Ваша екселенцијо Герберих, почитувани г. Јанмат, секретаре Вучиќ, претставници на централните банки на Германија и Хрватска, почитувани дами и господа,
Ми претставува големо задоволство да ви се обратам на денешниов настан со кој означуваме почетокот на исклучително важен проект којшто очекуваме да даде придонес во нашето натамошно профилирање како модерна централна банка, со силен капацитет и подготвеност за приклучување кон европското семејство на централни банки.
За нас, уште од самиот почеток на процесот на транзиција, Европската Унија претставува многу важна институционална, економска и политичка одредница. Самиот претпристапен процес за влез во Унијата обезбедува клучни алатки коишто го поддржуваат и го зајакнуваат реформскиот процес во една земја којашто се стреми кон полноправно членство, а со тоа се зајакнуваат и нејзините институционални капацитети и економски фундаменти. Секако, побрзата институционална и економска конвергенција, вклучувајќи го и побрзото приближување до европските централнобанкарски вредности, ќе значи и побрзо интегрирање во европското семејство.
Токму затоа, ние во Народната банка, постојано го зајакнуваме нашиот капацитет преку различни модалитети, често пати и со директна поддршка од ЕУ, преку нејзините расположливи алатки. Активното користење на програмите ТАЕКС и директната билатерална соработка со централните банки од земјите членки на ЕУ, се само некои од модалитетите преку кои постојано ја зајакнуваме нашата инфраструктура во различни сегменти на нашето работење. Во овој контекст, мислам дека е важно да се потсетиме на ИПА-проектот од 2012 година, чијашто основна цел беше детална анализа на нашата усогласеност со европската регулатива и практики и јасно утврдување на празнините. Ме радува што денес, благодарение на посветеноста на моите колеги, голем дел од утврдените празнини во рамки на проектот веќе се пополнети. Но, во денешното динамично окружување, во кое големи промени трпи и европската регулатива, усогласувањето кон европските стандарди е континуиран процес, кој подразбира постојано јакнење на капацитетите на институциите.
Во име на Народната банка, срдечно ѝ се заблагодарувам на ЕУ што и преку овој најнов проект застана зад нас, зад нашите напори за натамошно усогласување на правилата, политиките и работењето со европските стандарди, а во функција на натамошно јакнење на макроекономската и финансиската стабилност. Со поддржувањето на овој проект, укажана ни е голема доверба, којашто не се сомневам дека ќе ја оправдаме со испорачување конкретни резултати. Планираните проектни активности опфаќаат четири области од доменот на централнобанкарското работење. А особено е важно што во сите тие области, во периодот по глобалната економска криза, на глобален план се случуваат големи промени кои значат и нови предизвици за централните банки.
Проектните активности од првата компонента се во сферата на платежните услуги и платните системи – област во која процесот на финансиски иновации се одвива со најбрзо темпо, поради што предизвиците се исклучително големи. Активностите во голема мера ќе бидат насочени кон успешното спроведување на подготовката на новиот закон и новите подзаконски акти за платежни услуги и платни системи – на што работиме заедно со Министерството со финансии. Новата регулатива ќе значи транспонирање на најновото европско законодавство во оваа област кај нас и создавање услови за значајни промени на нашиот платежен пејзаж. Со отворањето на влезот за финтек-компаниите ќе се обезбедат можности за зајакнување на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги, а со тоа и можности за збогатена понуда на нови, иновативни и полесно достапни производи по конкурентна цена.
Во размислувањето што сѐ треба да опфати овој проект, меѓу другото имавме предвид дека глобалната економска криза, која е зад нас, јасно апострофираше дека макроекономската стабилност не е гаранција за финансиска стабилност. Но истовремено апострофираше и дека финансиската нестабилност има долгорочни неповолни ефекти врз економскиот раст и макроекономската стабилност. Ова го објаснува и големиот исчекор што го направи ЕУ – формирањето на банкарската унија поставена на два столба: единствениот супервизорски механизам и единствениот механизам за решавање проблематични банки. Нема сомнение дека земјите коишто се движат на патот кон ЕУ и Европската монетарна унија ќе мора интензивно да работат и на усогласување на супервизорската поставеност, како и на други институционални и структурни елементи важни за непречено функционирање на финансискиот сектор.
