
1. Колку беше важно усогласувањето со Европската централна банка за финансиската стабилност на Хрватска пред усвојувањето на еврото? Што се промени за домаќинствата и за компаниите откако Хрватска го усвои еврото?
Влезот на Хрватска во еврозоната, а особено интеграцијата на Хрватската народна банка во евросистемот беа успешни и непречени. Од перспектива на централната банка, навременото усогласување со ЕЦБ беше од огромно значење. Овој процес беше прилично деликатен бидејќи требаше да се направат големи приспособувања во две главни области од нашата надлежност: монетарната политика и банкарската супервизија и решавањето банки. Со оглед на тоа што повеќето од овие приспособувања беа подготвени и спроведени многу порано, преминот кон еврото се одвиваше непречено и без нарушувања во финансискиот систем.
Конкретно, во областа на монетарната политика, моравме целосно да ја усогласиме нашата монетарна рамка со заедничката рамка на евросистемот. Ова усогласување донесе важни промени во начинот на спроведување на монетарната политика, како и во висината на каматните стапки и правилата во врска со обезбедувањето. Некои од ефектите беа забележливи дури и пред формалното усвојување на еврото. На пример, во месеците пред усвојувањето на еврото, постепено ја намаливме стапката на задолжителна резерва од 9% на 1% за да ја усогласиме со онаа на ЕЦБ, со што се ослободи значителен износ на дополнителна ликвидност за банките. Сепак, ова не предизвика проблеми од аспект на финансиската стабилност. Најголемата промена што произлезе од нашето усогласување со ЕЦБ беше промената на режимот на монетарната политика од целење на девизниот курс кон целење на инфлацијата. Во минатото, користевме режим на целење на девизниот курс, што беше соодветно за нашата мала, отворена и високоевроизирана економија. Со приклучувањето кон еврозоната на 1 јануари 2023 година, почнавме да учествуваме во режимот на целење на инфлацијата на ЕЦБ, според кој монетарната политика се утврдува првенствено преку приспособување на трите основни каматни стапки. Ова внесе промена во многу од нашите редовни активности, како што е процесот на подготовка на макроекономските проекции коишто сега се составен дел од макроекономските проекции на евросистемот на ниво на целата еврозона.
Втората област на усогласување се однесува на банкарската супервизија и решавањето банки. Денес, на патот кон усвојувањето на еврото, од земјите се бара да се приклучат кон банкарската унија во моментот кога влегуваат во ЕРМ II. Хрватска и Бугарија беа првите две земји коишто го поминаа овој процес. Повеќе од две години пред усвојувањето на еврото, односно кон крајот на 2020 година, се приклучивме кон банкарската унија при што воспоставивме тесна соработка со ЕЦБ. Ова претставуваше признание за стабилноста и сигурноста на хрватскиот банкарски систем. Имено, пред воспоставувањето тесна соработка со ЕЦБ, односно пред таа да ја преземе одговорноста за супервизија на најголемите хрватски банки, ЕЦБ спроведе сеопфатна процена на овие банки за да ги утврди сигурноста и отпорноста на нивните биланси. Процената покажа дека сите банки се стабилни и добро капитализирани, дури и во случај на негативни сценарија. Исто така, ЕЦБ утврди дека нашите супервизорски практики се целосно усогласени со оние на еврозоната.
Членството во банкарската унија има свои предности бидејќи обезбедува солидна заедничка рамка за банкарска супервизија и решавање банки, што, пак, ја намалува веројатноста за појава на банкарски кризи и нивното евентуално влијание. Од наша гледна точка, со оглед на тоа што отсекогаш сме се залагале за конзервативна и висококвалитетна банкарска супервизија, најголемата предност е пристапот до заедничкиот фонд за решавање банки во случај на пропаѓање на банки. Имено, доколку некоја хрватска банка пропадне и треба да се реши, овој процес ќе биде поддржан од средствата на Единствениот фонд за решавање банки, којшто се финансира од сите банки во еврозоната и располага со над 70 милијарди евра. Тој е многу поголем од поранешниот државен фонд за решавање банки на Хрватска, чиј капацитет денес би бил околу 0,4 милијарди евра.
Во врска со влијанието на еврото врз домаќинствата и врз компаниите, би сакал да нагласам три конкретни придобивки. Првата е дека со воведувањето на еврото, трошоците за кредитите релативно се намалија. Каматните стапки на банкарските кредити на домаќинствата и компаниите во Хрватска сега може да се споредат со оние во развиените економии од еврозоната, а во некои случаи се дури и пониски, што не можеше да се замисли пред десет години. Втората придобивка е намалувањето на трансакциските трошоци, со оглед на тоа што повеќе нема потреба од конверзија на куни во евра и обратно. Со ова, меѓународната трговија и патувањата се поевтини и поедноставни. Третата придобивка е зголемувањето на финансиската отпорност на домаќинствата и на компаниите. Во минатото, голем процент од хрватските домаќинства и компании беа чувствителни на промените на девизниот курс, бидејќи нивните долгови беа претежно во евра, а нивните приходи во хрватски куни. Кога еврото стана наша домашна валута во 2023 година, овој извор на ранливост исчезна засекогаш.
2. Може ли подлабоката монетарна интеграција да ја намали финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан?
Подлабоката монетарна интеграција има потенцијал да ја намали финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено со оглед на високото ниво на евроизација во многу од овие економии. Еден од главните извори на ризик доаѓа од валутната неусогласеност кога приходите се остваруваат во домашна валута, а долговите се врзани за странска валута. Усвојувањето на заедничката валута го отстранува најголемиот дел од ризикот од промена на девизниот курс, при што домаќинствата, компаниите и владите можат подобро да управуваат со своите финансии, а се намалува и веројатноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на флуктуациите на валутите.
