Со пу штањето во употреба на „НБСтат“, нашата централна банка се приклучи кон европското семејство на овластени носители на статистички истражувања коишто следејќи ги препораките на Евростат и на Европскиот статистички систем, како и трендовите на отворени податоци, практикуваат еден од најсовремените начини на дисеминација на статистичките податоци – статистичка алатка во форма на ПХ веб-портал. „НБСтат“, со неговата структура и со техничките можности за достапност на податоците, обезбедува корисниците да ги имаат едни од најдобрите можности за напредно и поедноставено користење на централнобанкарската статистика.
За начинот на употреба на „НБСтат“, целите и очекуваните ефекти на оваа алатка разговаравме со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Банкарство: Кон крајот на минатата година, Народната банка го пушти во употреба статистичкиот веб-портал „НБСтат“ – нова форма на дисеминација на статистичките податоци коишто ги изготвува Вашата институција. Колкав предизвик е дисеминацијата на податоците за централните банки, воопшто во глобални рамки?
Ангеловска-Бежоска: Потребата од обезбедување што поедноставна и посеопфатна достапност на статистичките податоци до корисниците, како и зголемувањето на категориите корисници и на нивните специфични барања од официјалните статистики, во глобални рамки, е секојдневен и голем предизвик за централните банки и воопшто за институциите коишто се носители на статистички истражувања. Централните банки постојано работат на создавање нови дисеминациски канали и производи, преку кои официјалните статистички податоци ќе станат достапни на едноставен и брз начин до корисниците, соодветен на нивните актуелни потреби и приспособен на најновите трендови во сферата на информатичката и комуникациската технологија. А тие често и брзо се менуваат, што неретко е директно сврзано и со процесите на дигитализација и можностите коишто тие ги овозможуваат, истовремено со развојот на новите технологии. Поради тоа, унапредувањето на дисеминацијата на податоците станува уште поголем предизвик за сите нас, носителите на статистички истражувања. Дури и во стратегиските документи на Евростат и на Европскиот статистички систем, коишто содржат препораки за натамошниот развој на официјалните статистики како на национално, така и на глобално ниво, дисеминацијата е посочена како една од статистичките активности на коишто мора постојано да се посветува уште поголемо внимание и да се унапредува.
Факт е дека во денешното дигитално време, кога спецификите на барањата коишто ги имаат корисниците на статистички податоци многу брзо се менуваат, воопшто во глобални рамки тешко е да се претпостави какви ќе бидат потребите и барањата за достапност на статистичките податоци во иднина. Но сите ние, институциите коишто ги сочинуваме националните статистички системи, мора да сме подготвени да одговориме на таквите потреби и да ги следиме трендовите коишто можат да придонесат за еволуција и промена на формите коишто се користат за дисеминација. За да успееме во тоа, неопходно е секојдневно вложување во унапредувањето на активностите во оваа сфера.
Банкарство: А што значи пуштањето во употреба на оваа статистичка алатка за унапредувањето на дисеминацијата на податоците на Народната банка и воопшто, за развојот на нашиот статистички систем?
Ангеловска-Бежоска: Ние, со поддршка од Европската Унија којашто финансиски застана зад проектот со кој се воспостави оваа статистичка алатка, успеавме да се вброиме меѓу централите банки коишто имаат одговорено на предизвикот да ги искористат можностите коишто ги нуди денешната технологија за да обезбедат поедноставна и посеопфатна достапност на статистичките податоци до различните категории корисници, имајќи ги предвид актуелните кориснички потреби и најновите трендови во оваа сфера. Со структурата и со опциите коишто ги нуди алатката, корисниците на нашите податоци ќе имаат една од најдобрите можности за напредно следење на централнобанкарската статистика во меѓународни рамки, а со тоа и за користење и анализа на податоците. Несомнено, сега, достапноста на статистиката на Народната банка е многу подобра и посоодветна во рамките на глобалниот статистички простор. „НБСтат “ е европски дизајнирана платформа – PX веб-портал, којшто е еден од најсовремените начини на дисеминација на статистичките податоци. Меѓу централните банки на земјите кандидатки за членство во големото европско семејство ние сме една од првите коишто имаат ваков портал. И што е особено важно, меѓу ретките коишто уште при првото објавување ги испорачуваат најновите податоци директно преку платформата PX, по што тие веднаш може да бидат предмет и на потемелни и подетални проследувања и анализи од сите заинтересирани.
