1) Шведската централна банка е најстарата централна банка во светот. Што е она што е суштински непроменето во централното банкарство низ повеќе од три века?
Постојат неколку сличности помеѓу Шведската централна банка денес и банката основана во 1668, тогаш наречена Банка на државните сталежи (Riksens Ständers Bank). Во тоа време, шведскиот парламент, Риксдагот, бил составен од четири сталежи: благородништво, свештенство, граѓанство и селани.
Една од сличностите е што тогаш, како и денес, банката работела за јавниот интерес, а не за интересите на приватните сопственици. Обете банки, и таа формирана во 1668 и денешната Риксбанка биле основани за унапредување на економската стабилност на земјата. Банката од 1668 година била основана по пропаѓањето на приватната банка „Стокхолмска банка“ (Stockholms Banco), кога Риксдагот настојувал да прерасне во посигурна институција којашто ќе биде одговорна пред јавноста. Денес, Риксбанката е јавна институција одговорна за монетарната политика и за стабилноста на финансискиот систем.
Втората сличност се однесува на улогата на Банката во сферата на парите и плаќањата. Уште во своите почетоци, Банката работела со кредити, депозити и овозможувала плаќања низа целото кралство. Денес, Риксбанката сѐ уште игра важна улога во платниот систем на Шведска и е надлежна за издавањето на националната валута, шведската круна.
Третата сличност е важноста на довербата. Во 1668 година, враќањето на довербата по банкарскиот колапс било едно од најважните прашања. Истото важи и денес: современите централни банки зависат од довербата на јавноста во вредноста на парите и во стабилноста на финансискиот систем.
Четвртата сличност е надзорната улога на Риксдагот. Од самото основање, Банката била ставена под надлежност на Риксдагот, а не под контрола на кралот, што во тоа време претставувало исклучок во Европа. Денес, Риксдагот има посебна уставна улога во однос на Риксбанката. Имено, тој го именува Генералниот совет, којшто, пак, го именува Извршниот одбор, а истовремено ја оценува монетарната политика водена од Риксбанката.
2) Според вас, што претставува најзначајната пресвртница во современото централно банкарство − Големата депресија, инфлацијата во 1970-тите години или поновите кризи?
Речиси е невозможно да се класифицираат овие настани. И Големата депресија, и инфлацијата во 1970-тите години суштински ги видоизменија темелите на монетарната политика на различни начини, што може да биде случај и со скорешните кризи, иако сѐ уште не е јасно на кој начин. Различни режими на монетарната политика се користат за справување со предизвиците што ги носи нивното време.
По Големата депресија, улогата на централните банки значително се промени. Пред 1930-тите години, многу централни банки го сметале зачувувањето на златниот стандард и одржувањето на стабилноста на валутата за своја основна задача. По Големата депресија, тие почнале да преземаат поголема одговорност во однос на целокупната економија вклучувајќи и вработувања, економски раст, стабилност на финансискиот систем и справување со кризи. Во овој период беа развиени или зајакнати многу од функциите што денес ги сметаме за составен дел од централното банкарство: макроекономската стабилизација, соработката со државата во време на криза, надзорот над банкарскиот систем и користењето на каматната стапка како примарен монетарен инструмент.
По инфлациските искуства од 1970-тите години, тежиштето на монетарната политика постепено се помести. Централните банки сѐ повеќе ѝ даваат предност на стабилната инфлација во однос на другите цели, а многу држави им обезбедија поголема независност на своите централни банки во однос на краткорочните политички притисоци. Истовремено, тие сѐ повеќе се фокусираа на јасната комуникација, предвидливоста и зацврстувањето на инфлациските очекувања. Во голема мера, на тој начин работиме и денес.
Сѐ уште не се знае дали изминативе петнаесет години на кризи ќе имаат слични далекусежни последици врз монетарната политика. Моја процена е дека веројатноста е мала. Одржувањето ниска и стабилна инфлација, како и макроекономската и финансиската стабилност се крајните цели на централното банкарство и не верувам дека ќе претрпат суштински промени. Сепак, со текот на времето може да се покаже дека на централните банки им бил доверен или самите презеле премногу широк опсег на одговорности. Доколку се покаже дека е така, можно е постепено намалување на нивните овластувања и цели.
