Годинава очекуваме повисок економски раст
Годинава очекуваме повисок економски раст
Напомена: Ова е електронска верзија од интервјуто со гувернерката Анита Ангеловска Бежоска кое е објавено во февруарскиот број на „Економија и бизнис“, отпечатен на 29.01.2019 година и дистрибуиран на 01 февруари 2019 година.
Да започнеме со една од оние работи што најмногу ги интересираат граѓаните и компаниите – девизниот курс на денарот во однос на еврото. На девизниот пазар работите изгледаат мирно и довербата силна. Како ги оценувате евентуалните последици од можен поголем одлив на девизи од земјава преку исплата на дивиденда и големите износи што треба да ги плати земјава за враќање долг кон странство од 2020 година натаму?
А. А. Бежоска: Да, состојбата во домашната економија тековно е поволна, при низок и стабилен раст на општото ниво на цени, постепено закрепнување на економската активност, раст на депозитите и особено поволни движења на девизниот пазар кои овозможуваат висок раст на девизните резерви, што упатува на зајакнување на довербата на економските субјекти, при здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи. Сo нашиот последен циклус проекции, слични поволни движења се проектирани и на среден рок.
Во контекст на Вашето прашање, во октомвриската макроекономска рамка на НБРМ се вградени сите очекувани финансиски приливи и одливи, од кои еден дел се извесни и познати, како на пример, поголемите исплати на јавниот долг во следниот период, а се предвидува и одреден износ на исплата на дивиденди. И по вградувањето на овие претпоставки, макроекономската слика останува стабилна, со проектирана надворешна позиција на економијата и однесување на економските субјекти, кои ќе овозможат натамошен раст на девизните резерви на среден рок. Како резултат на тоа, тие ќе се одржат во сигурната зона, овозможувајќи во просек околу четиримесечна покриеност на увозот на стоки и услуги, на тој начин давајќи ја потребната поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Секогаш постојат ризици во однос на неисполнување на претпоставките, но затоа ние редовно ги следиме и ги оценуваме случувањата и трендовите во економијата и окружувањето и секогаш кога е потребно, соодветно постапуваме.

ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО БИ ТРЕБАЛО ДА ГО НАМАЛИ РИЗИКОТ ОД ПОЛИТИЧКА НЕИЗВЕСНОСТ И НЕПРЕДВИДЛИВОСТ И СО ТОА ДА ЈА НАМАЛИ ПРЕМИЈАТА ЗА РИЗИК НА ЗЕМЈАВА. ТАКВИТЕ УСЛОВИ БИ ТРЕБАЛО ДА СТИМУЛИРААТ ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРИЛИВ НА ИНВЕСТИЦИИ, КАКО ШТО ВПРОЧЕМ ПОКАЖУВААТ И ИСКУСТВАТА НА ДРУГИТЕ ЕКОНОМИИ КОИ ПОМИНАЛЕ НИЗ ОВОЈ ПРОЦЕС
Важен процес што влијае во насока на сочувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото е т.н. денаризација за која се залага Народна банка. Кажете ни нешто повеќе за тоа.
А. А. Бежоска: За сите централни банки, особено за оние коишто применуваат стратегија на фиксен девизен курс, довербата на населението и компаниите во домашната валута е од исклучителна важност за остварување на нивнитецели. Оттука и за нас, од исклучителна важност е довербата во денарот, за која еден од клучните показатели е валутната структура на депозитната база. Од средината на 2009 година до крајот на 2015 година беше присутен тренд на интензивна денаризација на двете страни на билансот на банките. Во тој период, учеството на депозитите со валутна компонента во вкупните депозити се намали за околу 18 процентни поени, а на кредитите со валутна компонента во вкупните кредити за околу 11 процентни поени. Имајќи предвид дека евроизацијата е долготраен и постојан феномен и кај нас, ова го сметаме за значајно достигнување. Сепак, неизвесноста во однос на политичката состојба во текот на вториот квартал од 2016 година доведе до извесен прекин на овој позитивен тренд, но поновите податоци укажуваат на позитивни придвижувања во овој сегмент. Имено, во декември минатата година, учеството на депозитите со валутна компонента во вкупните депозити изнесуваше 40% наспроти 59% во јуни 2009 година, што покажува дека придобивките од неколкугодишниот процес на де-евроизација се задржани и покрај надворешните и внатрешните шокови.
