
1) Како влијаат одлуките на централната банка врз финансиските одлуки на домаќинствата и компаниите, и воопшто, на нивното секојдневие?
Централнобанкарските одлуки се исклучително важни бидејќи тие се ’рбетот на системот на пари во една економија. Монетарната политика е можеби најдобриот пример за ова, бидејќи каматните стапки што ги одредуваме постепено влијаат на цените на производите коишто комерцијалните банки им ги нудат на домаќинствата и на компаниите. Ова влијае врз тоа колкави хипотеки отплаќаат домаќинствата и колкави приходи остваруваат од заштедите, како и врз трошоците за финансирање на капиталот на компаниите, а оттука, и врз нивните одлуки за инвестирање, вработување и одредување на цените. Овие одлуки понатаму се одразуваат врз растот и работните места.
Политиката за финансиска стабилност, исто така, е клучна за економијата. Без стабилен финансиски систем не можеме да очекуваме одржлив раст. Кога ги согледуваме последиците од глобалната финансиска криза, забележуваме дека недостатокот на финансиска стабилност значи неможност домаќинствата и компаниите да сметаат на достапно финансирање кога имаат потреба од тоа, што пак влијае врз носењето одлуки за инвестирање. Доколку е разнишана довербата кај депозитните институции, средствата што се насочуваат низ банкарскиот систем кон кредити коишто го придвижуваат растот, може да бидат пренасочени на друго место.
Така, централните банки сѐ повеќе ја имаат централната улога во олеснувањето на движењето на парите низ економијата. Покрај обезбедувањето стабилна физичка валута, централните банки се фокусирани и на иновации во дигиталните платни системи со цел создавање пофлексибилни, побрзи и поевтини начини на пренос на парите во земјата и во странство.
Сите овие функции се од суштинско значење за една ефикасна и динамична економија.
2) Во време кога Народната банка на Република Северна Македонија одбележува 80 години централно банкарство, која е најважната улога на централните банки во одржувањето на довербата и стабилноста во денешната неизвесност?
Најнапред, дозволете ми да упатам честитки до Народната банка на Република Северна Македонија по повод 80-годишнината! Ваквите годишнини се потсетник дека централното банкарство се темели врз јавната доверба, нешто што се стекнува со текот на времето и коешто најчесто е ставено на испит во најтешките моменти.
Во суштина, улогата на една централна банка е да ја зачува вредноста на парите. На луѓето им е потребно уверување дека парите ќе ја задржат својата вредност и дека ќе можат да ги користат безбедно и ефикасно во секојдневните трансакции. Токму затоа, ние носиме политика за одржување на финансиската стабилност со цел да ја заштитиме номиналната вредност на парите, и токму затоа ја насочуваме монетарната политика кон ценовната стабилност за да не се поткопуваат реалните приходи, а компаниите да можат да инвестираат со сигурност.
Јасните надлежности, оперативната независност и отворената отчетност им помагаат на централните банки да ги донесат потребните одлуки во исполнувањето на нивните цели, дури и кога таквите одлуки не се лесни на краток рок.
Според мене, ова сидро, вредноста на парите, на најсоодветен начин објаснува зошто е толку важна независноста на централното банкарство и зошто таа мора да се заштити.
3) Како се справи Банката на Англија со последната инфлациска епизода? Дали се подготвени централните банки да издржат поголема нестабилност?
Неодамнешното искуство во Обединетото Кралство во најголема мера беше последица на големите надворешни шокови, поврзани со енергијата и синџирите на снабдување. За жал, овие епизоди потсетуваат на свет кој е сѐ понестабилен, понеизвесен, покомплексен и двосмислен. Непосредните ефекти од ваквите шокови се највидливи кај најважните трошоци кои ги сносат домаќинствата, како што се храната и горивата. Но, ризиците стануваат поголеми и подолготрајни кога повисоките трошоци влијаат врз останатите цени и врз платите, а инфлациските очекувања се нагорни. Затоа, задачата на монетарната политика е да ги процени не само директните влијанија на шокот туку и веројатноста за трајните последици од него. Само тогаш може да процениме дали инфлацијата повторно се враќа кон целната, имајќи предвид дека политиката има маани и дека не треба да се третира секој шок на ист начин.
При справувањето со последниот шок, главниот фокус на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија беше спречување на секундарните ефекти и зачувување на инфлациските очекувања. Тоа бара носење одлуки засновани врз широк обем на податоци, а не само врз основа на еден показател: земајќи ги предвид инфлацијата и платите, побарувачката и капацитетот, анкетните мерења и податоците генерирани со ВИ, како и процена на финансиските услови. Исто така, потребна е и јасна комуникација во врска со сето она што носи несигурност и бара компромиси. Во поново време поголем акцент ставивме на надополнувањето на основната прогноза со сценарија и анализи на ризиците, токму затоа што неизвесноста и нестабилноста станаа главните одлики на опкружувањето.
Дали се подготвени централните банки за уште понестабилен свет? Дефинитивно, многу научивме од сето ова. Нашиот пристап кон монетарната политика се разви како што појаснив погоре, и ние имаме корист од еден поотпорен финансиски систем кој треба да ги ублажува, а не да ги засилува шоковите. Но, подготвеноста зависи од постојаното подобрување на анкетите, преиспитувањето на нашето размислување во однос на различни сценарија и одржување на довербата и легитимноста.
Последниот елемент е клучен: нашата способност да ја извршуваме нашата работа зависи од цврстото потпирање врз доверба во вредноста на парите и во институциите задолжени за нејзиното зачувување.