Затоа, втората проектна компонента се однесува токму на банкарската регулатива и супервизија и има за цел подобрување на нашите супервизорски капацитети. По значајното усогласување со европските капитални барања, во рамки на овој проект фокусот ќе биде ставен на процесот на управување со ликвидноста, но и воопшто, на зајакнување на управувањето со ризиците, особено со кредитниот ризик, кој имајќи ја предвид структурата на банкарските активности, е најзначајниот ризик во банкарското портфолио. Проектните активности се во согласност со најновите заеднички заклучоци од економскиот и финансиски дијалог со ЕУ и меѓу другото се во функција на натамошно намалување на нефункционалните пласмани, односно на подобрување на квалитетот на билансите на банките, што е важен предуслов за поинтензивна кредитна поддршка.
Драго ми е што и преку овој проект е видлива и нашата стратегиска цел за обезбедување квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди. Поконкретно, третата проектна компонента е фокусирана на понатамошното развивање на статистиката на финансиски сметки, којашто е клучна за утврдување на меѓусекториската поврзаност во рамки на една економија, а со тоа и за утврдување на можноста за прелевање на шоковите од еден сектор во друг. Во изминатиот период, ние презедовме низа активности во овој сегмент. Пред речиси две години го извршивме нашиот прв пренос на податоци за годишните финансиски сметки – состојби до ЕВРОСТАТ, а во април минатата година подготвивме детални податоци за тековите на финансиските средства и обврските за секторот „држава“, што е една од клучните компоненти за составување на табелите за постапката на прекумерен дефицит (ЕДП). Проектните активности ќе бидат насочени кон натамошно подобрување на квалитетот на оваа статистика, особено имајќи превид дека нејзиното прво објавување е предвидено во текот на наредната година.
За нас во Народната банка мошне важно ќе биде и она што ќе го постигнеме во рамки на четвртата компонента на овој проект – истражувањето, знаењата и вештините во анализа на политиките. Акцент ќе биде ставен на оцената на поврзаноста помеѓу реалните и финансиските циклуси и утврдување на улогата на финансиските фактори за економските флуктуации во македонската економија. Оваа тема доби особено значење по избувнувањето на глобалната економска криза, и нема сомнение дека нејзиното истражување кај нас ќе придонесе за подобрување на препораките за носителите на одлуки.
Почитувани,
Ни претставува големо задоволство што во спроведувањето и на еден ваков голем и значаен проект, наши партнери се централните банки на Германија и на Хрватска. Им благодарам што прифатија да бидат дел од овој проект и преку него и овој пат да нѐ поддржат во процесот на европската интеграција.
Им благодарам и на централните банки на Белгија, Литванија, Португалија, Романија и на Холандија, кои исто така прифатија да го поддржуваат нашето чекорење кон европските вредности. Верувам дека во не така далечна иднина ќе бидеме партнери не само во проекти за имплементирање, туку и рамноправни партнери во поставувањето на европските стандарди во централнобанкарското работење.
На крајот, да се потсетиме на тоа што го им кажано Роберт Шуман во Декларацијата од 1950 година: „Европа нема да се создаде одеднаш и според еден единствен план. Таа ќе се изгради преку конкретни постигнувања коишто најпрво ќе создадат вистинска солидарност“. Се надевам дека постигнувањата што ќе ги оствариме во рамки на овој проект уште еднаш ќе ја потврдат нашата подготвеност да бидеме активни и конструктивни учесници во натамошната изградба на Европа.
Ви благодарам за вашето внимание.