НБРМ значајно го поддржа процесот на денаризација, главно преку промени кај задолжителната резерва, преку намалување на стапките за денарските депозити, а зголемување на оние за девизните депозити и за депозитите со валутна клаузула. Согласно со препораките во евроинтегративниот процес, со цел натамошно јакнење на довербата во денарот, како поддршка на монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс, како и на натамошно одржување на финансиската стабилност, во соработка со Министерството за финансии подготвивме и Стратегија за де-евроизација, која беше усвоена на крајот на минатата година.
Веројатно за стабилноста на девизниот курс би помогнал и позначаен прилив на странски директни инвестиции во земјава, по теркот како што беше случај со другите земји по влезот во НАТО. Какви се сознанијата за тоа?
А. А. Бежоска: Примарниот мотив за членство во НАТО е од одбранбен и политички карактер, но постојат и важни економски аспекти коишто произлегуваат од влезот во Алијансата. Членството во НАТО би требало да го намали ризикот од политичка неизвесност и непредвидливост и со тоа да ја намали премијата за ризик на земјава. Таквите услови би требало да стимулираат дополнителен прилив на инвестиции, како што впрочем покажуваат и искуствата на другите економии кои поминале низ овој процес. Но, треба да имаме предвид дека сега, глобалното окружување е значително поразлично во споредба со преткризниот период, кога во Алијансата пристапија поголем дел од земјите од ЦИЈИЕ. Тој период беше исклучително поволен на глобален економски план и се карактеризираше со висока ликвидност и значајни финансиски приливи во регионот, во услови на поголема склоност за преземање ризици од страна на инвеститорите. Воедно, во тој период, голем дел од тие земји активно ја спроведуваа својата реформска агенда за приклучување кон ЕУ, што значеше и спроведување на коренити структурни и институционални реформи, како битен импулс за прилив на странски капитал.
Многу важен елемент за сочувување на макроекономската стабилност, а со тоа и на девизниот курс на целното ниво, е координацијата на монетарната и на фискалната политика. Како ја оценувате постојната ситуација?
А. А. Бежоска: Нашите оцени покажуваат дека континуирано, монетарната и фискалната политика делуваат координирано, во функција на одржување на стабилноста на девизниот курс, а со тоа, и на вкупната макроекономска стабилност. Исклучок се периоди на поголеми шокови, како што беше периодот на глобалната криза. Дисциплинираната фискална политика видлива преку ниските буџетски дефицити и ниското ниво на јавен долг во преткризниот период овозможи значајно олабавување на монетарната политика. Со отпочнување на кризата во 2008 година, политиките беа дивергентни, односно фискалната политика примарно делуваше во насока на ублажување на ефектите врз реалниот сектор, додека монетарната политика беше затегната со цел стабилизирање на девизниот пазар и на притисоците врз курсот. Потоа, иако фискалните дефицити се одржуваа на повисоко ниво, сепак беа умерени, што овозможи, во комбинација со солидните приливи од билансот на плаќања, спроведување приспособлива монетарна политика. Во претстојниот период, клучна ќе биде постепената консолидација на јавните финансии, што ќе овозможи и поповолен амбиент за монетарната политика.
Едно од најголемите достигнувања на Народна банка во последните 20-тина години, е одржувањето на стабилноста на цените. Речиси никој веќе не зборува за инфлација, што значи дека и инфлаторните очекувања се потиснати. Што да очекуваме годинава во поглед на движењето на цените?
А. А. Бежоска: Согласно со нашите октомвриски проекции, на среден рок очекуваме инфлацијата да гравитира околу историскиот просек од 2%. Во овие наши проекции, вклучени се претпоставки за идното движење на цените на примарните производи кои се битни за домашната инфлација, како и претпоставки за странската ефективна инфлација. Секако, битни во овој контекст се и претпоставките за продолжување на досегашниот умерен раст на домашната побарувачка, кој како и досега, не се очекува да создаде поголем притисок врз општото ниво на цените. Несомнено, во последниов период е присутна исклучително голема променливост на очекувањата за светските цени на примарните производи, што секако, создава одредена неизвесност и за нашите проекции. Но, во моментов нема простор за загриженост.