Монетарната интеграција може да доведе и до поголема стабилност. Преку намалување на неизвесноста и зајакнување на кредибилитетот, таа може да придонесе за поголема доверба кај инвеститорите и помали трошоци за кредитите, со што ќе се зајакне отпорноста на надворешни шокови. Со ова се поддржуваат инвестициите, растот и отворањето нови работни места. Истовремено, се намалува ризикот од валутни и банкарски кризи, бидејќи веќе не постојат притисоци врз девизниот курс, а пристапот до ликвидност во заедничката валутна зона е поголем.
Понатаму, со текот на времето, со интеграцијата се продлабочуваат и економските врски. Со сѐ поголемата трговска, финансиска и институционална поврзаност меѓу земјите, нивните економии се движат посинхронизирано, поради што заедничката монетарна политика е посоодветна во практика, иако тоа не беше сосем така на почетокот.
Сепак, монетарната интеграција не е замена за стабилните домашни политики. На земјите сè уште им се потребни флексибилни економии, одржливи јавни финансии и ефикасни институции за да се справат со шоковите. Во спротивност, некои слаби точки може и натаму да постојат или може да се појават нови. Целосните придобивки од интеграцијата се остваруваат само кога таа оди рака под рака со постојани економски реформи и одговорно носење на политиките.
3. Која е најважната лекција за монетарната стабилност што носителите на политиките во регионот не треба да ја заборават?
Наглото зголемување на инфлацијата во периодот од 2021 до 2023 година беше најтешкиот тест за монетарниот кредибилитет од 1970-тите години наваму. Со значителното зголемување на цените на енергијата, прекинот на синџирите на снабдување и зголемувањето на инфлацијата, централните банки беа принудени нагло да ги зголемат каматните стапки. Тогаш, се покажа дека најважна од сѐ е подготвеноста на ЕЦБ за решително дејствување според нејзиниот мандат. Во периодот од јули 2022 до септември 2023 година, таа ги зголеми основните каматни стапки за 450 базични поени, што претставува најголемо затегнување во нејзината историја, притоа враќајќи ја ценовната стабилност и зачувувајќи го долгорочниот кредибилитет.
Споредбата со 1970-тите е поучна. Во таа епизода, поради незакотвените инфлациски очекувања, шокот на страната на понудата се трансформира во спирала што самата се затегнува помеѓу платите и цените. На крајот, требаше да се случи сериозна рецесија за да се врати стабилноста на цените. Поновата инфлациска епизода заврши поинаку. Овој пат, кредибилитетот на централната банка дејствуваше како одлучувачки фактор за постигнување контролирана транзиција.
Сепак, кредибилитетот не беше стекнат преку ноќ. Тој беше граден постепено преку доследно и дисциплинирано водење на монетарната политика и поставување добро закотвени инфлациски очекувања. Така, стабилноста на тие инфлациски очекувања не беше стекната без труд, туку беше производ на независноста на централната банка, транспарентноста и цврстата посветеност на одржување на стабилноста на цените градена во текот на претходните децении. Исто така, кредибилитетот не треба да се земе здраво за готово. Периодот на 1970-тите покажа дека кога тој еднаш ќе се изгуби, неговото повторно градење може да биде долготраен и скап процес, за што ќе бидат потребни години на економско приспособување пред да може да се врати стабилноста на цените.
Затоа, главната лекција е јасна: кредибилитетот на централната банка е тешко стекнато достигнување што директно придонесува за пониска инфлација, постабилни инфлациски очекувања и намалени трошоци за дезинфлација кога ќе се појават шоковите. За економиите во Западниот Регион коишто се на патот кон пристапување во ЕУ и евентуално членство во еврозоната, градењето и одбраната на кредибилитетот се меѓу најважните и трајните придонеси што може да ги даде секој носител на политиките во регионот.
4. Со оглед на тоа што Народната банка на Република Северна Македонија одбележува 80 години централно банкарство, како би се осврнале на Вашата соработка со Народната банка и кои искуства од тој ангажман би ги издвоиле?
Со текот на годините, нашите институции развија силна и конструктивна соработка заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на зајакнување на капацитетите на централното банкарство и зачувување на финансиската стабилност. Особено ги цениме проектите што успешно ги остваривме заедно, вклучувајќи два твининг-проекта и три фази од програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан. Овие проекти создадоа значајни можности за размена на знаењето, стекнување знаења преку споделување искуства и усвојување на добрите практики.
Тука особено би сакал да го истакнам твининг-проектот којшто беше спроведен на почетокот на оваа деценија, што успешно го завршивме и покрај фактот што поголемиот период од неговото спроведување беше нарушен од пандемијата на ковид-19, па затоа бевме принудени да работиме исклучиво онлајн. Овие искуства јасно ја покажаа силната решеност на двете институции да ги спроведат договорените активности, без оглед на тешкотиите со кои се соочија. Тоа ја истакна нивната посветеност за постигнување резултати преку тесна соработка и меѓусебна поддршка, особено во контекст на конвергенцијата кон регулативната рамка и најдобрите практики на ЕУ.
Она што најмногу се издвојува во нашата соработка се професионализмот, посветеноста и стручноста на вработените на НБРСМ. Нивната силна ангажираност, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основклучните фактори за успехот на нашата заедничка работа. Горди сме што бевме дел од иницијативите што го поддржаа институционалниот развој на НБРСМ и со нетрпение очекуваме да продолжиме со нашата одлична соработка во наредните години, надградувајќи ја цврстата основа што ја воспоставивме заедно.