Инаку, кога велам „корисници на нашите податоци“ не мислам само на граѓаните на нашата земја, туку на сите други коишто ги следат статистичките податоци на централната банка за нашата економија, бидејќи веб-порталот „НБСтат “ е достапен и на англиски јазик. Исто така, она што е особено важно, на овој начин, и домашните и меѓународните институции коишто имаат потреба од тоа, мошне полесно, подетално и побрзо ќе можат самостојно да ги анализираат состојбите отсликани преку податоците, а тоа да биде од корист при носењето оцени, заклучоци, одлуки и сл.
Оттука, се надевам нема да биде нескромно ако речам дека пуштањето во употреба на нашиот нов статистички веб-портал е момент од исклучително големо значење за развојот на централнобанкарската статистика кај нас, особено на полето на дисеминацијата на податоците. Но, и од големо значење за нашиот национален статистички систем. Како надоврзување на платформата „МАКСтат“ на Државниот завод за статистика, „НБСтат“ овозможува значително унапредување на пристапот во дисеминацијата на нашите севкупни национални статистики, со што севкупниот статистички систем добива унифициран, многу посовремен формат, посоодветен на денешните потреби на корисниците на податоци.
VIDEO
Со „НБСтат “ постигнавме последователност на нашите долгогодишни настојувања постојано да ја унапредуваме дисеминацијата на статистичките податоци коишто ги продуцираме во рамки на надлежностите на централната банка. Изминатите години во повеќе наврати постигнавме конкретни резултати со кои го унапредивме и го поедноставивме пристапот до нашите податоци, пред сѐ преку нашата веб-страница. Трудејќи се да ги следиме трендовите, редовно сме присутни и на социјалните медиуми, како современи дисеминациски канали. Па затоа, новиот чекор за воспоставување на овој веб-портал за нас беше логичен и неминовен, бидејќи веќе ги имавме максимално искористено можностите за дисеминација на податоците преку нашите постојни ресурси. Нам ни беа неопходни софистицирани решенија како што е платформата PX и навистина ми е драго што успеавме. Финансиската поддршка од Европската Унија беше од голема важност за да го направиме овој чекор побрзо.
Ја оправдавме довербата и поддршката којашто ни беше дадена со финансирањето на овој проект од европските претпристапни фондови и покажавме и докажавме дека и на полето на дисеминацијата на податоците, како и во други сфери на централнобанкарското работење имаме потенцијал и капацитет да им одговориме на предизвиците на начин својствен на централните банки на државите коишто се дел од Унијата. Но, не запираме тука, туку продолжуваме со спроведување нови проекти, како за дисеминација, така и за натамошно следење на најновите меѓународни и европски стандарди за изготвување статистички податоци.
Банкарство: Што очекувате, какви придобивки конкретно ќе донесе „НБСтат“ за корисниците на податоци?
Ангеловска-Бежоска: Статистичките податоци ја остваруваат целта за која се изработени само доколку им се достапни на корисниците, само доколку навистина им се на располагање на оние коишто носат одлуки и политики, на оние коишто спроведуваат истражувања и анализи. Со „НБСтат“, нашите статистички податоци им стануваат достапни на корисниците на софистициран начин, остварен благодарение на можностите коишто ги нуди интернетскиот простор, но во нашиот случај и благодарение на поддршката од Европската Унија којашто ја препозна нашата решеност да успееме во остварувањето на целта ‒ статистиката на Народната банка да се прикажува во еден од најсовремените формати.