АДЕКВАТНОСТА НА КАПИТАЛОТ НА БАНКИТЕ ПОСТОЈАНО СЕ ОДРЖУВА НА НИВО КОЕШТО Е ДВОЈНО ПОВИСОКО ОД ЗАКОНСКИОТ МИНИМУМ И ВО ПОСЛЕДНИОВ ПЕРИОД ИЗНЕСУВА ОКОЛУ 16%, ДОДЕКА ЛИКВИДНОСТА НА БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ Е СТАБИЛНА СО УЧЕСТВО НА ЛИКВИДНАТА ВО ВКУПНАТА АКТИВА ОД ОКОЛУ 30%. ОЧЕКУВАМ БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ ДА ОСТАНЕ СТАБИЛЕН И СИГУРЕН И ВО НАТАМОШНИОТ ПЕРИОД, ОБЕЗБЕДУВАЈЌИ СОЛИДНА ПОДДРШКА ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ
Проекциите на Народна банка имаат најголема репутација во земјава, бидејќи низ годините се покажале како најточни. Што покажуваат за годинава во однос на клучните макроекономски параметри? Од каде очекувате да дојде економскиот раст во 2019 година?
А. А. Бежоска: Како што веќе ѝ соопштивме на јавноста, според нашите проекции, годинава економскиот раст ќе забрза на 3,5%. Ваквите оцени претпоставуваат поволно надворешно окружување и стабилен домашен политички контекст, а очекуваме главните импулси врз растот да дојдат од активностите на капацитетите со странски капитал ориентирани кон извоз, понатамошниот солиден прилив на нови странски инвестиции, јавните инвестиции во патната инфраструктура чијашто динамика се очекува да забрза, како и од растот на расположливиот доход и кредитната поддршка од банките.
Имајќи го предвид ова, очекуваме дека извозот на стоки и услуги ќе има највисок позитивен придонес кон растот во 2019 година, кој дополнително ќе биде поддржан и од инвестициската активност. Очекуваме и натамошен раст на личната потрошувачка, поддржан од порастот на платите и вработеноста во приватниот сектор, но и од кредитната поддршка од страна на банките. Растот на домашната побарувачка и извозот секако ќе доведат и до повисок увоз, но се оценува дека зголемувањето на увозот ќе биде во склад со фундаментите и нема да доведе до нарушување на надворешната рамнотежа.
Истовремено, според нашите проекции, кредитната активност на банкарскиот сектор ќе биде важен фактор на поддршка на економскиот раст. Во услови на проектиран солиден раст на депозитниот потенцијал на банките и зголемување на штедењето, при адекватна капитална и ликвидносна позиција на банките, годинава се очекува пораст на кредитирањето од околу 8%.
Какви се очекувањата во поглед на движењето на каматните стапки? Искусни банкари, неодамна, како дел од една наша анкета за очекувањата за 2019 година, најавија дека македонската економија треба да се подготвува за повисоки каматни стапки.
А. А. Бежоска: Дали и со кое темпо и интензитет би се менувале каматните стапки, тешко е да се каже со целосна сигурност. Евентуалните натамошни промени би биле одраз на повеќе фактори – конкуренцијата во банкарскиот сектор, поставеноста на монетарната политика, согледувањата за ризиците и состојбите во реалниот сектор, како и промените на каматните стапки на глобалниот пазар на капитал. Во глобални рамки, секако се очекува отпочнување на циклус на раст на каматните стапки. Овој циклус започна во САД, но не и во европската економија, која за нас има поголемо значење. Првото зголемување на каматата на ЕЦБ не се очекува пред крајот на летото, но со оглед на сегашните сигнали за послабо закрепнување на европската економија, не е исклучено пролонгорање на приспособувањето. Во секој случај, растот на каматите во еврозоната, сигурно ќе биде постепен и нема веднаш да создаде притисоци за раст на каматите кај нас. Исто така, доколку домашните околности се поволни и премијата за ризик ќе биде помала, а со тоа ќе се пролонгира периодот за зголемување на каматните стапки во македонската економија.
