Освен за очекувањата дека на среден рок ќе го постигнеме историскиот просек за нашата економија од околу 2%, со гувернерката Бежоска разговараме и за улогата на банките во стабилноста на финансискиот сектор, за мерките на централната банка за полесен пристап на граѓаните до финансиските услуги, а со тоа и во нивната заштита...
- Ценовните шокови со кои се соочија граѓаните кај нас беа и до два пати посилни од оние со кои се соочија граѓаните во ЕУ. Зошто?
Повеќе структурни и институционални фактори влијаат врз тоа во која мера ќе се одразат инфлациските шокови во една економија. Нашата трговска отвореност е исклучително голема, 140% од БДП, додека во ЕУ е двојно пониска, или 70% од БДП, а колку економијата е трговски поотворена таа е поизложена на надворешни шокови, особено ако нема домашни ресурси за компензирање на тие шокови. Ние сме високо зависни од увоз на енергија како економија, а исто така сме и енергетски неефикасни. За да произведеме една единица БДП, нашата потрошувачка на енергија е тројно повисока во однос на таа во ЕУ, што покажува зошто енергетската криза влијаеше толку силно, бидејќи енергијата е влезна компонента во речиси секој производ. Ако имаме предвид дека шокот дојде главно од храната и енергентите, нивното учество во нашата потрошувачка кошничка е околу 50% или двојно повисоко од ЕУ. Покрај структурните фактори, многу се важни и мерките коишто се преземаат од државите за справување со шоковите. Анализите покажуваат дека во земјите каде што мерките беа помалку целни (намалување на даноците и слично), инфлацијата беше пониска. Но, за тоа е потребен голем фискален простор и прашање е која држава може да го издржи тоа без да се зголеми значително јавниот долг. Дополнителни фактори што влијаат врз интензитетот на инфлацијата се степенот на ефективна конкуренција (во економиите со повисока ефективна конкуренција, ценовниот притисок е помал) и фазата на циклусот во која се наоѓа економијата, особено состојбите на пазарот на трудот. Тоа што е важно да се истакне е дека иако минатата година разликата во однос на инфлацијата помеѓу нас и ЕУ се зголеми за околу 5 процентни поени, оваа година разликите практично ги снема. На пример, во октомври инфлацијата во ЕУ изнесува 3,6%, додека кај нас 3,5%.
- Кога треба да очекуваме инфлацијата да се врати на она претходно ниво?
Кај нас, врвот или највисоката годишна стапка, беше во октомври 2022 година кога достигна блиску до 20%. Оттогаш, постојано се забележува намалување на стапките на инфлација и последните бројки од октомври и ноември се 3,5% и 3,1%, соодветно. Нашите последни, октомвриски проекции предвидуваат дека просечната инфлација за годинава ќе биде околу 9,5%. Следната година, под претпоставка дека нема да има поголеми надворешни и домашни шокови, очекуваме дека трендот на намалување ќе продолжи, соодветно на очекувањата за натамошно стабилизирање на цените на светските берзи на храната и енергијата, коишто годинава гледаме дека значително се намалуваат. На среден рок очекуваме дека ќе го постигнеме историскиот просек за нашата економија од околу 2%. Нашите очекувања соодвествуваат со оние на Европската централна банка за движењата на инфлацијата во еврозоната и ЕУ, коишто очекуваат дека целната инфлација од околу 2% ќе се постигне некаде во 2025 година. Инфлацијата зависи од многу варијабли и особено е важна прудентната поставеност на макроекономските политики. Исто така, важно е да им се посвети внимание на структурните политики, затоа што со нив може да се зголеми понудата, односно домашното производство и да се усогласи со побарувачката, а со тоа да се намали чувствителноста на економијата на некои идни можни шокови.
- Како прв човек на Народната банка, Ваш коментар околу тоа колку деловните банки им се најдоа на фирмите во овој кризен период?
