1. Зошто независноста на централната банка станува сè поважно глобално прашање денес?
Искуството од различни земји покажува дека независните централни банки се во подобра положба да ја зачуваат ценовната стабилност, да одржуваат стабилни инфлациски очекувања и одлучно да одговорат на економските шокови. Независноста е особено важна во денешното окружување, кое се карактеризира со зголемена неизвесност, висок јавен долг, геополитичка фрагментација и брзи технолошки промени. Сите овие фактори можат да придонесат за поголема нестабилност на инфлацијата и да наметнат сложени компромиси во носењето на политиките, со цел да се зачува среднорочната макроекономска стабилност.
Последните неколку години ни дадоа јасна поука во овој поглед. По пандемијата, независните централни банки реагираа решително со заострување на монетарната политика во услови на инфлација која достигна нивоа невидени со децении. Кредибилните монетарни рамки придонесоа за релативно добра стабилност на очекувањата. Тоа овозможи заострувањето на монетарната политика да придонесе за намалување на инфлацијата, истовремено ограничувајќи ги економските и социјалните трошоци.
Независноста не значи дека централните банки се над демократските институции. Напротив, таа подразбира дека во рамките на јасно дефиниран законски мандат утврден од избраните власти, централните банки имаат автономија — институционална, функционална, финансиска и лична — да ги носат своите одлуки врз основа на податоци, професионална анализа и стручна проценка. На тој начин, монетарната политика се заштитува од изборни циклуси и влијанието на различни интереси.
Сепак, независноста мора да оди рака под рака со цврстото управување, транспарентноста, отчетноста и јасната комуникација за јавноста да разбере како и на кој начин одлуките за монетарната политика придонесуваат за остварувањето на законски утврдените цели на централната банка. Во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, како што е Северна Македонија, довербата во монетарните и финансиските институции има клучна улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, како и во создавањето услови за одржлив економски раст. Во изминатите години, Народната банка на Република Северна Македонија континуирано ги зајакнуваше своите рамки за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, истовремено задржувајќи јасен и доследен фокус на исполнувањето на својот мандат. Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност.
2. Кои се главните ризици во случај кога одлуките за монетарната политика стануваат предмет на политички притисоци?
Кога одлуките за монетарната политика се изложени на политички притисоци, постои ризик фокусот да се оддалечи од основната цел — зачувување на ценовната и финансиската стабилност. На пример, може да се појави притисок каматните стапки да се одржуваат на пониско ниво од она што централната банка го смета за соодветно според нејзиниот мандат за ценовна и финансиска стабилност. Таквиот пристап може да доведе до повисока и подолготрајна инфлација, недоволно добро закотвени инфлациски очекувања, повисоки премии за ризик, девизни притисоци и послаба инвестициска активност. Притоа, последиците од повисоката инфлација најчесто најсилно ги чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.
Политичкото влијание може да ја наруши и кредибилноста на централната банка. Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа се намалува и ефикасноста на монетарната политика. Во такви околности, за да се врати довербата во посветеноста на централната банка кон инфлациска стабилност, може да биде потребно поголемо монетарно затегнување, со потенцијално поголеми трошоци за економската активност и вработеноста.
Политичките притисоци може да бидат директни и да се манифестираат преку јавни барања за одржување ниски каматни стапки и во услови на зголемена инфлација, но и индиректни, односно преку обиди за влијание врз именувањето или разрешувањето на раководните лица во централната банка или преку ограничување на финансиите потребни за нејзиното оперативно функционирање.
Токму затоа, во многу земји независноста на централната банка е јасно утврдена во посебна законска рамка, а во одредени случаи и во уставот. Целта е да се заштитат правната и оперативната автономија, што подразбира транспарентни процедури за именување на гувернерот и членовите на советот, засновани на стручност и заслуги, финансиска одржливост на институцијата и силни механизми на отчетност.
3. Како можат помалите економии да го зачуваат институционалниот кредибилитет во периоди на несигурност?
За помалите и отворени економии, институционалниот кредибилитет е особено важен во периоди на зголемена неизвесност и надворешни шокови, како што се нестабилните цени на примарните производи или промените во условите за надворешно финансирање. Кога институциите уживаат доверба поради својата јасна и доследна посветеност на ценовната и финансиската стабилност, тие се во подобра позиција да ги ублажат ефектите од ваквите шокови.
Првиот услов е централната банка да има јасно дефиниран мандат, поткрепен со кохерентна рамка на политики, оперативна автономија и соодветни инструменти за негово остварување.
Второ, политиките и одлуките мора да бидат доследни со текот на времето и јасно обелоднети на јавноста и пазарите. Кога одлуките се добро објаснети, очекувањата полесно се закотвуваат и се зајакнува довербата. Тоа е особено важно во моменти кога централната банка мора да носи тешки одлуки, кои можат да создадат краткорочни трошоци за економската активност, но се неопходни за остварување на нејзиниот мандат за ценовна и финансиска стабилност.
Трето, институционалниот кредибилитет бара цврсти правни основи и добро управување, но и соодветни механизми на транспарентност и отчетност, квалитетни податоци, како и стручен и професионален кадар.
На крајот, макроекономските политики треба меѓусебно да се надополнуваат и поддржуваат. Внимателната фискална политика ги олеснува условите за остварување на монетарните цели, додека отпорен и добро регулиран финансиски систем создава поголем простор за ефикасно спроведување на монетарната политика. Истовремено, силните институции и стабилната инфлација, исто така, придонесуваат за макроекономската стабилност и за намалување на премиите за ризик и на трошоците за задолжување на државата. Искуството на Северна Македонија, како и на другите економии во регионот, покажува дека здравите институционални рамки, институционалниот континуитет и одлучната реакција на шоковите се основата врз која се гради довербата, особено во услови на големи шокови.
4. Каква улога можат да играат меѓународните институции како ММФ во поддршката на силните и независни централни банки?
ММФ има важна и долгогодишна улога во поддршката на централните банки преку совети за политиките, техничката помош и истражувањето.
Како прво, ММФ им дава совети на земјите членки за политиките во монетарниот и финансискиот сектор, врз основа на анализа на економските и финансиските услови, но и на искуствата од други земји. Таквите совети им помагаат на централните банки да ја зајакнат отпорноста, подобро да ги препознаат и да се справат со слабостите, и да придонесат кон поголема макроекономска стабилност.
Второ, ММФ обезбедува приспособена техничка помош и поддршка за развој на капацитетите во многу области. Тука спаѓаат институционалното управување и правната рамка на централната банка, рамките и операциите на монетарната политика, управувањето со девизните резерви, супервизијата, статистиката, комуникацијата и управувањето со ризиците. Важен дел од оваа поддршка се и обуката на кадарот, размената на искуства и учењето од практиките на други централни банки.
На крајот, ММФ преку своите истражувања придонесува кон утврдување на добрите меѓународни практики во централното банкарство. Тие опфаќаат прашања поврзани со мандатот на централните банки, автономијата во донесувањето одлуки, финансиските и буџетските аранжмани, управувањето и отчетноста. Во овој контекст, особено значаен е Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, кој обезбедува рамка за транспарентност. Одличните резултати на Северна Македонија се позитивен пример. Северна Македонија беше меѓу првите земји во кои беше спроведена проценка според Кодексот. Проценката покажа дека Народната банка веќе применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста. Истовремено, процесот помогна да се воведат дополнителни реформи насочени кон натамошно зајакнување на кредибилитетот на централната банка и нејзината соработка со другите засегнати страни.