Либерализацијата на капиталната и финансиската сметка на билансот на плаќање е тема што долго време привлекува внимание во јавноста. Што би значел тој потег, има ли план и временска рамка за такво нешто?
А. А. Бежоска: Со потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, нашата земја се обврза на почитување на едно од основните начела врз кои се заснова единствениот пазар на Унијата, а тоа е слободното движење на капиталот, што подразбира целосно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.
Најголем дел од капиталните трансакции, како што се кредитните работи, странските директни инвестиции, вложувањата на нерезиденти во хартии од вредност и вложувањата во недвижности, веќе се либерализирани. По влегувањето во втората фаза од Спогодбата, кое според нашите информации ќе се случи наскоро, процесот на либерализација ќе продолжи. Притоа, ќе им се даде можност на сите резиденти да инвестираат во хартии од вредност во странство, ќе се либерализира издавањето и воведувањето хартии од вредност во странство и документи за учество во резидентните инвестициски фондови во странство, како и издавањето странски должнички хартии од вредност со рок на достасување над три години. По завршувањето на втората фаза, резидентите ќе можат и слободно да отвораат и да имаат сметки во странство, како последен чекор во либерализацијата на капиталните текови.
Потенцијалните ефекти од ваквата либерализација, тешко е да се квантифицираат однапред. Во основа, таа ќе им отвори поголеми можности на домашните економски субјекти да инвестираат надвор од земјава преку повеќе достапни опции, како и можност за штедење и во некоја странска банка или друга депозитна финансиска институција. Во колкав обем ќе бидат исползувани овие можности ќе зависи од индивидуалните преференции и одлуки за инвестирање, поврзани со согледувањата за потенцијалните приноси, но и за ризикот, како и од низа други економски фактори во земјава и во странство во идниот период. Од друга страна, треба да се има предвид и фактот дека со напредокот на нашата земја во евроинтегративните процеси ќе се зголемуваат и можностите за поголеми капитални приливи во нашата економија.
Каква е вашата оцена за состојбите во банкарскиот систем на нашата земја?
А. А. Бежоска: Банкарскиот систем е стабилен, со висока капитализираност и адекватна ликвидност. Поконкретно, адекватноста на капиталот на банките постојано се одржува на ниво коешто е двојно повисоко од законскиот минимум и во последниов период изнесува околу 16%, додека ликвидноста на банкарскиот систем е стабилна со учество на ликвидната во вкупната актива од околу 30%.Квалитетот на кредитното портфолио на банките континуирано се подобрува, што може да се согледа преку сѐ помалото учество на нефункционалните во вкупните кредити и високата покриеност на овие кредити со исправка на вредноста.Очекувам банкарскиот систем да остане стабилен и сигурен и во натамошниот период, обезбедувајќи солидна поддршка за економскиот раст.

ОКРУПНУВАЊЕ НА БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ БИ ЗНАЧЕЛО И ЕФЕКТИВНО НАТАМОШНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОНКУРЕНЦИЈАТА, ШТО БИ ТРЕБАЛО ДА ДОВЕДЕ И ДО ПРОШИРУВАЊЕ НА ЛЕПЕЗАТА ПРОИЗВОДИ КОИШТО ГИ НУДАТ БАНКИТЕ, А ПОД КОНКУРЕНТНИ УСЛОВИ
Одамна се зборува за потребата од намалување на бројот на банки во земјава по пат на спојување и припојување, за што во неколку наврати зборуваше и претходниот гувернер Богов. Го споделувате ли тоа гледиште? Какви се изгледите да се случи таква консолидација во банкарскиот сектор?
А. А. Бежоска: Изминатиов период во повеќе наврати и јас го потенцирав позитивниот став за потребата од поголема консолидација на домашниот банкарски систем. Тоа е став на НБРМ, кој постојано го споделуваме и со јавноста, бидејќи цениме дека меѓу другото, окрупнување на банкарскиот систем би значело и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата, што би требало да доведе и до проширување на лепезата производи коишто ги нудат банките, а под конкурентни услови.
Меѓу другото, Народна банка ја анализира и финансиската стабилност во земјата. Какви се оцените на тој план?