И покрај шоковите и високото ниво на неизвесност и непредвидливост, банките обезбедија солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Кредитната активност не сопре, минатата година таа се зголеми за околу 10%, додека годинава има одредено умерено забавување, меѓутоа сепак расте (според последните податоци вкупната кредитна активност се зголеми за околу 5%). Особено значајна беше кредитната поддршка на корпоративниот сектор којашто минатата година се зголеми за 11%, со оглед на енергетскиот шок и зголемената ликвидносна потреба на компаниите. Во изминатите неколку години презедовме голем број мерки, вклучително и макропрудентни, но и супервизорски мерки коишто придонесоа за јакнење на капиталните и ликвидносните резерви на банкарскиот систем, коишто беа особено важни за обезбедување кредитна поддршка. Во моментов, банкарскиот систем не само што има адекватност на капиталот којашто е највисока во последните 15 години, туку и квалитетот на капиталот е на највисоко ниво. Ликвидноста традиционално е на солидно ниво. Според нашите проекции очекуваме дека кредитите на среден рок ќе растат за околу 7%.
- Мотивирани ли се граѓаните да штедат, бидејќи каматните стапки кај кредитите се повисоки од каматните стапки за депозитите?
Штедењето на населението во банкарскиот систем има солидни стапки. Минатата година тоа порасна за околу 6%, а годинава забрзува достигнувајќи околу 7%, според последните достапни податоци. Се забележува и пораст на каматните стапки за штедењето кај населението којшто е особено видлив кај денарското штедење. Ова придонесува за раст кај штедењето во денари, коешто според последните податоци е околу 11%, а кај девизното 3%. Ние искрено не сме изненадени, бидејќи дел од мерките што ги презедовме беа токму за поттикнување на денаризацијата. Уште една позитивна промена во структурата на штедењето е растот на долгорочното штедење од над 20%, што е исто така потврда за довербата во банкарскиот систем.
- Кога сме веќе кај деловните банки, тие наплатуваат буквално за сe, водење на трансакциска сметка, правење на одредени трансакции за електронско банкарство...Има ли Народната банка некаков механизам за контрола и може ли некако да се намалат надоместоците?
Веќе неколку години една од стратегиските цели на централната банка е поттикнување поголема финансиска инклузија, односно полесен пристап на граѓаните до финансиските услуги, а со тоа и заштита на корисниците на финансиските услуги. На почетокот на годинава стапи во сила новиот Закон за платежни системи и платежни услуги. Една од целите на овој закон беше зголемувањето на транспарентноста и заштитата на корисниците на финансиски услуги, прво преку директни ограничувања на наплатата на надоместоците за одредени видови платежни услуги. Во поглед на законските ограничувања на надоместоците, Законот им дава можност на граѓаните да отворат платежна сметка со основни функции за минимален месечен надоместок којшто тековно изнесува 34 денари (или 0,1% од просекот во изминатите 12 месеци од просечната исплатена нето-плата во земјата), којшто вклучува одреден пакет бесплатни платежни трансакции. Оваа сметка е бесплатна за граѓаните од некои од социјално ранливите категории. Има и други примери за законски ограничувања, како на пример дека банките не треба да наплатуваат никаков надоместок за затворање и за потврда за затворање банкарска сметка.
Второ, новата регулатива обезбедува поголема конкуренција (а со тоа се придонесува и за намалување на надоместоците) преку либерализација на пазарот на платежни услуги, со што за првпат во нашата историја, платен промет можат да вршат и други небанкарски даватели на финансиски услуги (се разбира, треба да бидат лиценцирани од централната банка).
Трето, со законот во голема мера се зголемува транспарентноста, преку обврските за банките и другите даватели на финансиски услуги да бидат транспарентни и јасни во комуникацијата со корисниците за да можат да носат добри одлуки засновани на доволно информации. Од аспект на транспарентноста, Народната банка на својата веб-страница објави алатка за граѓаните за споредба на надоместоците на 11 услуги коишто се користат најчесто. Како централна банка ние ги следиме состојбите во банкарскиот систем и спроведувањето на овој закон, а за таа цел формиравме и посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација којашто постапува во врска со поплаките на граѓаните, прави контроли и доколку утврди непочитување на законската регулатива, се изрекуваат корективни мерки. Делуваме и превентивно, преку финансиската едукација. Во соработка со другите финансиските регулатори работиме на нова регулатива за финансиски омбудсман, посебна институција којашто директно би била задолжена за постапувањето во врска со поплаките на граѓаните, независно од тоа дали се однесуваат на банките или на друг тип финансиски институции. Сето ова покажува дека граѓаните и нивниот интерес се особено важни во работењето на централната банка.
VIDEO