Очекуваме дека покрај тоа што ќе ја унапреди и ќе ја поедностави достапноста на нашата централнобанкарска статистика, „НБСтат“ неколкукратно ќе го скрати процесот на изготвување специфични статистички сетови и временски серии според корисничките потреби и најважно – ќе даде можности за подготовка на повеќе анализи и истражувања со користење на нашите статистички податоци, што ќе биде значаен влог и во натамошното следење на состојбите во нашата економија.
Треба да се има предвид дека, секојдневно, категориите и бројот на корисници на статистички податоци се зголемува. Тоа го потврдуваат и нашите искуства и со бројноста на барањата за упатување и/или овозможување податоци во одредени формати и со бројноста на посетите на веб-страницата и следењето на информациите во делот „Статистика“, особено во деновите кога според утврдениот календар за објавување, веќе се достапни најнови податоци од некој од секторите.
Корисници на податоците коишто ги изготвува и ги објавува централната банка се и граѓаните, носителите на одлуки и политики, истражувачите, аналитичарите, новинарите, меѓународните институции и организации. Но, и приватните компании коишто во контекст на своето деловно одлучување и стратегиско планирање, ја користат статистиката на централната банка за да имаат појасна претстава за одделни сегменти и состојби на нашата економија, релевантни за нив. Исто како и инвеститорите, коишто ги темелат своите процени за евентуални активности во нашата економија, меѓу другото, и на она што го сигнализираат нашите податоци, секако согледано од нивна перспектива. Нашата централнобанкарска статистика ја ползуваат и дипломатите на коишто им е потребна за да пренесат слика во своите матични средини за дел од економските движења кај нас.
Сите тие, со воведувањето на „НБСтат“, имаат гаранција дека секој статистички податок којшто им е потребен, а е во надлежност на Народната банка, сега, веднаш ќе го добијат во формат којшто е најсоодветен за нив. Со тоа, податокот од нашата статистика, сега, за нив има и додадена вредност. Во динамичната денешница, за корисниците на статистички податоци од исклучителна важност е статистичкиот сет или податок што побрзо да им биде достапен во најсоодветен формат за потребите на нивните анализи и активности.
Во практиката, „НБСтат“ нуди можност за: филтрирање на податоците, изготвување временски серии, прикажување на податоците во повеќе форми на визуализација, зачувување и прикажување на ажурирано пребарување, преземање на податоците во различен формат. Ова се оние сегменти коишто во нашава современост на корисниците на статистички податоци им се клучни за да можат самостојно, за што покусо време да дојдат до она што им е потребно, а коешто го нуди официјалната статистика.
Искрено верувам дека воведувањето на „НБСтат“ ќе придонесе не само за почесто користење на нашите статистички податоци, туку и за зголемување на бројот на корисници на податоците. Бидејќи со техничките можности на оваа алатка, податоците станаа подостапни за сите заинтересирани граѓани, а не само за оние коишто ги следат податоците од професионални побуди. Очекувам дека наскоро, и податоците за користеноста на овој статистички веб-портал ќе потврдат дека е така.
<img class="wp-image-61111 size-full aligncenter" src="https://bankarstvo.mk/wp-content/uploads/2020/02/Анита-Ангеловска-Бежоска-интервју-1.jpg" alt="" width="531" height="800" srcset="https://bankarstvo.mk/wp-content/uploads/2020/02/Анита-Ангеловска-Бежоска-интервју-1.jpg 531w, https://bankarstvo.mk/wp-content/uploads/2020/02/Анита-Ангеловска-Бежоска-интервју-1-199x300.jpg 199w" sizes="(max-width: 531px) 100vw, 531px" />
Банкарство: Со воведувањето на „НБСтат“, како што кажавте Вие, е направен многу значен и голем чекор. Беа спроведени и други активности на полето на дисеминацијата на податоците. Каде сме сега во меѓународни рамки на планот на дисеминацијата, особено кога станува збор за централнобанкарската статистика?
