Треба внимателно и долгорочно да се планира развојот на градот
Иако во Скопје има работи кои не и се допаѓаат, за гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, тоа е местото каде што се чувствува среќна.
Кога ќе кажете „Скопје”, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Уште од детството, кога ќе кажам „Скопје”, пред мене се нижат слики од Камениот мост, од уличките во Старата чаршија и од панорамскиот поглед кон градот од дворот на манастирот „Св. Пантелејмон”. Асоцијација за Скопје секогаш ќе ми бидат и слики од кошаркарските игралишта на ОУ „Крсте Петков-Мисирков”. Во раната младост, таму со моето друштво речиси секојдневно се собиравме.
Неретко во мислите ми доаѓаат и слики од МКЦ, како и од „Бони”, „Ани”, „Кристијан”, „Хард рок” и „Мусандра” – дел од локациите на урбаната култура на мојата младост. Кога сум на пат, помислата за Скопје е и помисла на семејството, на домот… па тогаш во мене се јавуваат и слики од семејните моменти на Водно, на Матка, во Градскиот парк… Сликите на маглите и загаденоста на воздухот не дозволувам да ги замаглат убавите слики од гра¬дот коишто секогаш ги носам во себе.
Кое Скопје го сакате повеќе: ова сега или тоа од порано?
– Едноставно, го сакам Скопје – љубовта за својот град не можам да ја делам или градирам според временски периоди. Негов составен дел се многу нешта со коишто доживотно се врзуваме. И порано имало и сега има и нешта коишто не ми се допаѓаат или за коишто мислам дека би требале поинаку да изгледаат – меѓу другото несоодветната инфраструктура, недоволната хигиена и загаденоста на воздухот. Но, тоа не може да биде причина во одреден момент својот град да го сакам повеќе или помалку. Родена сум и дел од детството поминав во Гетеборг, две години живеев во Вашингтон, докторирав во Љубљана, но никаде не се чувствувам толку своја и среќна како овде. Скопје е и секогаш ќе биде синоним за мојот дом.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Никогаш не може да се рече дека одредено ниво на посветеност и на (себе)вложување е доволно кога се работи за својот град. Секогаш на градот може и треба да му се даде повеќе и од граѓаните, и од институциите, и од градоначалниците.
Клучно е напорите да се насочат кон зголемување на квалитетот на животот на граѓаните кон обезбедување здрава животна средина, но и поквалитетно ниво на услуги од институциите, во сите сфери на живеењето, особено во сферата на образованието и здравството, коишто се движечка сила за долгорочен раст на економиите.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Се трудам да бидам совесен граѓанин, одговорно да се однесувам со животната средина и да ги почитувам правилата на културата на живеење во урбан простор. Настојувам љубовта кон Скопје да им ја пренесам и на моите деца. Како гувернерка, мошне често кога не посетуваат претставници на странски централни банки или на меѓународни институции, инсистирам да им претставиме дел од културното наследство на нашиот град, со надеж дека потоа и тие ќе го афирмираат Скопје ширум светот.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Листата на работи коишто ме прават горда на Скопје не е мала. Но, ако го обединам тоа што го има на таа листа, единствениот одговор е дека се гордеам со сето она што го сочинува духот на Скопје. А голем дел од духот на еден град му го даваат неговите граѓани.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје е отворен град… Секогаш треба внимателно и долгорочно да се планира неговиот развој севкупната инфраструктура да соодветствува и на бројноста и на потребите на граѓаните, согласно со стандардите за живеење во современите урбани центри, како и за заштита на животната средина. Ова важи како за централното јадро, така и за сите други делови на градот.
Во какво Скопје сакате да живеете?
– Во Скопје „паметен град” со повеќе зеленило, со чист воздух, со поголем фокус на обновливи извори на енергија, услуги за граѓаните базирани врз современи технологии, како и град со развиена економска активност која ќе значи повисок животен стандард и повеќе насмеани и среќни лица кои својата иднина ќе ја гледаат тука.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– На Скопје му се потребни повеќе зеленило, повеќе пешачки и велосипедски патеки, чист воздух и поголема организираност и култура во сообраќајот…. Неопходно е да бидеме град на еколошки јавен превоз што ќе биде адекватен на потребите на скопјани. Потребни ни се и повеќе места за спорт и рекреација во јавниот простор, бидејќи постојните чинам дека се малку за да бидат доволни за бројот на жители на градот. Посакувам да има и повеќе простори за дружба и игра на најмладите на отворено. На листата на нешта коишто кога би можела би ги изоставила од Скопје, меѓу првите се загаденоста на воздухот, маглите и сообраќајниот метеж.
Интервју на гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, за неделникот „Скопско ехо“
Фото: Народна банка