А. А. Бежоска: Според нашите прелиминарни оцени, финансиската стабилност се одржа и во 2018 година и не постојат поголеми ризици коишто би можеле да влијаат таа да се наруши. Релативно едноставната структура на финансискиот систем, скромната поврзаност на активностите на одделните сегменти и отсуството на сложени финансиски инструменти се главните фактори за малиот системски ризик и малата опасност за прелевање на ризиците помеѓу одделните сектори. Клучна алка од која во најголема мера зависи финансиската стабилност е банкарскиот систем, како поради неговата големина со која зафаќа нешто повеќе од 80% од средствата на финансискиот систем, така и поради фактот што банките претставуваат една од главните инвестициски алтернативи за небанкарските финансиски институции за нефинансискиот сектор. Тој ја одржа својата стабилност и минатата година. Показателите за неговата изложеност на ризици бележат подобрување, а стрес-тестовите упатуваат на негова отпорност на шокови.
Потенцијални ризици од домашното и надворешно окружување секогаш постојат, но НБРМ внимателно ги следи случувањата и секогаш е подготвена да преземе соодветни мерки и активности ако тоа е потребно.
Пред неколку години, претходната влада промовираше во јавноста идеја преку соодветни поволности да се стимулира влезот на глобални финансиски играчи во земјава и нејзино етаблирање како регионален финансиски центар. Дали е ова сѐ уште актуелна идеја? Каков е Вашиот став?
А. А. Бежоска: Да, во 2014 година претходната влада ја преточи оваа идеја во предлог-измени на Уставот на Република Македонија, со кои се предвидуваше основање меѓународна финансиска зона на територијата на земјава, со цел поттикнување на развојот на финансиските услуги преку создавање услови за привлекување меѓународни финансиски трговски друштва.
Не сум запознаена дали оваа идеја е актуелна и кај сегашната влада, меѓутоа би посочила дека пред евентуално повторно разгледување на оваа можност, треба да се направи внимателна и детална анализа на ефективноста и на потенцијалните влијанија од една ваква зона врз домашната економија, со вклучување на сите релевантни субјекти.
Еден од клучните столбови за успешно функционирање на Народната банка е одржување на нејзината финансиска независност. Како стојат работите во тој поглед? Растот на каматните стапки во светот ќе ги зголеми приходите врз основа на девизните резерви.
А. А. Бежоска: Концептот на независност на централните банки, односно независноста на монетарната од фискалната политика, веќе е апсолвирано прашање на меѓународен план. Финансиската независност е еден од столбовите на севкупната уставно и законски гарантирана независност и самостојност на НБРМ, која е и неопходна за извршување на нејзините цели и задачи. Впрочем, Законот за НБРМ, во кој прецизно е дефинирана самостојноста и независноста на нашата институција, е подготвен во соработка со ММФ, а нацрт-текстот беше разгледан и од страна на ЕЦБ и ЕК, чиишто забелешки беа вградени во финалната верзија на актот. Тоа е уште една потврда дека поставеноста на НБРМ во правниот систем на државава е во духот на европските и меѓународните практики.
Имајќи ја предвид структурата на билансот на НБРМ, која во голема мера е детерминирана од избраната монетарна стратегија, каматните стапки на глобалните финансиски пазари се значајна варијабла која ги детерминира приходите врз основа на управувањето со девизните резерви. Затоа, со право посочувате дека растот на каматните стапки во глобални рамки ќе има позитивен ефект врз приходите и вкупниот биланс на централната банка.
Имајќи ја предвид последната промена на Уставот, ќе треба ли да се препечатат книжните пари и да се исковаат нови монети? Колку би чинела таквата операција?
А. А. Бежоска: НБРМ ќе направи подетални анализи со цел јасно дефинирање на нашите обврски коишто би произлегле од тоа. Пред спроведувањето на анализите не би можеле да ја имаме целосната слика, која ни е неопходна за да можеме да имаме и поткрепени одговори на овие прашања. Мора да се има предвид дека сите одлуки во врска со книжните и кованите пари на земјава ги носи Советот на НБРМ. Откако ќе се завршат анализите, ваквите прашања прво мора да ги разгледа и да ги дискутира највисокото одлучувачко тело на централната банка.
Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2019 година)
Интервју на гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, за „Економија и бизнис“ ǀ http://ekonomijaibiznis.mk/
Фото: Економија и бизнис