Ангеловска-Бежоска: Изминатиов период навистина постигнавме многу на овој план. Меѓу другото, минатата година, нашата земја пристапи кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус. Идејата којашто во национални рамки ја покрена Народната банка пред неколку години, а беше прифатена и активно поддржана од Државниот завод за статистика и Министерството за финансии, стана реалност. Пристапувањето кон овој стандард е голем исчекор и потврда за квалитетот на статистичките податоци произведени во рамки на нашиот национален статистички систем. Нашата земја е осумнаесетта во светот, а втора од Југоисточна Европа, што досега има пристапено кон СДДС плус – прва меѓу земјите од регионот коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија. Дел од овој стандард се и Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Германија, Австрија, Италија, Шведска и Јапонија. Од друга страна има земји со развиени статистички системи коишто се дел од стандардот СДДС – специјален систем за дисеминација на податоци, во кој ние бевме дел уште во 2011 година. Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, пак, и во моментов се дел од првиот стандард на ММФ за дисеминација, ГДДС кон кој ние пристапивме веќе во 2004 година. Инаку, Народната банка испорачува седум од деветте нови категории податоци коишто се услов да се биде дел од највисокиот стандард СДДС плус.
Со воведувањето на „НБСтат“, дополнително се потврдува дека и ние како централна банка, и нашиот национален статистички систем имаме капацитет и успеваме да ја унапредуваме дисеминацијата на податоците по европски терк и според меѓународните препораки за најдобри практики и дека и по пристапувањето кон СДДС плус активно работиме и постигнуваме резултати и преку други важни форми на достапност на податоците до корисниците. Слободно можам да кажам дека сме регионални лидери на овој план и едни од најпозитивните примери во Европа, особено кога станува збор за земјите во развој.
Но, и по постигнатото, не запираме тука и не смееме да запреме. Ние во централната банка, веќе активно работиме и на низа други активности и проекти коишто се значајни за натамошниот развој на нашата статистика.
Банкарство: За крај – може ли да споделите нешто повеќе за тие проекти и активности и за она на што во моментов се работи во Вашата институција на планот на статистиката? Што да очекуваме во иднина како остварување на Народната банка на ова поле?
Ангеловска-Бежоска: Обезбедување квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди е една од основните цели на Народната банка во областа на статистиката. Оттука, во тек се низа проекти со чие остварување ќе се постигне натамошно унапредување на квалитетот на статистичките податоците, нивната расположливост и деталност, што воедно ќе значи и натамошно усогласување на нашата статистка со барањата на Европската унија.
Посебен предизвик претставува и приспособувањето на нашата статистиката кон современите текови на капитална либерализација, новите финтек-производи и услуги, како и осовременувањето на платежните услуги и платните системи. Современите текови ја наметнуваат потребата и од осовременување и приспособување на нашиот систем за прибирање статистички податоци. Ова понекогаш може да значи и наметнување нови обврски за известување или зголемување на сетовите на податоци коишто се доставуваат преку тековните системи за прибирање податоци. Заради намалување на известувачкиот товар, што е наша стратешка определба во статистиката, во Народната банка во тек се неколку проекти, како на пример проектот за интегрирано известување за статистички и супервизорски цели, којшто треба да овозможи рационализирање на начинот на доставување на податоците до Народната банка, а воедно да обезбеди податоци за банкарскиот сектор со потребното нивно на грануларност.
Исто така, како позначаен би го издвоила и проектот за статистика на финансиските сметки, како ново статистичко истражување за чие воспоставување вложивме многу во изминатиот период. Статистиката на финансиските сметки ги опфаќа состојбите и тековите на финансиските средства и обврски на сите институционални сектори во економијата, како и помеѓу овие сектори и странство. Наша заложба е оваа година да ги објавиме деталните податоци за финансиските средства и обврски на домашните институционални сектори, а со тоа да отвориме ново поле за квалитетни економски анализи на финансиските состојби во нашата земја.
Корисничко упатство за полесно користење на „НБСтат“.
До статистичкиот веб-портал „НБСтат“ можете да пристапите преку следната врска .
Интервју на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, за Банкарство.мк ǀ https://bankarstvo.mk/
Фото: Народна банка