set for 1998-2019, март 2022 година.
[2] Народната банка е присутна на социјалните медиуми како Фејсбук, Твитер и Јутјуб од 2016 година и Инстаграм од 2019 година.
Скопје, 29 декември, 2022 година