3) Дали централните банки презеле премногу одговорности во споредба со нивните првични овластувања?
На ова прашање не може да се даде едноставен одговор, бидејќи би било погрешно сите централни банки да се оценуваат според исти критериуми. Секоја институција треба да се разгледува поединечно.
Но, општо гледано, треба сериозно да се сфати ризикот од проширување на мисијата, односно ризикот на централните банки да повлекуваат потези што не се во рамките на нивните овластувања. Тој ризик е особено изразен кога нови економски и политички прашања стануваат предмет на јавна расправа. Сепак, тоа не значи дека централните банки треба секогаш да ги одбегнуваат ваквите теми. Честопати постојат оправдани причини да им се посвети внимание. Сѐ зависи од контекстот. Климатските промени се еден добар пример за нешто вакво. Зголемените ризици од екстремни временски појави, меѓу другото, подразбираат повисок ризик од зачестени нарушувања во синџирите на снабдување, како и зголемени ризици во финансискиот систем. Од оваа гледна точка, постојат јасни врски помеѓу монетарната политика и финансиската стабилност коишто ја засегаат Риксбанката. Меѓутоа, Риксбанката не треба да се меша во прашањето дали Шведска треба да инвестира во нуклеарна или во ветерна енергија, ниту, пак, во прашања што го засегаат обемот на обврската за нивно намалување.
Важно е централните банки да не се впуштаат непромислено во овие прашања, туку внимателно да проценат дали тие влегуваат во склопот на нивните законски овластувања и на кој начин.
Една од главните причини зошто треба да се избегнува проширувањето на мисијата е тоа што може да се наруши довербата на јавноста во централната банка и демократската легитимност на нејзината независност. Довербата и поддршката за независност не треба да се земаат здраво за готово. Тие мора постојано да се заслужуваат преку доследно исполнување на мандатот, односно преку извршување на задачите што ѝ се доверени на еден транспарентен, одговорен и решителен начин.
4) По повод одбележувањето 80 години централно банкарство на Народната банка на Република Северна Македонија, која е, според вас, најважната улога на централните банки во одржувањето на довербата и стабилноста во денешното сѐ понеизвесно светско опкружување?
Една од темите за која во последно време многу се зборува е независноста на централната банка, што е можеби најважниот фактор за одржување на довербата и стабилноста во монетарната политика. Во 2025 година, прашањето на независноста на централната банка стана сѐ поактуелно и на меѓународно ниво. Причината поради која спроведувањето на монетарната политика ѝ се доверува на една независна централна банка е тоа што на централните банки коишто носат самостојни одлуки им е полесно да ја задржат инфлацијата на ниско и стабилно ниво на долг рок. Иако независните централни банки во последните децении дадоа значителен придонес ширум светот, постојат и примери на земји во кои владите извршиле силно политичко влијание врз монетарната политика.
Но, дури и во земјите коишто традиционално му придаваат големо значење на одржувањето на независноста на централната банка, политичките притисоци стануваат сѐ почести. Голем дел од дебатата во изминатата година беше посветен на Соединетите Американски Држави, каде што администрацијата вршеше силен притисок врз Федералните резерви за намалување на каматните стапки. Неизвесно е како ќе се развива сето ова во иднина, но очигледно е дека постои стремеж од страна на администрацијата за поголемо политичко влијание врз одлуките на Федералните резерви во областа на монетарната политика.
Независноста на централните банки може да биде ограничена и поради неповолните движења на јавните финансии. Надмоќта на фискалната политика е основниот концепт во овој контекст. Накратко, тоа значи дека фискалната политика, односно одлуките на владата во врска со државните приходи и расходи во практика имаат пресудно влијание врз монетарната политика. Затоа, загрижува фактот што состојбата со јавните финансии во многу земји се влошува. Ова е тренд што трае веќе извесно време и што, според сѐ, уште повеќе се засилува.
Во Шведска постои силна, и правна, и политичка поддршка за Риксбанката за таа да може да носи независни одлуки во областа на монетарната политика, во рамките утврдени од страна на политичкиот систем. Останатите рамки придонесуваат Шведска добро да ги контролира јавните финансии. Од суштинско значење е да се зачува оваа контрола.